МПЦ заслужува автокефалност

Поради работните обврски во минатото го научил македонскиот јазик, кој во Грција го зборува само со некои студенти што студираат на грчките теолошки факултети. Во Грција речиси не се среќава со Македонци, зашто, како што вели самиот, туристите не посетуваат грчки цркви

Сомалис во Македонија доаѓал уште од 2002 година

Панајотис Сомалис, црковен пејач во Грција

Македонската православна црква-ОА заслужува да добие автокефален статус меѓу православните Цркви. И други Цркви имаат проблеми, но сепак се независни и имаат можност сами да одлучуваат. Сепак, национализмот е заеднички проблем на сите православни Цркви. Вака Панајотис Сомалис, црковен пејач (псалт) од Грција, кој зборува и на македонски јазик, ја опишува состојбата на нашата Црква во православниот свет, како и неговата отвореност да соработува со македонските свештеници и да ги учи на византиско црковно пеење.

Тој речиси 15 години работи и помага во црквата „Свето Благовештение“, која се наоѓа на десетина километри од Атина. Потекнува од побожно семејство, па љубовта кон верата го мотивирала да се запише во посебно училиште за црковно пеење. Во Грција, како што вели Сомалис, има традиција секој црковен обред да се извршува со црковна песна.

– Освен црковната работа, вработен сум во една меѓународна фирма за ортопедски протези. Во црквата најчесто работам во неделите и на големи празници – нагласува Сомалис.

Византиско црковно пеење

Поради работните обврски во минатото го научил македонскиот јазик, кој во Грција го зборува само со некои студенти што студираат на грчките теолошки факултети. Во Грција речиси не се среќава со Македонци, зашто, како што вели самиот, туристите не посетуваат грчки цркви.
– Во Македонија доаѓам уште од 2002 година, кога стекнав многу пријатели Македонци. Посетив и неколку цркви. Бев и во Бигорскиот манастир, кој, според мене, е центарот на духовниот живот во Македонија – истакна Сомалис.

Во скопската црква „Свети Димитрија“ го слушнал црковниот хор како пее црковно пеење на српски јазик, но не му се допаднало.

– Тоа пеење не е традиција. Во Грција се претпочита византиското црковно пеење, односно источното црковно пеење. Таква беше и традицијата во Македонија, но се смени откако Србите имаа поголемо влијание на тие простори – смета црковниот пејач.

Изолацијата е политичко прашање

Тој вели дека изолацијата на МПЦ од другите православни Цркви е прашање на политика.

– Во Грција некои луѓе гледаат на МПЦ како на расколничка црква, други се воздржуваат од каков било контакт со таа Црква, но има и такви што се толерантни и пријателски насочени – нагласува Панајотис.
Неговиот впечаток е дека МПЦ на некој начин научила да живее изолирано.

– Иако сакаат да бидат дел од православниот универзум, сепак претпочитаат да ги следат сопствените начини на практикување на верата – смета Сомалис.
Сепак, тој оценува дека и одредени луѓе во МПЦ не се подготвени да се соочат со Грчката црква, зашто на нив реагираат како на непријатели.

– За жал, национализмот е заеднички проблем во православната Црква, како и во некои протестантски цркви. За разлика од нас, православните, католиците имаат многу поголем степен на „универзализам“. На пример, пред неколку години, Македонците-католици на источен обред имаа прослава во Битола. Грчкиот епископ учествуваше на тој обред. Нему не му беше гајле за македонскиот проблем. Тој ја исполни целта на Рим – додава Сомалис.

Автор: Радмила Заревска
Фотографија: Ненад Андонов