Онаа што поради нејзиниот живот беше отфрлена и која поради покајанието беше примена, носејќи миро, Ти пристапи, викајќи: Ти, Кој се роди од Дева, не отфрлај ме мене блудната. Не презирај ги моите солзи, Ти, Кој си радост на ангелите. Но прими ме, мене којашто се каам, грешницата што не си ја отфрлил, Господи, поради Твојата милост голема.
Стихира од Велика Среда
Кој ќе им донесе радост на срцата наши во оваа долина на суетата и плачот, ако не Христос, Единиот Творец на вистинска и бесмртна радост. Кој би можел олеснување од тешкото бреме на гревовите да ни подари во овој свет преполн со соблазни и беззаконија? Христос, само Он може да простува гревови. Кој ќе ги очисти душите наши извалкани од смртна нечистотија во ова место на гревовна кал, смрдеж и трулежност? Христос, Очистителот на секаква скверност и нечистотија.
О, колку блажена и богоблагословена е онаа жена грешница што ја знаела оваа вечна вистина, та непоколебливо и неодложно таму каде што пребивал Спасителот со учениците Свои поитала и излевајќи скапоцено миро, со косите свои нозете Негови ги истрила, и без да знае, телото Негово за погребение го подготвила, на два дни пред Пасха, во градот Витанија, во домот на Симона Прокажениот! Знаела таа и верувала дека Оној, Кој не се згнаси да влезе во куќата на губав човек, но отиде и го излекува, нема да се згнаси ни од нејзината душевна губа, туку како Бог ќе може да ја излекува. Знаела таа и верувала дека Оној, Кој пред некој ден Лазара од мртвите го воскресна, ќе ја воскресне и нејзината од гревот умртвена душа. Не губела вера во Неговата божествена љубов, не губела надеж во Него, го победила стравот дека Бог, можеби, нема да има доволно љубов за неа, паднатата во секакви беззаконија. Не, туку поразена од чудесната, божествена убавина на Спасителот, се фрлила понизно со главата своја пред нозете Негови, плачела горко над себе, целата изранета и нагрдена од гревот, плачеча над Него, толку прекрасен, Кој поради неизмерна љубов дојде во свет толку страшен и ужасен. Таа ништо со усните свои не зборувала, и ни прошка барала, ниту нешто ветувала, но со срцето свое се молела: „Владико, Ти Самиот знаеш како јас, сегрешната, до Тебе, Безгрешниот, да се допрам се осмелив; знаејќи за своите скверни дела, јас бесрамно до Тебе, Пречистиот Бог, се приближив, и бидејќи сакам да се спасам, пред Тебе, Господи, паднав. Прими ја, Христе, желбата на душата моја. Ти, Пречисти, од гнасното злословие на беззаконијата извади ме. Според благоста Твоја, Благоутробен, раните од прегрешенијата мои очисти ги, наместо со миро, со солзите мои измиј ги. Да, Спасителу, Кој си дошол грешниците да ги спасиш, Те преколнувам, солзите на бедното срце мое не презирај ги. Зашто знам дека за Тебе нема ништо невозможно, оти Ти можеш да направиш сè што ќе посакаш“.
А Христос Милостивиот гледајќи ја таквата отвореност на нејзината душа за светињата Божја, таквата нејзина способност да љуби, да љуби до солзи со целото свое срце, објавил дека ѝ се простуваат нејзините гревови. Знаел Срцезналецот за големата вера на оваа жена и го пофалил делото нејзиното и славно за веки го направил. „Вистина ви велам, каде и да биде проповедано ова Евангелие, по цел свет ќе се прикажува тоа што го направи таа, за нејзин спомен“ (Мт. 26, 13). И се исполниле овие пророчки зборови на нашиот Спасител, како што се исполниле и ќе се исполнат сите други Негови пророштва. „Премолчени се“, вели Златоустиот, „подвизите на многу цареви и војсководци, чиишто споменици и денес се сочувани; ни по слава ни по име не остнале познати градители на градови, ниту оние што со ѕидини ги опашале, ниту оние што победи во војните однеле, ниту оние што трофеи освоиле и многу народи покориле, иако, за да бидат славени од потомството, статуи подигнувале и закони одредувале – а тоа што блудната жена излеала благоухано миро во куќата на некој прокажен, во присуство на дванаесет луѓе, се прославува по целиот свет, и споменот за тој настан не исчезнал, иако оттогаш поминало веќе многу време“ (Св. Јован Златоуст, Бес. 80 на Евангелието по св. Матеј).
Навистина допре гласот на Спасителот за делото на оваа прекрасна жена по сите земји, градови, села и најскриени населби каде што се раширила евангелската проповед, но не допре тој глас и до срцето на Јуда Искариотски, еден од дванаесетте. Не допре, зашто најпогубната страст на среброљубието ги беше затворила вратите на неговото помрачено срце, та тој иако со Господа живешее, во Господа не веруваше, ниту гласот Господов го слушаше, ниту делата Божји ги препознаваше. „Тогаш еден од дванаесетмината, по име Јуда Искариотски, отиде кај првосвештениците и им рече: ‘Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам?’ А тие му предложија триесет сребреници. И оттогаш тој бараше погодно време да Го предаде“ (Мт. 26, 14-16). О безумство невидено! За триесет сребреника Дарителот на секакви блага и вечниот живот беше предаден! О колку е бесмислена, ништожна и најпогубна таа злокобна страст на среброљубието! Ништо не е посташно од неа, која верата ја убива, надежта ја уништува, пламенот на љубовта го гасне!
Да бегаме, верни, да бегаме од овој смртен отров за душите наши. Да не се приврзуваме со нашите срца за ништо земно, туку да пристапиме со нив кон Христа, како жената блудница, чиј спомен го славиме во оваа најсвета и Велика среда; да Му пристапиме со целата наша огревовеност, да ги целиваме Неговите нозе пречисти со сета своја душа, со сета своја сила, но и со сета немоќ своја… Да поверуваме во Неговото страдање, во Неговата љубов, да поверуваме во Неговата вера во нас и да се надеваме со надежта што никој не може да ни ја одземе, зашто верен е Бог и јасно е Неговото ветување: Он не дојде да го суди светот, туку светот да го спаси. Да пристапиме кон Него, грешни, за спасение и Он ќе нè помилува и спаси. Амин!