Твоето Царство, Христе, е Царство над сите царства и Твоето владеење е над сите владичества!

Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим – Цветници

„Дојде часот – вели Господ – да се прослави Синот Човечки“. Дојде крајот на четириесетдневното посно патување, останува уште да се изоди краткиот пат од Ерусалим до Голгота. Навистина, пат мал по денови, но најголем по настани и значење. Тоа е патот на Христовите доброволни страдања, тоа е патот на Неговото прославување и на нашето спасение. Така било предвестено, така требало Христос да пострада и да влезе во славата Своја и да се зацари за веки. Крстот, пак, кој веќе се наѕира на врвот од Голгота е жезол на тоа царското достоинство Христово, оружје на победата, знак на спасението, поклонение и слава на родот христијански. Но пред да го прими тоа царско знамение – Крстот, Спасителот денес со торжество влегува во царскиот град Ерусалим, и со царски пречек е пречекуван, со царски поздрав е поздравуван: Осана! Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово! Осана во висините! Цветници – собитие за Влегувањето на Господ Исус Христос во Ерусалим, единствено евангелско собитие кое го одразува надворешното, човечко прославување на Спасителот. Народот ликува, пресретнувајќи Го Царот на мирот и Воскресителот на Лазара со радосни восклици, палмови гранчиња и цвеќе, со постилање на облека по патот по кој врви. „Денес земјата, исполнета со радост, Му го постила патот со благомирисни гранчиња, и луѓето на радост ги повикува…, исполнувајќи ги срцата на верните со похвали, за да запеат песни: Благословен е Кој иде во името Господово – Христос, нашиот Цар и Бог! Благословен е Тој што иде за да пострада, да го разруши царството адово, и да ги изведе запленетите, кои беа уште од првиот Адам држени во бездната на земјата“ (Св. Климент Охридски, Поука на Цветници).

Денес и Бигорската обител со радост се исполни, пречекувајќи Го благодатно Небесниот Цар. Оваа молитвена ноќ и утро храмот на Крстителот зрачеше со триумфална светлина, зрачеше и сведочеше за Царството на Божјата љубов, за Царството на радоста и животот, Царство кое силно засветли оној ден во Ерусалим. Понесен од тој празничен блесок и вдахновен од животворните евангелски зборови на овој ден, нашиот возљубен Старец, архимандрит Партениј, и овој пат ги поучи своите чеда за тајната на небесниот Цар и Неговото вечно Царство, споделувајќи ги чедољубиво со нас неговите созерцанија:

„Ете, слушнавме, мили мои, од светото Евангелие, како Христос, нашиот Цар и Бог, пред Своето славно Влегување во Ерусалим и објавата на Неговото Царство, во Витанија ѝ објави војна на смртта, воскреснувајќи го Својот пријател Лазар. Видовме како Неговиот животворен глас, со кој го повика четиридневниот мртовец од гробот: Лазаре, излези надвор! (Јн. 11, 43), се покажа помоќен од смртта. Така, Лазаревото воскресение од мртвите торжествено Му Го објави на целиот свет Победителот на смртта, Господа Исуса Христа, Кој потоа, со Своето преславно Воскресение, му го врати достоинството на паднатиот Адам, а преку него и на сите нас, потомците Адамови.

Бог нѐ создал за вечен живот, но непослушанието и гревот нѐ лишија од тоа Божествено достоинство и нѐ предадоа на смртта. Сега, пак, Христос Воскресителот нѐ избавува од мракот на смртта и нѐ облекува во светлината на нашето првобитно достоинство на бесмртноста. Од благодарност за овој бесценет дар Божји, домот Лазарев, на шест дни пред Пасха (12, 1), како што прочитавме пред малку од Евангелието, Му приготви вечера на необичниот Учител, а Марија, сестрата на Лазар, со чисто скапоцено миро ги помаза нозете Исусови и ги избриша со косата своја нозете Негови (3). На тој начин, Марија, без да знае, го подготви, всушност, Телото Исусово за погребение. Таа го запази тоа за денот на Моето погребение (7) – објавил Господ тогаш. Со Својата неиспитлива промисла и со Божествено предзнаење, Господ го допуштил овој настан, зашто злото против Него веќе се кревало, и предавството во мислите на Неговиот ученик Јуда веќе било подготвено. Еден од учениците Негови, Јуда Симонов Искариотски, кој сакаше да Го предаде, рече: Зошто не се продаде ова миро за триста денарии…? (5) Јуда се побунил за скапоценото миро, кое се излеало на најскапоцениот и на најголемиот Цар, на Царот Кој дарува вечност, на Царот на љубовта и мирот… Т

воето Царство, Христе, е Царство над сите царства и Твоето владеење е над сите владичества! И како да не се радувам, Христе мој, што сум Ти поданик Тебе, вечниот Цар и член на тоа Царство Твое!? Тоа е Царство кое нема никогаш да престане, и тоа единствено дава живот и духовна радост. Ниедно друго царство не носи живот, туку поскоро смрт и жалост. Сите цареви од овој свет на едни им носеле радост, но на други смрт и тага. Единствено Христос носи радост за сите, бидејќи Тој е Победителот на најстрашното зло, кое преку гревот влезе во светот – смртта. Да се потсетиме на вчерашното Евангелие, на Христовиот плач и солзи. Заплакал Господ поради смртта, поради бедната состојба во која паднал човекот по својата слободна волја. Плаче над таа беда човекова и од љубов, од неизмерна татковска љубов, доаѓа да го спаси човештвото, да го повика од смртта родот Адамов. „Благословен си Ти, Кој доаѓаш да го повикаш Адама“ – се вели во Кондакот на денешниот празник. Спасителот Христос дојде да се соочи со смртта, да ја погледне очи в очи и да ја порази, избавувајќи нѐ сите нас од неа и воведувајќи нѐ во славата на Своето Царство.

Токму затоа денес, после Лазаревото воскресение, Господ Исус Христос во Ерусалим го објавува Своето вечно Царство. Народот Го пречекува како вистински Цар, со палмови гранчиња, со цвеќиња, со извици и со месијански и царски поздрави: Осана! Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев. Денешното ликување во Ерусалим било, навистина, најголемото торжество од земниот живот на Христос. Нешто што го потресло целиот Ерусалим и ги збунило еврејските старешини и свештеници. Исполнети со завист и потонати во својата гордост и лицемерие, тие не можеле да Го поднесат добриот Учител, добриот Христос, и неволно меѓу себе си признале: Гледате ли дека ништо не помага? Ете, светот тргна по Него! (19). Во овој миг на најголема радост ни се наметнува и тешка тага, тага која доаѓа од злобата на еврејските првенци, кои веќе смислувале убиство за Христа. А за остварување на таа нивна злобна цел, знаеме, тие се поврзале со Јуда Искариотски, предавникот на Христа.

Но да се радуваме, мили мои, да не ѝ дозволиме на тагата да нѐ надвладее, бидејќи Христос го претрпе сето тоа зло за да нѐ спаси. Тој е нашиот Цар. Нашата душа навистина треба благодарно да се радува затоа што припаѓаме на едно Царство кое не е од овој свет. Ние припаѓаме на Царството на љубовта и милоста, на добрината и радоста, Царството на вечноста… Царството на вечно општење и заедница со Бога. Нашиот Бог не е некој бесчувствителен монарх или тиранин, кој сака само да заповеда и казнува. Ние за Цар Го имаме Троичниот Бог, Кој и Самиот е Заедница на љубовта. Затоа на христијанинот не му приличи да тагува за ништо, освен за своите гревови. Неслучајно денес светиот апостол Павле нѐ повика на таа духовна радост: Радувајте се секогаш во Господа, и пак ќе речам: радувајте се! (Фил. 4, 4) Со нашата внатрешна радост, која доаѓа од љубовта кон Бога и правењето доби дела во Негово име, ќе бидеме достојни чеда на Царот Христос, Кој не е цар што само седи на престол за да владее и да ги измачува своите слуги, туку, Он, облечен во крајно смирение, е и наш Татко небесен, а ние – Негови синови, Он е и наш брат, а ние – собраќа Негови, Он е и наш другар и пријател. Гледајте до каде отишла љубовта Божја! Бог стана како еден од нас, стана човек за да примиме посиновение (Гал. 4, 5) и да се наречеме синови на Бога, синови на Царот на мирот.

Но, можеби, некои ќе ни приговорат: „Зарем го има Неговото Царство во овој свет на омразата, свет кој се наоѓа во потполно бунило, свет кој луѓето го претвориле во мртовечница, во арена на злобата?“ Ние, пак, ќе им дадеме смирен одговор за нашата вера и ќе им речеме: „Да, живее Неговото Царство, живее во срцата на оние што прифатиле да бидат поданици на тој чудесен Цар. Зашто ако Му дозволиме, ако Му ги отвориме и предадеме Нему своите срца, Неговиот живот ќе тече во нас, и во нашите очи луѓето ќе го гледаат одблесокот на животот вечен“. И би можел слободно да кажам дека во мојот живот оваа вистина се посведочи многупати. Не го имам прочитано тоа во книга, туку со свои очи го видов. Видов како, кога некој ќе Го прими Христа, мртвилото во неговите очи се претвора во живот. Сум гледал како безживотни лица од кои се читало само студенило и смрт, станувале лица полни со топлина и живот. Сум видел како мракот од лицата на оние што тргнале по Христа се губи и ѝ отстапува место на светлината. Потребно е само човек да Го повика Царот на срцата, Царот Кој сака да живее во човечкото срце и искрено да Му се предаде. Големиот руски мислител Ф. М. Достоевски вели дека овој свет е постојана борба помеѓу доброто и злото; „тука ѓаволот против Бога се бори, а поле на таа битка се срцата на луѓето“ (Браќа Карамазови). Да Му помогнеме на Бога да ги завладее нашите срца. Така светот ќе стане многу поубав, ќе стане светлина и радост. Да Го прифатиме и пречекаме Христа како наш Цар и Господ, како што денес Го пречека Ерусалим, бидејќи Тој е Цар духовен, Цар на срцата, Цар на мирот, Цар на внатрешната и вечна љубов Божествена. Да Го пречекаме како Ерусалим, но не и да Го предадеме и распнеме. Зашто знаете дека ние луѓето во многу нешта се покажуваме непостојани. Ги чувствувавме Божјата благодат и љубов, но од друга страна, пак, гревот и мракот лесно нѐ обземаат и ние паѓаме со духот. И тогаш наликуваме на ерусалимците кои, по благодатта на Светиот Дух, Го пречекале Христа како Цар, но само по неколку дена сите тие Го оставиле и се откажале од Него, Го осудиле како најголем разбојник, Го предале на маки, срамотење, на Крст. Да не го правиме и ние тоа, бидејќи Тој се соедини, стана едно со нас. На секоја Литургија Тој доаѓа и се вселува во нас, правејќи нѐ сопричесници на Неговото Божество. И на секоја Литургија ние го пресретнуваме со денешниот празничен восклик: Благословен е Кој доаѓа во името Господово! Осана во висините! Затоа, од љубов кон Него, да не Го распнуваме со нашите зли дела, туку да мислиме, како што кажа Апостолот денес, на она што е вистинско, на она што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба (Фил. 4, 8). Тогаш Он ќе живее во нашите срца и Неговиот бесконечен живот ќе тече низ нашите вени, во нашето тело, и во нас повеќе ќе нема место за смртта, туку само за живот. На тој начин ќе придонесеме околу нас да биде светло, да биде убаво, да биде благословено. Ќе ги правиме радосни нашите ближни, бидејќи Христос затоа и дојде во светот – да донесе љубов и мир, да донесе радост и, пред сѐ, вечен живот. Неговиот прв поздрав до учениците после славното Воскресение беа зборовите: Радувајте се! (Мт. 28, 9)

Да мислиме, возљубени, во овие денови на Неговите Страдања, на Неговата неизмерна љубов, како поданици Негови, како христијани, кои се чеда на вечното Царство, на љубовта и милоста Негова, и да ја проповедаме таа љубов и милост Божја на светот! А Царот Христос, Кој некогаш влегол во земниот Ерусалим во слава, а денес литургиски влегува во нашиот внатрешен, духовен Ерусалим – во срцето наше, нека остане таму сега, и секогаш, и во вечноста. Амин!“