Свет и Велик Понеделник

Чесните страдања на овој ден, како светила совршени му светат на светот, зашто Христос, Кој со Својата рака држи сѐ, со добрина доаѓа да пострада и прифаќа да се распне на дрво, за да го спаси човекот

Седален од Утрената на Велик Понеделник

Брза Господ кон доброволно страдање, побуден од незапирливата и чудесна љубов за спасение на човекот, заминува да ја испие чашата на болката и смртта. Се соединува Он со немоќната наша природа за да ја исцели; се допира до сета наша ништожност за да ја издигне и обожи; во рацете Свои ја зема и оживотворува душата наша, огрубена од гревот и неплодна како смоквиното дрво. И еве сега, кога го завршува Својот несфатливо тежок земен пат, Он нѐ повикува да патуваме заедно со Него, притоа таинствено поткрепувајќи нѐ во подвигот што го започнавме. Неговото човекољубие и во овие последни мигови не престанува со небесна благодат да го освежува нашето гладно битие, кое силно се надева да биде нахрането и исполнето со безграничната милост Негова. Ни ја предочува Својата божествена моќ и сила пред Своите страдања, за во силата на вистинската вера да ни се открие плодот на благодатта.

Ете денес сиот православен свет стои пред Христовото неземно смирение и долготрпение во маките, пред неискажливата Негова снисходливост која тргнува да ги допре адските простори за духовно истоштениот човечки род да го прослави. Тргнува Он, Младоженецот, да ја помилува, утеши, закрепне, да ја ослободи од тешкото бреме својата невеста – Црквата, која неуморно повикува барајќи да влезе во Неговата свадбена одаја и да ја прими Неговата благодатна светлина. Доаѓа Он и нема да задоцни и блажен е слугата што ќе го најде буден, оти долготрпеливиот и семилостив Господ, Кој сака сите да се спасат, погледнува на покајанието, гледа во срцето на човекот кој тргнал во потрага по Него. А да се најде Христос, тоа значи да се претрпи до крај, но само со распнатата љубов, чиишто плодови светлат среде мерзоста на запустението и даваат непосрамлива надеж во радоста на Воскресението.

И ете мноштво верни чеда пристигнаа во Бигорската свештена обител, која преисполнета со трепетна љубов за Бога секогаш најсрдечно ги прима, за заедно со нив да земе лично учество во претстојните собитија од Христовиот живот. Го изнесува денес таа Младоженецот на Црквата пред богокопнежливите души, кои усрдно бараат да се облечат во небесна светлина за така да влезат во свадбената и преукрасена одаја. А Бигорскиот Претечев храм исполнет со неискажлив мир и спокој, им го симнува Божјиот благослов што ги посетува нивните верни срца и ги воведува во прекрасната атмосфера на Великата и Страдална Седмица, притоа трудејќи се најавтентично да им ги пренесе овие последни и толку значајни мигови од животот Христов. Токму од таа свештена одаја, низ умилните гласови на псалтите се испраќа пораката: … Дојдете, со очистени мисли, и ние да одиме со Него, и со Него да се распнеме, и заради Него да се умртвиме за животните наслади, та со Него и да оживееме, и да Го слушнеме како вика: … ќе ве издигнам и вас со Себе во горниот Ерусалим, во Царството небесно. Амин.