Благовештенска радост и Страдањата Христови

Ете, Оној Кој дојде да нè повика, сега ни се јави: Бог надумно се соединува со луѓето; со гласот на Архангелот прелеста се изгонува, а Дева радост прима; небото слегува на земјата и светот од првата клетва се ослободува. Созданието нека се радува и гласно нека запее: Создателу и Избавителу наш, Господи, слава ти.

Стиховни стихири на Вечерната на Благовештение

 

Со души украсени како со светилки запалени, да се придружиме на Младоженецот кој доаѓа за нетлена свадба…

Трипеснец на Велики Вторник

Денес самракот на овие тажни страдални денови го пронижува зрак на силна радост: Архангел Гаврил е испратен кај Адам да му го донесе печатот на повторното раѓање, испратен е кај Дева за да го преобрази срамот на нејзината прамајка во слава, да приготви достојна одаја за пречистиот Жених, Создателот со созданието да го венча. Бестелесниот слуга кај неизвалкана девица доаѓа, безгрешниот со Онаа која во девствена чистота се сочувала разговара, и го навестува слегувањето на Творецот како огнен столб среде мракот на гревот човечки:

„Радувај се, благословена меѓу жените, Господ е со тебе! Ѓаволот веќе нема власт, зашто таму каде што древниот човекомрзец нанесе рана, таму сега Лекарот на душите и телата полага мелем на спасение! Таму од каде што дојде смртта, сега Животот влез си подготвува! Таму од каде што наиде потопот на нашите зла, сега извира врутокот на благословот!“

Еве дело на радост, време на веселба, царство на спокојството, домострој на спасението, почеток на утехата. Навистина е благословена Онаа Која со сета мисла, сето срце, сиот свој живот толку длабоко смирено и молитвено го изговори името Божјо, што Го наведе Бога да слезе и стане плот во неа. А благословени сме и ние, луѓето, што преку неа ја примивме оваа радосна објава и повторно за царско свештенство се удостоивме. Оти ако Словото не се вселеше во пречистата утроба на Дева, плотта наша немаше да ја издигне со Себе и постави на божествениот Престол. Но тајната на Благовештението во потполност ни се открива само преку тајната на крсната смрт Христова, кога Христос во смртта се јави како Син Божји. Подобно е, затоа, во овој свет и Велик Вторник, нашиот дух целосно да се нурне во овие две навидум противречни тајни, во висината и длабочината на надразумниот Божји план за наше спасение кој денес се објавува. Подражавајќи ги благоразумните девојки, кои, според возвишениот пример на Дева и Богородица, со сето срце, сиот ум, сета душа, сите свои сили се предале до крај на Бога и будно го чекале Младоженецот на нивните души, Бигорските монаси и големото мнозинство богопредани верници, собрани во храмот, со длабока молитвена будност се нурнаа во симболиката на богослужбените стихови на благорадосната архангелска објава. И созерцуваа, понесени од необичниот спој на две противни чувства – сострадалната слеаност со болката на Својот Спасител, Кој овие денови го најавува своето крсно страдање и смрт, но и незапирливи изблици на радост кои извираат од благата вест. Навистина неизбежен беше впечатокот дека и покрај полумракот на храмот, сериозните гласови на псалтите, неодоливо силната парабола на Младоженецот, во душите пробиваше чудесен сноп на светлина и радост која покриваше сè со својата благодат и уште сега ја најавуваше Воскресната радост.

Господи Кој со гласот на небесниот Благовесник Ѝ ја објави тајната на воплотувањето на Твојата смирена и пречиста Мајка, а преку неа и на целата вселена, и Кој сега ни ги навестуваш и Твоите спасителни страдања, утврди ни ги мислите и срцата во овие мигови да Те следиме верно до крај на Голготскиот пат, со Тебе да се распнеме за со Тебе и да воскреснеме во вечен живот. Амин.