Света и Велика Среда

Блудницата пристапи кон Тебе, излевајќи миро со солзи врз нозете Твои, Човекољупче, и од смрдеата на злото се избавува со заповедта Твоја. А ученикот неблагодарен, дишејќи ја Твојата благодат, ја отфрла неа и во смрдеа се облекува, од среброљубие продавајќи Те Тебе. Слава му, Христе, на Твоето милосрдие.

Седален од утрената на Светата и Велика Среда

Подобно на древните Израилци, кои четириесет години талкаа во пустината, и најпосле стигнаа пред ветената земја, така и пред нас, после четириесетдневното посно патешествие, сега се појавува духовниот Ханаан – страданијата, смртта и воскресението на нашиот Господ. Ете, Христос претстои пред лицето на смртта и Неговата душа е во трепет. Страв и трепет ме сполетаа, и темнина ме покри. И јас реков: Кој ќе ми даде крилја гулабови, па да одлетам и се успокојам? Далеку би отишол и би се сместил во пустината (Псалм 54, 5-7). Денес, во Светата и Велика Среда, Црквата ни напомнува на исклучителниот дар на жената грешница, пред самиот почеток на Христовите Крстни Страдања. Тоа било во Витанија, недалеку од Ерусалим, во домот на некој човек, кого Евангелието го нарекува Симон прокажениот. Господ Христос, Кој дојде во светот да го исцели родот човечки од проказата на гревот, не гнасејќи се од најголемите грешници, го посетил и неговиот дом. И во тој дом, жената грешница, исполнета со благодат и благодарност, Го помазала Христа по главата и нозете со скапоцено миро, смешувајќи ги со него своите покајнички солзи. Тоа било вистинско исповедање на нејзината вера во Господа, во Христа, во Помазаникот Божји.

Но, денес, заедно со таа голема по дух жена, си спомнуваме и за јудиното предавството. Истовремено со најголемото нешто што Му било принесено на Спасителот од страна на човештвото во предворјето на Неговата Смрт, се открива и најниското и најлукавото што може човек да го направи. И не случајно светата наша Црква определила во текот на целиот наш живот со пост и молитва да си спомнуваме за овој ден, распространувајќи ја оваа Велика Среда преку целата година. Да си спомнуваме за предавството и за верноста како нешта што го определуваат човекот. Нѐ повикува Мајката Црква да се држиме настрана од лицемерието – тој најстрашен грев, кој, за жал, денес е многу распространет во светот. Тоа е грев кој го погазува општото добро на Црквата и Татковината, грев кој им служи само на личните задоволства. За срцето исполнето со лицемерие и предавство, и најсветите нешта немаат никаква верност. Јуда со истите раце со кои го прими Лебот на животот, потоа ги прими и триесетте сребреници, цената за Бесценетиот.

Просејќи од Бога избавување од таа погубна и сезлобна страст, денес бигорските монаси, заедно со својот возљубен Старец, високопреподобниот архимандрит Партениј и верниците, според востановената црковна пракса, пред почетокот на Голготскиот пат на Спасителот, уште еднаш побараа прошка од Бог и меѓу себе. „Благословете, отци свети, и простете ми мене, грешниот, сѐ што згрешив во целиот мој живот, и во целата света Четириесетница, со збор, со дело, со помисла и со сите мои сетила“. Смирението на Старецот се пренесе врз целиот наш молитвен собор, кој Му го излеа на Христа мирото на сета своја љубов, а Домот Божји, Црквата наша, се исполни со благоухание од мирото на таа љубов (Јн. 12, 3). Зашто преку сите векови на христијанството, светиите, тие кои во Своите срца Го имаат Христа – „нетленото Миро на животот“, го распространуваат околу себе тоа благоухание.