Свет и Велик Четврток

Евхаристиската чаша – полнота на Христовата Божествена љубов

Свет и Велик Четврток

Со Твојата чаша на радоста, Добри, избавителна за целиот човечки род, откако ја наполни, ги напои Твоите ученици, бидејќи Самиот Себе се жртвуваш, викајќи: Пијте од неа, ова е Мојата крв, и со вера утврдете се!

Зарем има поголем дар од она што предобриот наш Господ ни го положи во раце нам, Христијаните, кога на вечерата со своите ученици нè направи свидетели, учесници и причесници на едно чудесно собитие, едно големо таинство? Он ни ја откри великата тајна на Својата љубов, предлагајќи ни не плот соединета со смртта, туку Своето тело и крв, вечно оживотворени од Светиот Дух. Дојде кај нас како овоплотена Љубов и ни го отвори патот кон дрвото на Крстот и вистинскиот плод на животот. Примајќи ги од Евхаристиската чаша Неговите Свети Дарови, стануваме причесници на Неговата Светлина, се приопштуваме кон полнотата на божествената љубов и на нас се исполнува молитвата со која Он се молеше на Својот Отец: „Како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе, така да бидат и тие во нас… И токму во тој миг, на Тајната Вечера Христова, човечката душа се допира до вечноста.

Но Светиот и Велик Четврток во себе крие и уште една тајна – тајната на нашата слобода. Зашто нам ни се дава слобода не само да пребиваме во светлината на Божествениот пламен што го примаме во Причеста, туку и да ја напуштиме таа светлина и заминеме во ноќта, како што направи Јуда, предавајќи го својот Учител. Имаме слобода да се насладуваме од великата Божја љубов, но и слобода да ја отфрлиме таа љубов. Тоа ни го покажа Самиот наш Спасител, кога не го лиши Јуда од уделот на Својата Тајна Вечера, иако знаеше дека тој му спрема предавство. Каква утеха за нас, грешните кои со своите гревови и страсти одново и одново Го предаваме Оној Кој не се двоумеше да пострада за нас, јавувајќи ни ја Својата совршена љубов. А ни го јави и Своето крајно смирение. Он, Учителот и Господ ги преклони своите колена за да им ги измие нозете на Своите ученици. Се преклонува до земјата за потоа да биде издигнат на крст и да прими срамна смрт.

Бигорскиот храм со својот носталгичен амбиент живо ги отсликуваше сите тие неповторливи мигови кои го одредија нашето спасение. Стиховите полека ги подготвуваа бигорските браќа и бројните присутни верници за она што претстои: „Јагнето што го навести пророк Исаија, оди на доброволно колење и дозволува да биде биено по плеќите и образите; без да го свртува лицето од плуканиците…“ Нивните верни души неотстапно пребиваа тука, кај нозете на Спасителот, заедно со покајаните митари и блудници, во безмолвно и скорбно стоење пред доброволно Распнатиот, не помислувајќи на ништо земно. А, Он, Возљубениот, на трпезата на Својата Евхаристиска Тајна Вечера со секого од нив го споделува лебот на страдањата и виното на радоста, давајќи им да се приопштат на Неговите Свети Дарови. И на таинствен начин им го упатува прашањето што еднаш му го постави на Петар „Ме љубиш ли? А, душата копнежливо одговара: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те љубам“.

Поткрепени со Светите Христови Тајни и помазани со исцелителниот елеј на Неговата безмерна добрина и љубов, верните се подготвија за онаа света болка на срцето кое љуби и сострадува, надевајќи се дека по милоста Божја таа болка проследена со искрено покајание, барем во овој единаесетти час, ќе ги претвори нивните срца во храм во кој треба да болсне благодатниот незгаслив факел на Вечната Христова Пасха.

На Светата Василиева Литургија, Високопреподобниот Архимандрит Партениј им се обрати на верните со проповед.