Свет и Велик Петок

Си се распнал заради мене, за да ми бидеш извор на спасение; си бил прободен во ребрата, за да ми источиш капки на живот; со клинци си бил прикован та, гледајќи ја длабочината на Твоите страдања, да ја познаам висината на Твојата сила и да Ти пеам: Животодавче Христе, слава на Твојот Крст и на Твоето страдање, Спасителу

Блаженства од утрената на Велики Петок

Каква трогателна глетка пред нашите очи! Какво несфатливо Таинство! Дојде часот и Синот Божји се подложува на телесни и душевни страданија. Месијата на Израилот, Пријателот на сите угнетени, болни и заробени оставен е среде злобата на Неговите гонители и со скрушено срце прима болка непоимлива. Лажно Го осудуваат Оној Кој Самиот е Вистина и Кој дојде сите од осудата да ги спаси. Безумната човечка гордост со венец Го крунисува, но не со скапоцени камења украсен, туку од трња исплетен. Пречистите раце со кои Он сите ги благослови, подигна и исцели, сега на Крст се приковани. Началникот на животот, Кој сите во живот ги враќа, сега смрт прима. Христос Спасителот Кој ги распосла љубовта и милоста Своја врз сиот свет, сега од суровоста на светот страда. „Се сврши“, издивнува Он од Крстот; умира Животодавецот заради гревовите човечки. Во гроб Го затвораат Оној Кој дојде рајот да го отвори. И пред оваа глетка, збунети се Неговите ученици… Го гледаат тие Христа, мислат немоќен и беспомошен на Дрво виси; страв се вселува во присутните Негови следбеници и поради тоа тие Крстот го напуштаат… А, Неговата Мајка, возљубениот ученик Јован, од љубов и болка ја свиле својата глава пред ранетиот Син и Учител, солзи пролеваат, но свештена храброст тие добиваат за со треперливи раце да се допрат до Крстот, и нозете на својот Возљубен да ги целиваат.

Чекори Твојата Црква денес до Голгота Христе и Ги преклонува колената свои во подножјето на Крстот Твој; со крстот по гората од својот живот таа смирено оди и доаѓајќи до голготата своја, се поткрепува од животворните Твои зборови, дека до свршетокот на светот не ќе ја оставиш. Молчејќи поднесува разни страданија, но нејзината непоколеблива вера во Тебе е нејзиниот глас кој на сиот свет му зборува. Да, тоа е гласот на љубовта, милоста, сострадалноста, надежта, глас кој ги подигнува немоќните, но силни по вера, што сега смирено се поклонуваат пред згаснатото Твое срце во гробот студен, пред студенилото на срцата кои Тебе не Те познале. „Се сврши“, мислат „силните“ од овој свет, но наеднаш глас од гробот повикува и за радост човекот го подигнува, велејќи му трпеливо да ја исчекува величествената тајна која од таму произлегува. И се навестува од гробот нова надеж за човекот: всушност „заврши“ – многувековното торжество на злото, зашто Христовото сиромаштво го исцели сиромаштвото човечко, смртта Негова ја исцели смртта во човекот. Се изврши последното страдање за нашата вина, отплата за нашите долгови. А кога долгот е отплатен, тогаш тој се поништува, овој пат заедно со заемодавецот. „Се сврши“, или поточно, се изврши делото на нашето спасение.

И ете Бигорскиот храм преисполнет со мноштво народ, обединет во свештена љубов, сега силно сведочи за овие големи и спасителни настани. Сведочи тој и за радоста која произлезе од уште еден прекрасен настан, имено мигот кога четворица од Бигорските браќа положија метанија за искушеници пред Крстот Христов и од својот возљубен Старец добија скуфии. Овој христољубив собор овде ги излевал и продолжува да ги излева своите молитвени воздишки. Овде денес милозвучи гласот на сите кои дошле да го слават долготрпението Христово, кои во страдањата Негови земаат удел со своите мали страданија, кои откако ќе ги погребаат во гробот на Спасителот се претвораат во радост за која насекаде се зборува. Ова големо семејство поврзано со врските на љубовта, е сведок на многу настани кои го растрепериле човековото срце, сведок на собитија кои уште повеќе ја зголемиле таа љубов, правејќи ја нераскинлива. Какво божествено устројство е тоа! И бескрајно на Бога Му благодариме, зашто овде гледаме како се живее со Христа, како неизмерно Он се љуби.

Ете сега соборно стоиме пред Крстот Христов. Го гледаме нашиот Старец како Го подигнува тоа Чесно Дрво на своите плеќи. Таинствено трепери срцето од оваа глетка, и некаде во длабочината на нашиот внатрешен човек се сретнуваат тагата и радоста. Колку само пати гласот на Распнатиот на тоа Дрво ни прозборил преку болката и солзите на крстот наш, колку само пати од гробот на гревот сите нас нѐ повикал! И токму затоа сме овде, за повторно да ја упатиме нашата надеж во Бога. Љубовта ни е мала, но е со Тебе на Голгота, Христе, во подножјето на нозете Твои; верата наша е колеблива, но чекори кон гробот Твој за да ѝ се поклони на светлозрачната плаштаница во која обвиткан лежиш; ги принесуваме таму нашите дела… светли ли се како неа, благоухаат ли како мирисите со кои таа е полеана? Ветивме многу, сакавме да правиме повеќе добрини, повеќе да љубиме…, но еве стоиме пред Тебе и знаеме дека за тоа да го направиме потребна ни е силата Твоја, Господи. Треперат нашите души кога се поклонуваме на Твоите страдања Христе, но воскликнува надежта наша бидејќи со нив ние се исцеливме. Исправи нѐ, обнови нѐ, воскресни нѐ Христе со Твојата чудесна благодат. Амин.