Света и Велика Сабота

Оваа сабота е најблагословена, зашто во Неа Христос, заспан, по три дена ќе воскресне.

Последниот стих од кондакот и икосот на Велика Сабота

Се наоѓаме, верни, во големото „тридневие на смртта Христова“, време на таинствените денови на Воскресението. Овој ден не е само навечерие на спасението; овој ден е веќе самиот ден на спасението. „Ова е благословената Сабота, ова е денот на покојот, кога Единородниот Син Божји отпочина од делата Свои“ (Од Утрената на Велика Сабота). Во Своето Тело Господ мирно почива во Гробот, и Неговото Божество не го напуштило Неговото Тело. „Иако храмот Твој беше разорен во часот на страдањето, и тогаш Ипостасот на Твоето Божество и на Твоето Тело беше една“. Телото Господово не ѝ подлегна на распадливоста, затоа што тоа пребива во длабините на Животот, во Ипостасот на Словото Божјо, Кое е Живот. И во таа нетрулежност Неговото Тело било преобразено и прославено. Тело понижено било погребано, а Тело прославено стана од Гробот. Се сее во бесчестие – воскреснува во слава; се сее во немоќ – воскреснува во сила. Се сее тело душевно – воскреснува тело духовно… Првиот човек Адам стана жива душа, а последниот Адам – животворен дух (1 Кор. 15, 43-45). Во смртта Христова, за која денес си спомнуваме, се открива немоќта на смртта над Него. Во полнотата на Својата човечка природа Господ беше смртен. И Он навистина умре. Но смртта не Го задржа. Бидејќи смртта немаше сила да Го задржи (Дела 2, 24). Самото Христово слегување во адот, во царството на смртта, се покажа како триумф на животот. Животот беше затворен во Гроб, но Животот засветли од Гробот.

Собрани оваа ноќ и овој ден околу Кувуклијата со светата Плаштаница, како подобие на Гробот Христов, многубројните присутни верни во Бигорскиот храм во созерцание и молитва се поклонуваа пред тајната на тој живоносен Гроб. Трогателните Статии на оплакувањето со неизбришливи зборови на таговен крстовоскресен плач ја впишуваа таа тајна на Страданијата и Погребението во нивните срца. „Родот човечки и бесплотните сили зачудени стојат пред Твојот Гроб, Христе, невидената тајна ги порази“ (Од статиите од Велика Сабота). И ете, од длабочината на тоа погребение, од темнината на смртта, одеднаш бликнува поток на радост и надеж поради едно чудесно видение за идното општо воскресение на мртвите, за гласот Господов што ќе ги повика сите упокоени кон живот: Коски суви, чујте го словото Господово! Така им вели Господ Бог на оние коски – еве, Јас ќе внесам во вас дух и вие ќе оживеете. (Језек. 37, 4-5). Но за да дојде до тоа сеопшто воскресение треба најпрвин да воскресне Првородениот меѓу мртвите, Самиот Господ Исус Христос. Неизмерната благодат, пак, од тоа прво и најславно Воскресение веќе се чувствува на Светата Василиева Литургија, на свештеното тајноводство водено од нашиот најбогољубив Старец, Архимандрит Партениј, среде храмот, на светата Плаштаница, на тоа изобразение на Телото Господово, а околу Него, околу Телото стојат собрани „орлите“ – многуте христољубиви души, кои знаат дека ниту смртта не може да ги оддели од непресушната Божја љубов и моќ. Знаат и дека на крајот од вековите на целиот човечки род во полнота ќе му се открие „Благословената Сабота“, вистинскиот ден на покојот, таинствениот „Седми ден на Созданието“. Залогот за тој ден е даден. Тој залог е Христовото Воскресение од мртвите.