Раководени од преголемата милост и неискажливото човекољубие на Кормиларот на светата ни Црква, премудриот наш Господ Исус Христос, допловивме до крајот на првата недела од покајничкото море на светата Четириесетница. После напрегнатото пловење со кое му дадовме здрави насоки на нашиот претстоен подвиг, денес пристигнавме до првото попатно пристаниште, каде што нѐ пречекаа две богати духовни трпези – споменот на чудото на светиот великомаченик Теодор Тирон и првите акатистни химни, посветени на преславната небесна Царица Богородица.
Најпрво, после Вечерната богослужба и светата преждеосвештена Литургија и причестувањето со преслатките Христови Тајни, преку песните од прекрасниот канон на св. Теодор и благословувањето на коливото со пченица, се потсетивме дека во подвигот на постот, во таа духовна борба со непријателите на нашето спасение, не сме оставени сами на себе, туку ја имаме бескрајната помош на светите маченици и на сите светии, кои секогаш се тука за да ни се придружат во нашите добри намери и дела. Божјата премудра промисла со примерот на св. Теодор Тирон и чудото што тој го направил, запазувајќи ги христијаните да не се осквернат од храната попрскана со крв од идолски жртви, ни покажува дека заедно со нас војува и војската на небесната Црква. Големата почит на нашиот народ кон светиот Великомаченик Теодор била отсекогаш искажувана со преполнетите храмови во навечерието и на денот на неговиот празник, кога верниците со побожност земале од коливото како благослов од светителот. А милостивиот Бог, гледајќи ја таа ревност, го благословувал овој народ и го продолжил неговото постоење на лицето на земјата до наши дни. Исполнета со неизмерна благодарност поради оваа голема милост Божја, Бигорската обител при осветувањето на коливото, молитвено си спомна и за сите свои упокоени игумени, монаси, ктитори, кои се нејзина најсилна духовна врска со Црквата на небото.
Со посебна, пак, синовска љубов и посветеност, бигорските монаси и раичките монахињи си спомнаа денес и за својата најголема Добротворка и Заштитничка, нежната Мајка на целиот род христијански, Пречистата Дева Марија. Си спомнаа за Неа, Најмилостивата, и два прекрасни дара Ѝ принесоа: химните од чудесниот Акатист и песните од Благодарствениот канон. Сосема доволно беше само да се слушне растреперениот глас на нашиот Старец, архимандрит Партениј, глас што излегуваше од неговото срце преполно со љубов кон Пречистата, и со кој сега тој Ѝ ги принесуваше стиховите од таа божествена црковна поетска творба, за да се увери душата дека Богомајката навистина ги прими овие молитвени дарови, принесени со смирение, посведочувајќи го преку изобилната благодат Нејзиното духовно присуство меѓу нас оваа вечер. И каква подостојна похвала би можеле ние, грешните и духовно сиромашните, да Ѝ принесеме, одошто уште еднаш да ги повториме тие богоисткаени стихови на црковниот поет, стихови кои ја возвишуваат душата до мајчинската закрила на Премилостивата:
Радувај се, цвету на нетлението.
Радувај се, венецу на воздржанието.
Радувај се, образот на воскресението го заблеска.
Радувај се, ангелскиот живот го објави.
Радувај се, дрво благоплодно од коешто верните се хранат.
Радувај се, дрво сеновито, под коешто мнозина се засолнуваат…
Радувај се, Невесто Неневестна!Од 7-от Икос на Акатисот