Пасхална литија

Пасхалната пролетна радост продолжува да ги полни нашите души и да ги обновува нашите надежи за живот и вечност. И денес сесветлото Сонце на Воскресението, што ја озари целата вселена со невечерната Светлина од празниот Гроб, со истите тие зраци го осветлуваше патот на традиционалната пасхална литија, што се одржа веднаш после завршувањето на светата Литургија, со која началствуваше нашиот Старец, Архимандрит Партениј. И оваа година победничкиот тропар на Воскресението и песните од воскресниот канон се разлеваа среде воскреснатата природа околу нашиот Манастир. Најпрвин торжествената поворка го посети Источникот со света вода, посветен на Живоносниот Источник, каде Старецот изврши водосвет. Оттаму радосното движење се упати кон манастирскиот овоштарник и скитот на Св. Серафим Саровски, за најпосле да заврши со водосвет во манастирската фијала и поклонение на светите мошти.

Радоста што се огледуваше на лицата на Старецот, монасите и монахињите и на сите присутни верници, сведочеше за преголемата благодат Божја на овој втор пасхален ден.