Трет ден Велигден во Рајчичкиот манастир

Еве и денес чудесната сила на Воскресението повторно нѐ собира во храмот, од каде што Литургиски обилна благодат продолжува да се излева на секое создание, на сѐ видливо и невидливо, на сета твар разбудена од ова небоземно торжество. Сѐ што дише учествува во славењето, во радоста на Пасхата, која е благодатен триумф во срцата и божествена посета во душите на верните, животворен зрак кој видливо ги озарува лицата човечки, спасение за плотта која станува причесник на Божествената природа.

Таа трепетна и неискажлива радост и денес со својата неодолива сила насекаде сведочеше за победата над смртта, за триумфот на љубовта над злото; и уште долги денови ќе сведочат неуморно небото и земјата, кои како еден величествен хор во симфонија ја пеат победната песна: „Овој ден го создаде Господ, да се радуваме и да се веселиме во него“, зашто Христос воскресна од мртвите. Ова утро таа огромна благодат двојно се излеа во храмот на женскиот манастир посветен на Св. Вмч. Георгиј Победоносец, на торжественото богослужение предводено од нашиот возљубен Старец и Архимандрит Партениј, чиешто присуство секогаш е една духовна трпеза на љубовта, која ги опфаќа срцата на присутните. А тие духовно прегрнати од молитвената татковска прегратка, насекаде ја сведочеа Пасхалната радост, благодатно пеејќи: „Ден на Воскресение да се просветиме луѓе, Пасха Господова, Пасха, зашто од смртта кон живот и од земјата кон небото, Христос Бог нѐ преведе, нас кои победна песна пееме“.