Второ воскресение – Вечерна на љубовта

Христовото воскресение го претставува личното воскресение на секој човек. По Христовото воскресение смртта повеќе не владее со човекот и не го држи во страв и ужас. Од еден ужасен крај на личноста, таа постана еден сладок премин во вечноста со љубениот Христос, Оној Син Кого Отецот го испрати, та секој, кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот – зашто толку го возљуби светот (в. Јн. 3, 16).

Празнувајќи ја оваа љубов на Бога кон човекот, со радост ја проповедаме на целиот свет и на сите луѓе, според заповедта на Спасителот. Затоа и на Вечерната на Второто воскресение, кое го носи токму овој назив – Вечерна на Љубовта, Евангелието се прочита на повеќе јазици: Црковнословенски, Грчки, Латински, Бугарски, Англиски, Француски, Шпански, Романски, Германски, Руски, Албански, Ромски, Српски, Италијански и Македонски.

Со пеењето на триумфалните Пасхални стихири се изврши светиот целив и поздравувањето со зборовите на победата – Христос воскресна. Веднаш потоа, сите се упатија на заедничка трпеза и честење во манастирскиот Синодикон, каде што нашиот Старец искажа пригодна поука, по што следуваше Пасхалното повечерие.