Велика Сабота

Еве настапува и последниот ден од таа чудесна Страдална седмица. Денот на покој, ден кога Господ одмори од Своите дела, откако  го создаде светот и човекот и го воведе него како Цар во Вселената. И ден кога Он го заврши делото на нашето спасение. Оваа сабота е благословена. Во неа е сокриена победата и молкот пред тајната на Бога Кој стана човек: „Нека молчи секое тело човечко, и со страв и трепет да стои, и во себе да не помислува ништо земно, зашто Царот над царевите и Господ над господарите доаѓа да се заколе и да им се даде на верните како храна… Иако со тело во гроб и без дишење, затворена е устата која им заповедаше на ветрот и морето и која ни кажа толку многу благонадежни нешта, сепак Он Никогаш не ни зборувал толку многу, како што ни зборува сега со Своето молчење. Бидејќи зад тишината на гробот, таму каде што не можат да продрат нашите погледи, Он моќно дејствува, слегува во адот, ги крши неговите мрачни окови и ги ослободува од века во ропство држаните души. И веќе радосниот восклик на таа победа полека допира до нас. Но таа им се открива само на оние кои не отстапиле од подножјето на Неговиот Крст и сострадално и верно до крај ги примиле во своето срце потресните песнопенија на светата Црква.

Да одмориме и ние од секоја световна грижа, од секаква суетна желба, и да го преселиме нашиот ум од болката на страшната Голгота кон спокојот на празниот гроб. Не за да умуваме по човечки за сѐ она што се случи, туку да се испразниме, да молчиме од помисли и да Му дадеме можност на Самиот Господ да ни го открие она што Му е угодно и што можеме да го сместиме во себе. И ќе го видиме отсјајот на онаа светлина од нашиот Спасител Кој слегува во адот и го разорува мракот. Веќе нема темнина за оние што верно Го следат.

Бигорскиот храм е сега скапоцена ризница во која лежи положено телото на заспаниот Господ. Со спокојно склопени очи, среде раскошен сплет од цвеќе во цветно украсениот гроб, ја брише секоја суетна помисла од нашите души. Стоиме трепетно пред Него, поразени од болка, а сепак нѐ опфаќа некој чудесен мир и се буди една таговна радост додека со една уста и мисла го оплакуваме Неговото погребение низ трогателните стихови на Статиите: „Достојно е да Те славиме Животодавче, рацете на крст ги рашири и ја уништи сета сила пеколна“. Плаштаницата носена на рацете од јеромонасите го осенува секој дел од Бигорското светилиште и го пробива мракот на ноќта. Наеднаш блеснува белината на новото утро, сјајот на оваа единствена Божествена Литургија во присуство на запечатениот гроб. Одеждите се бели, празнични. Храмот цел закитен со разнобојни цветови, одекнува радосниот мелодичен напев на големиот прокимен: „Воскресни Боже суди ѝ на земјата, зашто ти владееш над сите народи“. Литургијата завршува со чувство на светлина во душата на присутните и со радосна надеж за Христовото Воскресение.

Подоцна веке во Великиот синодикон се собира монашкото семејство за од рацете на својот најсакан Старец, архимандрит Партениј да прими благослов и восочна ламбада проследена со неговите радосни пожелби за Добра Пасха. Тие, пак, како најверни негови чеда  скромно ја искажуваат својата љубов и бескрајна благодарност со пасхален игуменски крст.

Господи Премилостив по Својата неискажлива милост и човекољубие дај им на сите да ја почувствуваат неземната радост на Твоето Славно Воскресение.