456

Велик Петок

Си се распнал заради мене, за да ми бидеш извор на спасение; си бил прободен во ребрата, за да ми источиш капки на живот; со клинци си бил прикован та, гледајќи ја длабочината на Твоите страдања, да ја познаам висината на Твојата сила и да Ти пеам: Животодавче Христе, слава на Твојот Крст и на Твоето страдање Спасителу

енес избраниот Божји народ, луѓето израелски, на страдања Го предаваат Господа, Кој нив ги избави од тешките страдања египетски; синовите Негови Го плукаат и како на последен роб Му се потсмеваат, а Он нив од ропството ги изведе; на крст Го приковуваат како најголем злосторник, Оној што преку раката Мојсеева морето го раздели и од злобата на поробувачот ги спаси; денес со копје ги прободуваат ребрата на Оној, Кој заради нив го погоди Египет со рани; и со жолчка Го напојуваат Оној што за храна им пушти небесна манна. Денес помрачениот Јуда бдее, додека другите ученици заспале, но не за да се помоли и стекне благослов туку осуда да си заработи, оти за мизерно сребро Го продава Бесценетиот, Кој не сакаше дури и него од големиот и богат дар на простување да го лиши.

Денес Бог, низ гласот на Црквата на своите верни утеха им испраќа: Никој да не се одрече од Мене, гледајќи Ме на Крстот среде двајца разбојници: бидејќи ќе страдам како човек, и ќе ги спасам како Човекољубец оние што Ме љубат. О, љубов божествена! О, убавино неискажлива! Ти Христа од небесата на земјата си ни Го симнала, та Он со нас за тебе да побеседи. На Крст Го приковуваш Господа наш, а Он, пак, најголемата љубов од таму ја пројавува. Сѐ трпи: и болки, и страдања неизмерни само нас, луѓето, од страдањата да нѐ избави и наследници на животот да нѐ направи.

Ете Го меѓу двајца разбојници, но Он, бидејќи Самиот е љубов, не престанува со тебе да се напојува, туку на едниот од нив сите беззаконија му ги простува и за прв жител на Рајот го повикува. Кој би можел да те разбере, о љубов чудесна, оти Он и за Неговите непријатели од Крстот на Бога Отецот Му се моли, велејќи: Отче, прости им, оти не знаат што прават. Љубов сепосакувана, дај ни да те придобиеме за да можеме барем малку да ги разбереме страдањата Господови и тогаш кога ќе ги разбереме, да поверуваме дека, според Неговата милост, повеќе нема да умираме. Всели се во нас како во покаениот разбојник, та и за нас да бидат отворени рајските врати.

Денес и Бигорскиот Претечев храм кој за неброено мноштво народ е тивко и благо пристаниште, беше претесен за да ги смести сите верни души, кои заедно со нашиот Старец, Архимандрит Партениј, посакаа да ги споделат своите највозвишени чувства и мисли. Оваа таинствена ноќ, сите погледи се упатени кон крстот на Христа. Поставен на средината од храмот, љубопитно ги привлекува погледите на верните. А од него, небаре од Голгота, Распнатиот ни зборува… Копнее душата човечка по одговор на многуте прашања кои извираат од нејзината длабочина: пред нас како да ги гледаме исплашените и разбеганите Христови ученици; го гледаме и апостолот Петар кој од Учителот се одрекува; погледот наш се свртува и кон бесните јудејски свештеници, книжници и фарисеи, кон малодушниот Пилат кој мислеше дека ако ги измие своите раце ќе ја измие и својата вина што на распетие Бога Го предава. Во еден миг мислено застануваме и пред ликот на Распнатиот, долу, под Крстот Негов, помеѓу Неговата Мајка и оние кои до крај Го беа возљубиле… И од Него сили бараме: Стоиме таму заедно со Твоите верни Христе, но дај ни, повторно заедно со нив, да појдеме и до гробот Твој, и наоѓајќи го празен неизмерно да Ти се израдуваме.