Блудницата пристапи кон Тебе, излевајќи миро со солзи врз нозете Твои, Човекољупче, и од смрдеата на злото се избавува со заповедта Твоја. А ученикот неблагодарен, дишејќи ја Твојата благодат, ја отфрла неа и во смрдеа се облекува, од среброљубие продавајќи Те Тебе. Слава Му, Христе, на Твоето милосрдие.
Стихира на Велика Среда
Два дена до Голгота. Нашиот Господ е во Витанија, во домот на Симон Лепрозниот кој побрза трпеза за Него да подготви. И две собитија прави денес Црквата, два настани толку спротивни помеѓу себе: Жена грешница се прославува, а среброљубието и предавството на Јуда се проколнува. Доаѓа некогашната блудница во домот на Симона, со душа благодарна бидејќи исцелена е од гревот во кој порано беше западнала, се поклонува пред Спасителот и врз главата и нозете Негови скапоцено миро излева. Јуда, пак, неблагодарниот, кој еден од дванаесетте ученици беше, во нејзината постапка неполезност согледува. Умот негов во мрак потонува, оти намислил својот Учител и Господ да Го предаде за триесет сребреници. Ден на ужасно предавство! И секоја верна душа ја чувствува болката од страшното дело, кое во својот мрак чиниш го надминува мракот при самото Негово Распетие. Нема дело пострашно од Јудиното предавство, зашто никој од оние кои Го биеја Христа не беше сведок на Неговото човекољубие, не беше Го познал најголемиот Добротвор на луѓето. Треперат срцата наши пред ова ужасно собитие, но истовремено се трогнуваат пред великата тајна на воскресението на човечката душа, слушајќи за покајанието на жената грешница која паѓа пред нозете Исусови и со миро, помешано со солзи, ги мие. Јуда со грев исполнет од учениците се одвојува, а таа разрешување од гревовите бара и ученичка Негова станува. Јуда на бездушници Го препушта Оној Кој поучуваше дека целиот свет не вреди колку една душа човечка; тргува со непроценливото богатство, ја пресметува цената на непресметливата Божја љубов и благодат; за пропадливо злато Го отфрла и со целив Го предава Оној чиишто нозе покаената блудница низ плач ги целива; ослепен од среброљубие тој рацете свои од ковчежето за пари не ги одвојува, а онаа грешна жена рацете свои кон нематеријалното богатство ги подава и избавување од блудната страст стекнува; тој ѓаволско дело извршува, таа огромна чест на Христа Му покажува; тој се помрачува, таа се просветлува; тој од Господа се разделува, таа за Господа се врзува; тој роб на сатаната станува, таа слободата Христова ја прима; тој видот духовен го губи, неа очите на духот ѝ се отвораат.
Ова се денови кога ги слушаме и последните зборови кои Господ ги упатува кон нас, верните, и кога Он ја привршува Својата служба на земјата. Во оваа Света и Велика Среда и Црквата го упатува својот последен повик кон своите верни за еден на друг да си простат, да се возљубат, оти наближува Тајната Вечера на која Он ќе изврши големи таинства; наближува молитвата во Гетсиманија и предавството Јудино; на Христа Му претстојат тешки страданија.
Сега стоиме на прагот од Воскресението, онака како што некогаш Израилците, кои четириесет години во пустината туѓинуваа, стоеја пред ветената хананска земја. Сè што Црквата направи беше за да нè подготви да влеземе во духовниот Ханаан, во тоа за нас ветено место на мирот. Сè што Бог ни кажа беше за да бидеме бодри и силни, да не му допуштаме веќе на духовниот непријател да владее со нас. Сè што се случи беше за да научиме да љубиме, за да ја познаеме Вистината и таа да нè ослободи. Сега собрани во свештен внатрешен молк, нашите монашки Обители, заедно со возљубениот ни Старец и владика Партениј, си спомнаа за овие длабоки евангелски настани и потонати во нив, најпрвин еден од друг простување испросија, молејќи Го Својот милостив Господ, сите да ги удостои да ја почувствуваат силата на крстовоскресната љубов. А за неа кој послатко може да прозбори освен, оној кој во своето срце ја примил, кој е тука прв да ни служи, оној кој никого од нас нè осуди, туку сите татковски нè прегрна, кој во себе нè прими и со љубовта нè исцели:
„Возљубени браќа и сестри, бидејќи Црквата ја знае човечката психологија и знае дека ние луѓето се немоќни и слаби по природа и постојано паѓаме во гревови, таа денес, пред самиот почеток на спасоносните Христови страдања, уште еднаш нè повикува на општо проштавање меѓу себе. И неслучајно на овој ден таа го положила споменот за жената грешница, која се осмелила да истури миро врз главата на Господа Исуса Христа и со своите солзи да ги измие Неговите нозе и со својата коса да ги избрише во најголемо покајание.
Особен впечаток во врска со ова ми оставија зборовите што ги прочитавме вчеравечер од Синаксарот: ‘А зошто таа, т.е. жената грешница, го направила овој подвиг? Затоа што ја видела Христовата сочувствителност и Неговата желба за заедништво со сите’. Ја видела, значи, дотогаш невидената сочувствителност што Господ ја покажал кон Симон Лепрозниот, влегувајќи да руча во неговата куќа. Во тоа време вакво нешто било незамисливо. Според тогашните закони во стариот Израил, не само што никој не смеел да влегува во куќа на лепрозен човек, туку тие биле обележани како нечисти и одлачени од целото општество. А ете, Господ сепак влегува во куќа на таков човек, имајќи љубов кон сите и сакајќи да биде во заедница со секој човек. Овој љубовен чин на Христа силно го трогнало срцето на жената блудница, но и ѝ дал храброст да Му се доближи и да го направи нејзиното миропомазание. Сфатила колку е добар Господ, колку огромна љубов има, дури и кон најотфрлените. Затоа денес Црквата, преку примерот со оваа жена, нè повикува: дојдете какви и да сте. Господ е сочувствителен кон сите, ‘ги љуби праведниците и ги милува грешниците’. Утре ќе треба да седнеме со Него на Тајната Вечера; сега пак ни се дава можност, очистени преку смирение и скрушено покајание, да се подготвиме за да седнеме заедно со Христа. Се разбира, преку Неговата љубов. Пороси ме со исоп и ќе бидам чист; измиј ме и ќе бидам побел од снег. Дај ми да чујам радост и веселие и ќе се зарадуваат коските мои скрушени (Псал. 50,7-8). Се смируваме во душевно сокрушение и во нашето смирение Господ ќе ни опрости, ќе ни даде радост и веселие. Затоа, дојдете при нозете Негови! – нè повикува Црквата. Сите, и вие кои сте постеле и не сте постеле, и вие кои, грешејќи многу, сте се дезориентирале и сте изгубиле надеж. Дојдете, великодушноста на Господа е безгранична.
Затоа, значи, сега, според типикот на Црквата, уште еднаш сме повикани да си опростиме помеѓу себе. Целата Света Четириесетница и особено Страсната Седмица, е време во кое од нас се бара духовна будност, период во кој треба да се подготвуваме за доаѓањето на Спасителот, да ги подготвиме нашите срца за Него, бидејќи тие Нему Му се најомилениот дом. Така и започна оваа Седмица, со тропарот: ‘Ете, Младоженецот доаѓа на полноќ…’ Но, и доколку во текот на овој период сме паѓале и сме грешеле, еве денес повторно можност да се поправиме, пред прагот на најголемите настани што се случија за нашето спасение. Рековме, утре ќе биде Тајната Вечера, па предавството, судењето на Господа, потсмевањето, плукањето; во Петок – Распетието, полагањето во Гробот; во Сабота – пребивањето во адот и накрај, во највеликата недела – Неговото победоносно и славно Воскресение. Затоа сега, пред да ја започнеме Предосветената Света Литургија, која е последна за оваа година, да Го помолиме Господа да ни прости како на жената грешница и да нè удостои во радост и духовно веселие да се поклониме на Неговото Воскресение.
Најнапред јас, последниот и недостојниот, барам од сите вас прошка со најголема љубов и понизност, за сè што згрешив и во мојот живот, но и во текот на оваа Четириесетница, со зборови, дела и мисли. Простете ми и помолете Го Христа да ми прости и мене, а и на сите грешници да им даде храброст да пристапат кон Него со вера и со надеж.
Добро Воскресение на сите!“