Цветници. Ден кога со венци на победата и со радосни восклици го прославуваме триумфалното влегување на нашиот Господ Исус Христос во светиот град Ерусалим. Ден кога Царот на мирот се зацарува, макар и на кратко, во Градот на мирот. Ден во кој се остварува триумфот на доброто, на чистото. Ден на невините и на чистосрдечните. А за нас, населниците на дебарско-реканскиот крај, денешниов празник е и торжество за преславниот град Дебар. Тој, имено, денеска како да се беше претворил во втор Ерусалим, во кого со чест и слава, со умиление и светлина, благодатно влезе Царот над царевите, во Сечесниот храмот на Пресветата Богородица, во тој духовен дијамант на дебарскиот варош, којшто од самите мештани се нарекува „Митрополијата“. Тука, дебарските Христијани, но и наши браќа од муслиманска веросиповест, заедно со браќата и сестрите од нашата монашка заедница и многубројните верни притекнати од повеќе места, се собраа заедно, за со молитва и со благодарења да Го пречекаат и да Го примат во себе Воскресителот на Четиридневниот Лазар и Ослободителот на душите човечки од оковите на смртта.
По вчерашното бдение во Бигорски, денешното празнично славење започна најнапред со благословување на палмовите гранчиња од страна на нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, кој со голема радост и милност ги раздели како благослов на големото множество верни. Божествената Литургија, пак, којашто тој ја тајноводеше, беше како еден непрестаен славословен трепет на срцата, кои непрестајно го упатуваа воскликот: „Осана! Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово“. Самиот воздух во храмот, освен со мирисот на темјан и на цветови, благоухаше со благословот на Пресветата и со радоста на предците. Беше тоа, несомнено, не само прослава, туку и покана кон секоја душа, да навлезе длабоко во своите внатрини, да се сроди со претстојните Христови страданија, за потоа и да совоскресне во Неговото Воскресение. Токму за тоа боговдахновено говореше и нашиот возљубен Старец во своето слово изговорено по читањето на Светото Евангелие.
На крајот од светото богослужение, владиката г. Партениј не изостави силно да им се заблагодари на сите коишто несебично се вложија себеси во обновата на дебарскиот храм на Мајката Божја. Тој ја искористи оваа благословена можност, за да го одликува претседателот на црковниот одбор г. Душан Казанџиовски со манастирскиот орден „Претеча“. Во своето обраќање, Старецот меѓу другото истакна:
„Возљубени дебрани,
Мили браќа, сестри и чеда,
Знаете дека минатата година, заедно со малкуте православни дебрани од градот, започнавме да го обновуваме овој свет и славен Храм на Царицата Мајка Богородица. Лани започнавме со нешто малку, но годинава обновивме многу повеќе. Ги реставриравме столбовите, ги променивме распаднатите греди на храмовиот балкон, ја очистивме целата црква и сосема го возобновивме тремот, кој сега е навистина прекрасен.
Кога пред два месеца започнавме интензивно да обновуваме и да градиме, доста средства ни пристигаа од нашите Христијани ширум целата наша возљубена Македонија.
Во делото, пак, на возобновата најмногу се потруди благочестивиот г. Душан Казанџиовски од Дебар, чесен и угледен човек од стара дебарска фамилија, еден од малкутемината храбри коишто останаа да живеат тука. Во обновата, исто така многу се потруди и сестра Елисавета од манастирот во Рајчица. Да знаете дека сите што работеа на храмот, секое утро уште пред 5 часот доаѓаа овде, остануваа некогаш и до полноќ, само за стасаат да завршат со работите навреме.
Затоа, дозволете ми, во оваа свечена прилика, по одлука на советот на старците од Бигорскиот Манастир, да го одликуваме нашиот возљубен Душан Казанџиовски со највисокото манастирско одликување – орденот „Претеча“, заради неговите особени трудови, заложби, пожртвуваност и љубов за овој свет и сечесен храм. Бездруго, тој неуморно работи и се грижи за Црквата, и да ви исповедам нешто лично – сум го гледал како лее солзи кога црквата пропаѓаше, а го гледам и денес кај повторно плаче, но сега од радост. Овој добар човек го почитуваат сите граѓани од Дебар. Кога и да поминеше низ дебарската чаршија изминатиов период, нашите драги сограѓани, честитите Албанци кои знаат што правиме, му даваат средства, за да ја помогнат обновата на Црквата, па така Душан секојпат се враќаше во храмот со парични даренија. Затоа се молиме и нив Бог да ги благослови. Денеска на Божествената Литургија се помоливме и за сите граѓани на овој град, без разлика на нивната национална припадност, без разлика на нивната вера, оти сите ние сме возљубени деца на Господ“.
Празничното ликување за победоносното влегување на Господа во Светиот Град раскошно го збогатија младите распеани души од кичевскиот хор „Митрополит Козма Пречистански“, неговиот оркестар, како и учениците од музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“ од Скопје. Тие со голема радост и љубов ги изведоа пригодните Лазарови каланди пред владиката г. Партениј и пред многубројните присутните.