Блескавата слава на вселената, непресушниот извор на милост и сострадание, Мајката на Светлината и надежта на народите, Пречистата и Пренепорочна Дева Марија и Богородица, денес радосно ја славиме, чествувајќи ја нејзината сечесна икона, наречена „Достојно ест“ и спомнувајќи си за чудото кога Архангел Гавриил му се јавил на еден монах во еден скит во Кареја на Света Гора и му ја испеал и ги запишал на камена плоча зборовите на небесната ангелска химна кон Пресветата: ,,Достојно е навистина да те ублажуваме, Богородице, присноблажена и пренепорочна и мајка на нашиот Бог“.
Навистина е достојно да се воспева и фали Пресветата Мајка Божја, преблагословената и секогаш Дева Марија, која е песна на Ангелите и утешение на луѓето и причината за сечие спасение. Со синовска љубов кон Мајката Царица, нашиот највозљубен Старец г. Партениј во пофалба кон Неа ќе рече:
Да си спомнеме за Онаа Која за сите нас поднесла болка, Онаа Која сите ние Ја возљубивме и Која непрестајно брза од една до друга душа за да охрабри, утеши, помилува… Таа неуморно нѐ поттикнува да се молиме за себе и за своите ближни и на сите им дава дух, сила и надеж. Таа од нас, луѓето и ангелите, прави една заедница, еден собор, една Црква; преку Неа проклетството е уништено, рајот е отворен, Животот посочен, Царството ветено. Таа од грешни луѓе прави светли ангели, Таа научила големо множество мажи и жени да одат по спасителниот пат на Христовата љубов. Таа е непресушен извор за духовна наслада; Таа е Мајка на сите верни, утеха на страдалниците, радост на тажните, слава на луѓето, похвала на ангелите… ‘Каква достојна похвала да ти принесам?’ – ѝ пее Црквата наша на Богоблагодатната. Кој би можел да ја испита до крај длабочината на Нејзината милост? Замислете само колку голема, просто непоимлива требала да биде љубовта на Пресвета Богородица кон Бога, за Таа да биде избрана да стане Мајка на Самиот Бог!
Милостивата, гледајќи нѐ собрани, монасите, монахињите, псалтите и верниците, во љубов и молитва околу својот сакан Старец, Епископ Антаниски г. Партениј, штедро нè посети со својот мајчински благослов и нè прегрна со својата прегратка поширока од небесата, давајќи ни да ја предвкусиме нашата Небесна Татковина и радоста непропадлива. Сеноќното бдение во чест на Заштитничката на монасите беше збогатено и молитвите удвоени од за нас радосното присуство на браќата монаси од манастирот на Светиот Великомаченик Пантелејмон во с. Нерези над Скопје. Со празничната Литургија чиноначалствуваше и тајноводеше нашиот Старец, во сослужение со браќата јеромонаси и почитуваниот и себлагоговеен протојереј м-р Аљоша Коруноски.
Присуството и допирот на Пресветата Царица Богородица беше толку реален што ни едно срце не можеше да остане рамнодушно на таа неовоземна убавина, на тоа необично торжество, на таа заедница на љубов, единство и радост.
„Се радува соборот Бигорски што ја има сега твојта најчесна икона, наречена со името Достојно е Дево, со вера приоѓајќи, тебе те величаме“. – Величание на Богородичната икона „Достојно ест“ во Бигорски.