Источен Петок во Пречиста Кичевска

Светлината на Пасхата не згаснува; таа продолжува да го преобразува светот.

Во пролетната свежина на денешниот Источен Петок – денот посветен на радосното торжество на Животот, како и на Мајката на Животот во чест на нејзиниот живоприемен Источник– во прегратките на благодатната Пречиста Кичевска, повторно се разлеа силниот одек на Христовото Воскресение. Во нејзиниот древен и прекрасен храм, под сводовите што со векови сведочат за верата на нашиот народ, беше отслужена Пасхална Утрена богослужба и Божествена Евхаристија, со којашто чиноначалствуваше нашиот возљубен Старец, Преосвештениот Епископ Антаниски г. Партениј. Во сослужение со него беа бигорските архимандрити Кирил и Анатолиј, отец Александар Матовски од Кичево, отец Павел Крцоски од Охрид и јероѓаконите Порфириј и Силуан.

По Литургијата, раскошна Пасхална литија се излеа како духовен порој од храмот, сè до светото место Господинец, каде што, според преданието, маченички пострадале Светите Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј. Таму, во молитвен спокој, Старецот изврши пасхален водосвет, а верните со благодарност и химни ја славеа победата над смртта.

Иако се приближуваме кон крајот на оваа Светла и обновителна седмица, животворната сила на Воскресението не стивнува. Таа продолжува да пулсира во срцата на верните, да го преобразува нашето секојдневие и да ја преобразува историјата во вечност.

Оти, Христос Воскресна – и веќе ништо не е исто!

Да ја чуваме радоста на Воскресението како факел што го осветлува нашиот пат!

Христос воскресе!