Навистина свештена и сепразнична е оваа спасителна ноќ и светлозарна, на светлоносниот ден на Воскресението – предвозвесница; во неа вечната Светлина од гробот плотски на сите им изгреа.
Многубројни се делата што си ги сотворил, Господи Боже мој, чудесата Твои, и нема никој кој ќе се уподоби на Тебе во однос на размислите Твои; возвестував и говорев за низ, умножени беа над секаков број! Овој псаломски восклик на боговидецот Давид, светиот цар и пророк, денеска го глаголат со восторг и нашите усни, затоа што Господ сотвори големо дело на милоста Своја кон нас, удостојувајќи нè не само да се поклониме, ами и да отслужиме Божествена Евхаристија на ридот Голгота – на самото место од каде што Распнатиот го прегрна светот од Крстот во љубовна прегратка и од каде што, проливајќи ја Својата пречесна и животворна крв, прошка и спасение му излеа на човечкиот род.
На ова велико Божјо удостојување му претходеше средбата на нашиот возљубен Старец и Игумен на Свештената Бигорска Обител, Епископот Антаниски г. Партениј, со Блаженејшиот Ерусалимски Патријарх г. г. Теофил во седиштето на Сионската Црква, непосредно до сесветиот Гроб Господов. Имено, со благослов на нашиот возљубен Архиепископ, Неговото Блаженство г. г. Стефан и на нашиот многупочитуван надлежен архиереј и свет владика, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот г. Тимотеј, Старецот Епископ Партениј, со дел од Братството, веќе неколку дена се наоѓа на свештено поклонение во „Градот на Великиот Цар и Бог наш“ – Ерусалим. Вчера тој го посети Блаженејшиот Патријарх, пренесувајќи му го писмениот братскиот поздрав од нашиот почитуван Архиепископ, со замолницата да благослови учество во литургиските свештенодејствија по Светите Места. Претстојателот на Ерусалимската Црква отворено и радосно го даде својот благослов за служење, особено изразувајќи го своето задоволство поради фактот што Охридската Архиепископија веќе се наоѓа во канонско и богослужбено единство со сета православна екумена, по одлуката на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј и на неговиот Синод од 9 мај оваа година и по помирувањето со братската Црква на Србија.
Еден од многуте благодатни плодови на овие настани и на мудрата и еклисиолошки единствено исправна насоченост кон првопрестолната Мајка Црква, Вселенската Патријаршија, од страна на нашиот свет Архиепископ и на Светиот наш Синод, беше и синоќешното литургиско учество на нашиот Старец, г. Партениј и на нашите браќа: архимандритот Доситеј, јеромонасите Кирил и Анатолиј и канонархот и типикар Аверкиј на бдението во свештениот параклис на Голгота, во храмот на Воскресението Христово. Имено, со благослов на Блаженејшиот Патријарх, Старецот сослужуваше на Божествената Евхаристија со Архиепископот на Мадаба, г. Аристовул, од Ерусалимската Патријаршија, а освен нашите браќа јеромонаси, на Литургијата земаа учество и уште неколку свештенослужители од Ерусалим, Грција и Романија.
Овој свештен настан е навистина историски, затоа што за првпат во поновата историја на сесветата Охридска Архиепископија, нејзин архијереј и клирици сослужуваа во Храмот на сеславното Христово Воскресение во Светиот Град на мирот. Тоа е голем и скапоцен благослов за сите нејзини членови.
Чувствата што ги доживуваат верниците кога застануваат пред Бога на страшната Голгота, се несомнено лични за секого. Воедно, тие се толку силни и трогателни, што човечки јазик просто не може да ги изрази. Молитвите, покајанието, солзите, таговната радост и радосната тага… – сето тоа го принесува човек таму каде што Господ Исус Христос воздивна: „Се сврши!“ И кога ја наведна главата, го предаде духот (Јован 19,30).
Спомни си за нас, Господи, од Твојот сечесен Крст и удостој нè и нас, грешните и последните, со зборовите што му ги кажа на благоразумниот разбојник, распнат заедно со Тебе на Голгота: Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот! (Лука 23,43)
View this post on Instagram