„За ова место секогаш чувствувам дека во него има нешто што не може да се пренесе, нешто длабоко, нешто многу древно, уверливо и допирливо. Не можејќи тоа да го опишам, јас само го живеам секојпат кога доаѓам. Тоа е нешто суштествено, искуствено“.
– Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј
Во прегратката на треперливите егејски води, каде што нежниот допир на времето се среќава со шепотењата на древните легенди, митови и приказни, лежи мистичниот и чудесен остров Имврос. Овде, среде азурното пространство, одекнува ехото на историјата, плетејќи една богата духовна таписерија што ги испреплетува Божјата убавина, античкиот сјај, човечката мудрост и византиското благолепие. Имврос, насликан со живописни бои од врховниот Уметник, е ризница на древноста и на благочестието, каде што стапалките на минатите цивилизации сè уште се забележуваат на земјата. Низ маглата на времето, тој сведочи за подемот, падот и воскресението на една славна цивилизација, за вечната аура на Ромејството. Некогаш, симфонија на светост, духовност, уметност и култура цветала на неговите осветени простори, додека островот и денес шепоти приказни за херои на верата, за воини на благочестието, за атлети на Православието, кои го збогатиле светот со својата светост и мудрост. Во византиската ера, овој скапоцен камен на Егејот го достигнал врвот на своето значење. Златната светлина на Византија треперела на неговите брегови, фрлајќи етеричен сјај на древните камења на островот. Имврос станал рај за научниците и уметниците, светилиште за верата и просветлението. Недобројни храмови Божји, манастири издигнати на карпи, од чиишто ѕидови сè уште одекнуваат горливите молитви на монасите, а нивните списи и беседи ја осветлуваат темнината на светот со мудроста на вековите.
На овој необичен и волшебен спој на природната убавина и духовното благо, станавме сведоци и ние, браќата од Бигорски и сестрите од Рајчица и Пречиста, откако по благословот на нашиот свет архипастир, Митрополитот на богочуваната Дебарско-кичевска епархија, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј, и водени од татковската љубов на нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, се удостоивме да се поклониме на дел од светињите на тој чудесен остров, кој, меѓу другото, е татковина на Неговата Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј. Впрочем, Имврос е родното место на бројни Христови архиереи, монаси, светии и служители Божји. Поводот за нашето поклоничко патување до овој светителороден остров беше споменот на нашиот Отец меѓу Светиите, Кирил епископот Александриски, чиешто што име достојно го носи денешниот пастироначалник на свештената епархија на Имврос и Тенедос, Високопреосвештениот Митрополит г. Кирил, големиот добротвор на најсветата Охридска Архиепископија и близок пријател на Свештената Бигорска Обител.
Светиот Имвроски со најголема љубов и радост ја пречека нашата монашка заедница предводена од возљубениот ни Старец г. Партениј и ја угости со обилно гостољубие. Своето официјално добредојде ни го посака во храмот на Светото Благовештение, во месноста Агридија, каде што на свеченото иподохи приредено за нашиот Старец, одржа кратко поздравно слово, поздравувајќи го неговото доаѓање тука, заедно со сета негова монашка синодија. Од своја страна, нашиот Старец срдечно му се заблагодари на добриот домаќин за топлото гостопримство, нагласувајќи ја својата особена радост поради фактот што нашето поклонение на Имврос започна токму од храмот на Благовештението, затоа што кога на 9 мај ланската година одекна серадосната вест дека Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј и Светиот и Свештен Синод на Вселенската Патријаршија ја примија нашата најсвета Црква во канонско и литургиско единство со целото Православие, тоа благовестие го затекна него токму во Пречистанската Света Обител на Благовештението на Пресвета Богородица.
Откако ѝ заблагодаривме на Царицата Мајка со химни и тропари, предводени од нашиот домаќин се упатуваме кон месноста Свети Теодори, родното место на Сесветиот Вселенски Патријарх. Таму се поклонивме и се помоливме во храмот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, храмот во кој е крстен и замонашен Патријархот. Воедно, тоа е храмот каде што во Неделата на Цветници оваа година, повеќемина свештенослужители откај нас беа удостоени со патријаршиски офикии од страна на Неговата Сесветост, а нашето братство се здоби со двајца архимандрити на Вселенскиот Престол. Во гробишта, пак, одзади црквата е погребана и сестрата на Вселенскиот Патријарх, блаженоупокоената Захаро и бидејќи деновиве се навршуваат шест месеци од нејзиното претставување пред Господа, на молба од Митрополитот г. Кирил, нашиот Старец отслужи трисагија за нејзин помен.
Вечерта сите заедно се собравме на молитвено собрание на празничната Вечерна богослужба во сечесниот митрополитски храм Успение на Пресвета Богородица, каде што со песни и химни го славевме великиот атлет на православната вера и бестрашниот борец за правилното славење на Пресветата Богородица, Светиот отец наш Кирил Александриски. Притоа, нашиот почитуван домаќин, Митрополитот г. Кирил на нашиот Старец му ја даде честа да престои на Вечерната богослужба. По нејзиното завршување, двајцата архиереи разменија пригодни слова, полни со топлина и љубов, како што им доликува на вистинските служители Божји.
Според редот, прв се обрати Високопреосвештениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил, кој трогнат од љубовта на Старецот и монаштвото, неколку пати се заблагодари за нашето доаѓање во Имврос:
„Ваше возљубено Преосвештенство, свет Антаниски Владико и многусакан брате г. Партение,
Голема е честа, а уште поголем благословот кој ни причинува особена радост и трогнатост. Вие сте една голема група монаси и мирјани, Ваши духовни чеда. И после Неделата на Цветници, на која Неговата Божествена Сесветост, нашиот Вселенски Патријарх им додели офикии од Вселенскиот Престол на клирици од Охридската Архиепископија, од свештената митрополија во која спаѓа и градот Охрид, на Светиот Дебарко-кичевски, Митрополитот г. Тимотеј, од свештената митрополијата Струмичка на Митрополитот г. Наум, од свештената Митрополија на Скопје на почитуваниот Архиепископ Охридски г. Стефан и од свештениот и сечесен Манастир Бигорски – од тој ден, значи, наваму, за прв пат доаѓате со целата Вашата чесна синодија, овде во историскиот и маченички Имврос. Среде радоста на Светата Педесетница, ве гледаме како ангел, гласник испратен одгоре. Доаѓате, Богољубив Владико, за да ја истакнеме на сите, особено одовде, од прегратките на православната Црква, востановената каноничност на Охридската Архиепископија, која сечесниот Вселенски Патријарх ѝ ја додели пред околу една година. Доаѓате за да сослужуваме, да се помолиме заедно, да се израдуваме заедно за светото слегување на Пресветиот Дух. Плод од тоа слегување, Ваше Преосвештенство, е светоста. Светоста со која Светиот Дух ја измива Црквата.
Чествувајќи го споменот на нашиот патронен Светител, Светиот Кирил Патријарх Александриски, ние, всушност, ја чествуваме токму таа светост во Црквата. Во последно време, тоа што Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх ми возложи да се позанимавам повеќе со Охридската Архиепископија, ми донесе голем благослов и радост поради можноста да поживеам со таа Црква, со Архиепископот, со митрополитите, со викарните епископи, но најмногу со манастирите од околината, особено со Бигорски и со двата женски манастири на коишто Вие сте им духовен отец.
Преку Вашата личност, Преосветени, ние му оддаваме чест на Архиепископот г. Стефан, ѝ оддаваме чест на Охридската Архиепископија, им оддаваме чест, како што реков претходно, на сите клирици и монаси. Го имав и исклучителниот благослов, по покана на Старецот Митрополит, Светиот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, да се најдам во Струга на празникот на Светиот Великомаченик Георгиј, по стариот календар, и навистина многу да се восхитувам на големата побожност и љубов на тие илјадници луѓе кои ја опкружува таа голема литија во градот кој го чествува Светиот Георгиј. Тоа нешто навистина се отпечати во мојата душа и ќе остане како врежан белег во моето сеќавање за целиот мој живот. Сеуште во моите уши одекнува возвикот на луѓето, кои кога одговараа на пасхалниот поздрав од децата „Христос воскресе“ , нивниот одговор „Навистина воскресе“ беше посилен од илјадници топови. И за речиси два часа колку што траеше литијата, се уверив во навистина големата побожност и вера на народот на Охридската Архиепископија. Благодарам особено за гостопримството и за утехата што ми ги пруживте после прославата, кога дојдов во Манастирот. Да се соединиме духовно со браќата, со драгите отци Архимандрити на Вселенскиот престол и со целото братство, како и со двете сестринства. Ја имав честа да претстојам на првата свечена Доксологија по повод чествувањето на годишнината од признавањето на каноничноста на Охридската Архиепископија од страна на Вселенската Патријаршија.
Вашата посета и вашето присуство е навистина историски настан. Верувам дека овде, на нашиот Имврос, никогаш претходно во поновата историја не прокружиле толку монашки раса, монаси, монахињи, клирици, епископи. И навистина чувствувам дека сте еден ангел, гласник одгоре, кој доаѓате да ни кажете дека таа каноничност отвори една голема прегратка, за да ја собере и Охридската Архиепископија во православната Црква. Тешките години поминаа и сега повторно заедно чекориме, сослужуваме, заедничариме во Телото и Крвта на нашиот Христос од светиот путир и се веселиме сите заедно. Навистина е историска вашата посета и присуство, Преосвештен Владико.
Сигурен сум дека сега веќе, кога го запознавте местото што го роди Вселенскиот Патријарх, но и наша татковина, ќе се молите уште повеќе и Вие и отците и сестрите таму кај вас, за нас овде коишто имаме заеднички пат, заедничка судбина. Знаете, возљубен Старче, духовната врска што се разви помеѓу мене, Вас, вашите братство и сестринства, ја сметам за особен благослов за мене. Бог ме удостои да се поврзам со сите отци и со сестрите што се под Вашиот омофор. На сите особено ви се заблагодарувам за тоа што свртивте и навративте ваму, при вашето патување до Константинопол, за да му ја целивате чесната десница на Патријархот по повод неговиот именден; дојдовте да ја почестите и мојата ништовност за празникот на мојот патронен светител, нашиот Отец помеѓу светите Свети Кирил Патријарх Александриски Велики. Не кријам дека многу се израдував, но повеќе се израдував дека се израдува и нашиот народ кој го виде целиот тој духовен обем на монаси и монахињи, како чекори по маченичките калдрми на Имврос, по нашите села, како правиме помен на секогаш споменуваната Захаро, како се молевме во храмовите на Пресвета Богородица и на Свети Георгиј – навистина историски и благословени настани и моменти.
Како што рече и Неговата Сесветост, процесот за доделување на Томосот за автокефалија е на добар пат. И веруваме дека Архиепископот Стефан и Свештениот Синод, но и Вие лично, ќе работите за да се заврши сѐ она што треба да биде, како би стасале до оној благословен ден кога Неговата Сесветост ќе богослужи во историскиот храм Света Софија во Охрид, за да го предаде Томосот за автокефалија на Охридската Архиепископија. Секако, тоа е едно мачеништво, не бескрвно, тешка борба затоа што постои спротивната страна – ѓаволот, кој се обидува да го искористи моментот и да направи прашина и проблеми. Но убеден сум дека еклисиолошката свест на сите што ја сочинувате Охридската Архиепископија ќе ги одведе работите онаму каде што треба да стасаат.
Нѐ трогна Архиепископот завчера, во Понеделникот на Света Троица, кога по завршувањето на Светата Литургија, обраќајќи се кон Патријархот на Србија, му се заблагодари на нашиот Вселенски Патријарх што обезбеди каноничност и изрази надеж за доделување на Томос за автокефалност. Би биле особено радосни и би се фалеле со тоа, Ваше Преосвештенство, затоа што сме од првите со кои сослужуваше и се молеше заедно со нас, овде на Имврос, една толку голема црковна група од Охридската Црква.
Ви благодарам, Ваше Преосвештенство, им благодарам на Високопреподобните Архимандрити на Вселенскиот Престол, на останатите отци од Обителта на Чесниот Претеча – Бигорски, на Старицата од Обителта Благовештение и на сестрите од нејзината синодија, како и на сестрите од другата Обител во Рајчица – се молиме за нивната Старица, која денес имаше една мала интервенција и поради тоа не е со нас, да биде добро, да не произлезе некој сериозен проблем. Да знаете дека ни дадовте голема радост, нѐ одморивте со вашето присуство овде. Го споделуваме со вас тој крстовоскресен пат кон Царството Божјо. Добредојдовте, Преосветен Владико!
Воодушевен од духовните убавини на Имврос и на неговиот Митрополит, нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, од своето срце ги излеа следниве зборови:
„Ваше Високопреосвештенство, возљубен наш брате и сослужителу г. Кириле,
Ваше Високопреосвештенство, Митрополите Мосхонисиски г. Кириле,
Сечесни отци, браќа и сестри монаси и монахињи,
Почитувани Имвријци,
Нема поголема чест и радост за мене од тоа што вечерва се наоѓам на ова осветено од подвиг место, на овој славен остров кој на Црквата Божја ѝ дал бројни светии, преподобни, учители и добротвори. Со сето свое срце му благодарам на мојот возљубен и свет брат, Високопреосвештениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил, за достоинството што ми го подари, да претстојам на богослужбата во овој свештен и велелепен храм.
Ваше Високопреосвештенство, доаѓаме тука, носејќи Ви ги поздравите, благопожелбите и честитките по повод Вашиот именден од нашиот почитуван Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, со чијшто благослов го остваривме нашето поклоничко патување.
Со Светиот Имвроски се запознавме пред скоро четири години, во главниот град на Ромејската цивилизација, во незаборавниот Константинопол. И кога го запознав одблиску, цврсто се убедив дека тој е, како што ми го претставија, вистински син по дух на Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј. Во Митрополитот Кирил, тогаш видов, пред сѐ, еден посветен монах Христов, една прекрасна, благородна, љубезна душа која се наоѓа во непрестајна комуникација со Бога. Почувствував спокојство и радост во внатрешното мое битие од општењето со него. И веднаш сфатив зошто Сесветиот Патријарх го има поставено него како епископ, како грижлив татко со недремливо око во својата родна татковина, во светителородниот Имврос. И навистина, делата на Високопреосветениот, неговата грижа за одржување и обновување на духот на Ромејството на овие простори, родителската грижа за христијанската паства што останала да живее овде, но и за сите кои, по неговата иницијатива и заложби, се вратиле овде, покажуваат дека Неговата Сесветост го направила правилниот избор.
Од нашето запознавање во Цариград, заедничарењето во Христа со Светиот Имвроски продолжи да се продлабочува сѐ повеќе и повеќе. Во два наврати го имавме благословот Божји, тој да престојува во нашата Света Бигорска Обител, како и во Манастирите Рајчица и Пречиста и да сослужуваме заедно пред Трпезата Господова. Тогаш, со неговата охристовена личност се запознаа и сите мои браќа монаси и сестри монахињи, коишто и самите, исто така, во него препознаа човек сличен на нив, на нивните стремежи кон небесното, човек кој во себе носи монашка душа и е еден вистински монах на Христа. Митрополитот Кирил беше сесрдно прифатен од нашата монашка заедница како дел од неа. И еве, денес, по молбите на сите мои браќа и сестри, ние сите се наоѓаме во неговата богочувана епархија, за да го прославиме заедно со него споменот на неговиот небесен заштитник Светиот Кирил Александриски.
Би сакал да го пренесам тука и првиот впечаток на монасите и монахињите од нивното поклоничко патување во ова свештено место. Сите ми рекоа дека се воодушевени од светоста и благочестието што се чувствуваат во воздухот тука, од убавината на светите храмови, од фактот што овој остров е сврзан за монаштвото со папочна врска. Христијаните на ова место биле и се патеводени од преподобни монаси, а и самите како монахољубиви верници дале недобројни монаси и служители Божји. Навистина сме трогнати сите и немаме соодветни зборови да го изразиме тоа што се удостоивме да застанеме и ние на ова таинствено парче осветена земја, која израснала бројни светии и која го одгледала и отхранила и нашиот сакан Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, кој е, навистина, еден велик и историски патријарх, вистински Татко на Православните, во чијашто љубовна прегратка има место за сите. Токму тој, заедно со светите архиереи од Светиот и Свештен Синод на Вселенската Патријаршија, на 9 мај минатата година, нè прегрна во црковно единство и нас, чедата на Охридската Архиепископија од државата Северна Македонија, исцелувајќи ја со елејот на љубовта Христова повеќедецениската рана од нашата дотогашна изолација. Заради тоа, ние ќе му останеме вечно благодарни и признателни и ќе го чуваме неговото име напишано со златни букви во нашата црковна историја и во благодарственото сеќавање.
Накрај, на нашиот денешен славеник, саканиот и возљубен брат Светиот Имвроски г. Кирил, од длабините на своето битие му посакувам долгоденствие, благодатни сили и добро просветление за уште долги години да продолжи со својата богоугодна мисија во Црквата Божја. Некои од браќата и сестрите ми рекоа дека го чувствуваат Митрополитот Кирил како едно возљубено чедо на Пресвета Богородица. Јас им одговорив дека тоа е навистина така. Впрочем, неговиот застапник, Светиот Кирил Александриски, бил еден од најогнените почитувачи на Царицата Мајка и ревносно го бранел православното учење за неа, па логично е и Светиот Имвроски да го наследил тоа духовно наследство, зрачејќи со љубовта кон Пречистата Богомајка. Молитвите и благословот на Свети Кирил да бидат секогаш со него!
На многаја лета, Ваше Високопреосвештенство!“
Во продолжение, на молба на нашиот Старец, Митрополитот г. Кирил му даде благослов за монашки живот на новата искушеничка во Рајчица Зоре, мајката на монахот Ангелариј од нашето братство, за општа радост на целата наша монашка заедница.