Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, чуварот и силниот помошник и застапник на монашкото сестринство во Рајчица, беше благодарствено и торжествено воспеан и прославен на светата Вечерна богослужба, зашто неговото присуство и неговата радост, особено преку чесните, благомирисни и чудотворни мошти што почиваат во светиот кивот, ги опфати сите кои со искрени срца и топла љубов притекнаа да се вложат во подготовката за достојна прослава на храбриот Маченик, цврстиот дијамант на верата, силниот сведок на Воскресението и вечниот живот, неустрашивиот коњаник на небесниот Цар.
Навистина прекрасна глетка беше да се види како со љубов предадените монаси, монахињи и верници трчаат да направат колку што можат за манастирот и светињата. Живата Црква Христова – народот Божји, како живи камења се вградуваа во духовната градба на славното светилиште.
Возљубениот наш игумен и старец, Неговото Преосвештенство Епископ г. Партениј Антаниски беше силно посетен од љубовта и благодатта на Победоносецот Георгиј. Неговото верно чедо, пак, Љубен Тодоровски, благодарствено и најсрдечно, заедно со братството и сестринството, му подари на Старецот прекрасно изработен енколпион со ликот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец.
Најнапред, како своевиден вовед во празничната вечерна, се обрати Архимандритот г. Доситеј, кој направи историска паралела од времето на зачетоците на Христијанството, кога тоа било гонето. Имено, „како што знаеме од историјата, раните Христијани се криеле во катакомбите, во подземните гробници и на други скришни места, за соборно да Му се молат и да Го слават Бога. Кога ќе се случело да пострада некој маченик заради Христа, Христијаните го земале неговото тело, неговите свети мошти и врз нив служеле Литургија. Оттаму и потекнува подоцнежното правило во секој свет олтар на храмовите да има мошти од некој маченик или светител, за врз нив да се принесува бескрвната и словесна служба кон Бога. Црквата, значи, отсекогаш го претставувала соборот на верните, собрани во името Божјо околу некој свет и Божји човек, околу епископот, или околу некој духоносен старец. Според отците на Црквата, а во поново време и според познатиот и почитуван светогорски Старец Емилија Симонопетриски, Црква се оние заедници Божји каде што функционира принципот на послушание и љубов, каде што духовните чеда се раководени и поткрепувани од духовникот, а тој е поткрепуван од љубовта на своите духовни чеда. Во Псалмите има пророштво за тоа: Се појавуваат пасишта по пустините и ритчињата се исполнуваат со радост (Пс. 65,12). А и Самиот Господ во Евангелието вели: Каде што е мршата, таму се собираат и орлите (Матеј 24,28). Па така, возљубен наш Старецу, Ви благодариме што Вие, со Божја помош, создадовте една прекрасна црковна заедница, со мноштво духовни чеда и што постојано се грижите да Го вселувате Христа во нашите срца. Сега, дозволете Вашето духовно чедо Љубен да Ви подари еден мал пригоден подарок: архијерејска енколпија со ликот на Свети Георгиј Победоносец. На многаја лета! Христос воскресе!
Вдахновен од големата слава на Великомаченикот, изразена преку богослужбените химни, нашиот Старец на крајот од Вечерната говореше за блескавиот и разумен Христов дијамант – Свети Георгиј:
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Возљубени мои, нека ни е напомош споменот на Светиот Великомаченик Георгиј и нека овој сеславен Христов Победоносец се моли за нас пред престолот на Спасителот наш Господ Исус Христос, утврдувајќи ја нашата добра желба, со вера да Го последуваме Него.
Денешниот велик славеник бил блескав сведок за Христовото Воскресение во своето време, а таков останува и до денес, иако од неговото маченичко страдање за Христа изминале околу илјада и седумстотини години. Впрочем, споменот за овој воин Христов нема никогаш да згасне и ќе остане светол и силен во паметта на луѓето, затоа што тој е вечно жив во Господа. И ќе биде така до крајот на светот. А еден ден, по милоста Божја, ќе го видиме и неговиот светол лик во неискажлива слава во Христа.
Зошто Свети Георгиј е толку славен и на исток и на запад, по сиот свет? Затоа што не направил ни најмал компромис за светата вера. Кога од него било побарано да се одрекне од својата верба, тој мажествено и бестрашно Го исповедал Христа, откажувајќи се буквално од сè земско. А имал не малку земски блага и погодности: бил воен трибун – мошне висок чин на военоначалник во римската императорска војска; имал телесна сила и убавина и блескава перспектива пред себе. Од императорот му било понудено да стане дури и царски зет. Меѓутоа, тој се откажал од сето тоа единствено заради Христа. Заедно со Апостолот Павле, тој цврсто размислувал: Сметам дека и сè друго е загуба спрема преважното познание на Христа Исуса, мојот Господ, поради Кого се одреков од сè, и сè сметам за отпад, само за да Го придобијам Христа (Филип. 3,8). Сè за отпад: и славата и почестите и богатството и ласкањата и ветувањата, а накрај и сопствената плот. Кога неговото тело било предадено на многубројни и ужасни измачувања, Свети Георгиј ни малку не се отклонил од својата верба во Христа. На тој начин најгромогласно посведочил за Воскресението Христово и за тоа дека Спасителот е навистина жив. Следствено, многумина од оние што го гледале страдањето на Великомаченикот добиле уверение за вистинитоста на христијанската вера и просветлени од неговите чудеса, поверувале во единствената вистина – Христос Бог. Знаеме од Житието на Светијата дека дури и царицата Александра, сопругата на императорот Диоклецијан, кој особено ги мразел и жестоко ги гонел и убивал Христијаните – и таа, гледајќи ги верата, страданието и трпението на Свети Георгиј заради Христа, извикала: „И јас сум Христијанка!“ Па, накрај и таа пострадала за Бога заедно со многумина други.
Која е пораката што ни ја испраќа животот на Свети Георгиј, особено кон нас монасите? Дека нашата добра желба да Го следиме Христа треба секогаш да биде проследена со силна вера и со маченичка совест, за да останеме со Него до крајот, макар и по цена на сè. Отците учители на Црквата монашкиот живот го поистоветуваат со тој на Мачениците, како на Светиот Великомаченик Георгиј, како на Великиот Маченик Димитриј и недобројните други страдалници коишто ја пролеаја својата крв за Христа и во ниеден момент не Го предадоа. Па така, сходно со нив, и ние сме должни секојдневно да пролеваме духовна крв за Христа. Нема веќе враќање назад, нема повеќе врвење по своите желби. Игуменот не чинел. Можеби. Но никаде во монашките буквари не пишува дека треба да си да заминеш од него и да го напуштиш без благослов. Напротив: во сите монашки учебници верноста и послушанието се истакнати како најсвето нешто, како врховна теологија. Зарем мислите дека во брачниот живот и во семејството е сè добро и лесно?
Денес дојде време луѓето во семејствата да прават дури и поголем подвиг. Деновиве со неколку браќа бевме во Грција и во една прилика забележав еден свештеник, традиционално облечен во целосна свештеничка облака, со горно расо и со камилавка. Околу него трчкаа двете му дечиња, а зад него одеше жена му. Имаше таква смерност, побожност и радост, што навистина многу ме воодушеви. Беше млад, на околу четириесет години. Ние со браќата бевме во една слаткарница каде што купувавме подарок за еден човек. Тогаш им реков на еден од браќата да купи разни колачи во една кутија и да му ги однесе на свештеникот за децата. Во меѓувреме, тој се доближи до своето скромно возило, кога од него излегоа уште три деца. Значи, овој презвитер со својата сопруга имаат пет деца! Во тој миг братот дотрча до нив и давајќи им ја кутијата со благите, му рече на свештеникот: „Отче, ова Ви е од Старецот, за децата, затоа што многу се израдува и се воодушеви кога Ве виде како изгледате“. Потем, отецот дојде со сета фамилија и се поздравија со мене. Зошто ви го раскажувам сето ова, мили мои монаси? Што мислите? Лесно ли му е на тој свештеник да гледа пет деца во светот, во овие тешки кризни времиња? Воопшто не му е. Но тој, сепак, беше исполнет со благодарност и со љубов. Ова треба да ни биде поттик да бидеме уште поревносни во нашиот подвиг и благодарни за благодатниот пат на кој нè приведе Господ, без да роптаеме и да пребаруваме непотребни нешта.
Монасите се духовни наследници на Свети Георгиј, на Свети Димитриј и на безбројните Маченици. Погледнете: очите на народот се вперени во нас! Исто како што некогаш очите на луѓето биле насочени кон страдалниците Христови. Во тоа сурово паганско време, кога животот на повеќето им бил здодевен, една од најомилените забави на луѓето им била да набљудуваат како луѓе се борат со луѓе или со ѕверови. Сакале да гледаат страдање и крв. Кога некого ќе го измачувале, тие гледале на тоа како на театарска претстава. Се насладувале со леење на крв. Меѓутоа, многумина од тие сурови луѓе, гледајќи го Свети Георгиј и другите Маченици како со љубов трпат сè заради најмилиот им Христос и самите станувале Христијани. Десетици, стотици станувале Христови следбеници по мачењето на некој Маченик. Слично на ова, и денес луѓето, гледајќи ги монасите, се преобразуваат и се утврдуваат во верата. Вратете се, еве, на периодот на изминатата Четириесетница и на Пасха: колку ли само луѓе Го осознаа Христа во нашите манастири! Зошто? Затоа што го видоа примерот на монасите, нивната слобода, нивната радост и љубов. На луѓето доволна им е самата помисла дека некој се откажал од сè во овој свет и живее во послушание до самата смрт. Затоа, ве молам, пазете се – вашето откажување од светот да биде вистинито. Да не испаднеме лажливци! Чувајте се од светот, зашто кој сака да му е пријател на светот, му станува непријател на Бога (Јаков 4,4). Овој свет не е за нас, чеда мои. Тој е наш непријател и противник. Сетете се што им рече Господ на учениците: Во светот ќе имате маки; но не плашете се, зашто Јас го победив светот (Јован 16,33).
И Свети Георгиј Победоносец го победи светот преку Христа и затоа остана светол на Небесата. И ние треба да бидеме такви. Не знаеме колку ќе живееме во овој живот. Затоа да станеме цврсти како дијамант. Како што се нарекува Свети Георгиј во богослужбата: „разумен дијамант“. Знаете, дијамантот е најтврдиот минерал во природата. Свети Георгиј, значи, се покажа тврд во верата како дијамант. Да се покажеме и ние така тврди во верата, во љубовта, во послушанието; да станеме и ние духовни дијаманти, мили мои монаси. Се разбира, ова важи и за световните луѓе, кои не помалку се повикани да бидат сведоци на Христовото Воскресение. И вие, со вашите добри животи треба да сведочите за Христа. Сите ние Христијаните, всушност, сме повикани со живот, а не само со зборови да сведочиме за Воскреснатиот Спасител и за единствената Светлина. Оти Он е вистински живот и Царството Небесно, спасение на секој човек.
Нека Свети Георгиј нè закрилува и вдахновува!
Христос воскресе!