Богатството на благодат што ми го даде кога заминав, јас несреќниот, непотребно го потрошив, Спасителу; блудно живеев, на демоните лажно го раздадов: затоа мене, кој се обраќам како блудниот, прими ме, Оче Штедар, и спаси ме.
Стихира од утрената
Колку е добар Бог кон Израила, кон правите по срце! (Пс. 72,1) – воскликнува царот псалмописец Давид. А чисто срце имаат не само оние кои се отстрануваат од секое зло, туку и оние кои паднале, згрешиле, се извалкале, но потоа Бог ги очистил, откако се покајале за своите зла и побарале помош од Бога: сите беззаконија мои избриши ги. Срце чисто создај во мене, Боже (Пс. 50,9-10). Чистото срце Бог го љуби, живее во него, и чистото срце Го гледа Бога, за кое ни сведочи самиот Спасител: Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога! (Матеј 5,8). Чистотата на срцето се наоѓа во незлобието, но нејзиниот почеток е во самоспознанието, покајанието и поправањето. Наше дело е оставањето на злото и пристапувањето и прилепувањето кон Бога со понизност, покајание, искреност, а дело на Бога е очистувањето на срцето: Престанете да правите зло; научете се да правите добро… тогаш гревовите ваши да се и како бакам, – како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур, – како волна ќе станат бели“ (Иса. 1, 16-18). Ова е доволно сведоштво за љубовта Божја, сигурен доказ за Неговото вистинско татковство. Затоа послушувајќи го Св. Апостол Павле, кој вели: Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението (2 Кор. 6,2), да се разбудиме од нечувствителноста, од духовното мртвило, да станеме, да дојдеме на себеси, да се вратиме при Бога, при домот на нашиот небесен Отец, во вистинскиот наш дом, како примерот на блудниот син од денешниот расказ, кој кога дојде на себеси, рече: Ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: „Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници“. Па стана и отиде при татка си (Лука 15,17-20).
Нашиот Старец Епископ г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител како добар татко и грижлив духовен пастир, инспириран од љубовта на Отецот небесен кон човекот преку Евангелската приказна за блудниот син, а и самиот бивајќи смирен трудбеник во таа бескрајна, несфатлива, длабока и широка Божја татковска љубов, беседеше боговдахновено за вистинското покајание и враќање при Отецот небесен, Кој е полн со љубов и широчина за секого од нас.
Посебен духовен украс во оваа благословена недела за нашата Света Обител беа децата од хорот „Митрополит Козма Пречистански“ и учениците од Државниот музичко-балетскиот училиштен центар „Илија Николовски – Луј“ од Скопје, кои со своите распеани гласови и музички инструменти, но пред се со своите топли и радосни христољубиви души, духовно ги возвеселија душите на присутните.