Торжествата во чест на Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст Господов во свештената Обител на Светиот Великомаченик и Победоносец Георгиј во Рајчица, го достигнаа својот врв на светото литургиско собрание, предводено од нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј. Заедно со него, во овој врховен светотаински чин сослужуваа и архимандритите, јеромонасите и јероѓаконите на Бигорската Обител, а беа придружени и од нашиот долгогодишен собрат и почитуван пријател, отец Давид Сомалис, претставник на Архиепископијата на Тијатир – Православната Црква во Обединетото Кралство, како и од дебарскиот свештеник, о. Миле Ангеловски. Утрената богослужба и евхаристиското Таинство беа украсени со молитвените и слаткогласни напеви на нашите драги гости, псалтите Јоргос Савас и Атанасиос Куѓас, како и на хорот на Бигорскиот Манастир.
Целиот овој настан, во својот духовен и таинствен тек, ја носеше во себе длабоката симболика на Крстот, кој преку молитвените и умилителни стотици „Господи помилуј“ се спушташе и се издигаше пред нашите очи, како да сакаше да нѐ повика да навлеземе во длабините на неговото спасоносно значење. Ова таинство, скриено во самиот центар на христијанската вера, го открива Крстот како симбол на жртва и смирение, но истовремено и на воскресение и победа над смртта. Беше тоа жива поука, која нѐ повикуваше првин да се симнеме во себеси, да ги согледаме нашите падови и страсти, длабоко закопани во срцето, и со скрушеност и покајание да ги исповедаме пред Бога, за да примиме очистение и мир на внатрешниот човек.
Овој пат, кој е неизбежен за секој Христијанин, не е пат само на болка и страдања, туку е пат кон вистинското воскресение – преобразба на нашата ранливост и немоќ во ново, обожено битие. Само откако ќе се смириме во своите срца пред Крстот, ќе можеме да ја разбереме и вистинската сила која тој ја носи во себе. Тоа е силата на љубовта која победи, која се разоткри на Голгота и која продолжува да обединува, да надминува секој раздор и разделба. Во светот што се распаѓа под тежината на своите страсти и оттуѓеност, Крстот се јавува како единствениот столб на вистината и љубовта, преку кој се обновуваат и утврдуваат сите што искрено пристапуваат кон него.
Затоа, вдахновиме од овие торжествени мигови, ги вознесеме своите мисли кон Крстот и се молиме да станеме преносители на неговото обединувачко дејство, сведоци на спасоносната љубов која Христос ја покажа преку Своето Распетие. Со таа сила, нашиот збор може да стане жив и дејствителен, да ја зацврсти верата кај нашите солуѓе и да ги поттикне на подвигот на вистинската, пожртвувана љубов, што во суштина е срцевината на христијанскиот живот.
А има ли посилни зборови за ова од оние изречени од устата на нашиот Старец, во неговата инспиративна и полнотаинствена беседа? Неговите зборови нѐ повикаа да не гледаме на Крстот само како на орудие на страдање, туку како на патоказ кон преобразбата и спасението. Така, преку неговите зборови и пример, сме охрабрени да го носиме и споствениот крст со вера и надеж, зашто токму таму, во смиреното и во доброволно прифаќање на Крстот, ние ја наоѓаме вистинската слобода и радост на животот во Христа. Оваа беседа нѐ потсети дека Крстот, со своето длабоко таинство, не е само знак на болката, туку и на конечната победа над секој грев и смрт. Тој останува столб на вистината и на светлината во секое време и за секоја епоха, повикувајќи нѐ секогаш да Му се поклонуваме и да го бараме Неговото моќно воздејствие, преку кое и ние, како светите маченици и исповедници, се издигнуваме во полнотата на животот што Христос ни го подари.