Спомен на Свети Николај Чудотворец

Колку им се прекрасни нозете на оние, што благовестат мир, што го благовестат доброто. (Рим. 10,15)

Од сите луѓе на земјата никој не му донел толку мир на човештвото, колку што тоа го направиле пријателите Божји. Тие најнапред, преку подвигот на љубовта и пожртвуваноста за ближните, го воспримиле Христовиот мир во себе, а потоа, со неговото благоухание, ја исполнувале целата екумена. И тој мирис на Божествениот мир не престанал да ги шири своите благовонија ни по нивното преселување во вечноста, туку со уште поголема острина продолжува да ги облагородува душите на верните. Непобедливо показателство за ова е, меѓу многуте други, и споменот на големиот светилник на Црквата Христова, богоносниот и светлоносен отец наш Николај Чудотворец, Архиепископот на градот Мира во областа Ликија, Мала Азија. Еве, и седумнаесет века по неговото во Христа успение, тој не престанува, со своето посредништво пред престолот Божји, да ја испушта аромата на Божјиот мир за сите што со вера го призиваат и чествуваат. Самото спомнување на неговото победоносно име, веднаш ја радува и успокојува душата на Христијаните.

Црковната химнографија го опишува Светителот Николај како: „најсвештен ум“, „на Троица Света чисто пребивалиште“, „столб на Црквата“, „ѕвезда, која со сјаењето на неговите благопријатни молитви, ги разорува напастите и жалостите на темнината“, „пристаниште тивко во кое се спасуваат сите што се бранувани од житејското море“. Ете зошто верните толку многу го љубат споменот на овој прекрасен угодник Христов. Бигорската обител, пак, има посебна почит кон Чудотворецот од Мира, не само поради тоа што тој благоволил делче од неговите благоухани мошти да се наоѓа во нашиот Манастир, но и затоа што тој пред скоро три децении го примил во својата Обител на Света Гора нашиот Старец, Архимандрит Партениј, татковски поткрепувајќи го во неговите први монашки чекори. Затоа, подоцна Старецот со братството од благодарност му направија прекрасен параклис во Источниот Палат, а денес таму, напоредно со богослужбата во бигорскиот католикон, беше отслужена Божествена Евхаристија.

Средишното, пак, празнување на Светителот Николај во нашата богочувана епархија беше во неговиот храм Геракомија во Охрид. Таму нашиот почитуван владика, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение со дел од епархиското свештенство и нашето братство, утрово отслужи света Божествена Литургија, молитвено одбележувајќи ја својата куќна слава.

Светителу, отче наш Николае, со твоите слаткомирсни молитви кон сецарот Христос, изгони го злосмрдието на страстите од нашите души, и непорочни жители на Царството покажи нѐ!