Монашкиот собор на бигорските црнорисци денес празнично се радуваше за споменот на таткото на монаштвото, големиот Авва и наш небесен застапник, Преподобниот Антониј Велики, сонцето на монасите, светилникот на верните, учителот на добродетелите, огнот на љубовта Христа – по чиј пример, недогледна река од богокопнежливи души со векови го следат монашкиот начин на живеење.
Нашиот возљубен старец, игумен и татко во Христа, Епископот г. Партениј, опкружен од своите монаси и од притекнатите верни чеда, го предводеше денешното празнично торжество на овој светол семонашки празник.
Живи и монахотворни се словата и делата на Старецот наш во срцата на монасите, со кои тој непрестајно нè упатува во најдлабоките таинства на монашкиот живот и подвиг, замајќи го за пример животот на преславниот и Божествен египетски Авва Антониј Велики.
Монаштвото е срцето и крвотокот на Црквата и во него, преку Божјата благодат, на чудесен и мистичен начин се извршува целосното соединување на човекот со Бога. Монаштвото е радост и храна и пример за верниците во светот. Тоа е Богочовечка институција во која обилно пребива Светиот Дух. Во него се исполнува целосната и крајна Божја волја. Тоа е предвкус на Царството Божјо на Земјата. Монаштвото е вистинска заедница и богоустроено општество. Или како што вели преблажениот Антониј Велики: „Блажен е родот човечки, а особено монашкото воинство, кои Го имаат Господа, Кој е толку милостив и човекољубив! Да бидеме ревносни за нашето спасение“.
Неговиот благослов нека биде врз сите нас!