Навлегувајќи подлабоко во молитвената свежина на чесниот Пост, Црквата со почит и благоговејно се поклонува на споменот на солунскиот проповедник на благодатта, великиот Григориј Палама, кој како скапоцен камен го озарува патешествието во оваа втора недела на посната пустина. Токму затоа црковните поети го нарекле „светилник на Православието“, кој засветли со учењето за исихазмот и за нетварната светлина, откривајќи се пред нас како духовно просветен подвижник, во кој се огледа Отецот на Светлината. И како цврста потпора на нашата вера, молитвено ни помага посигурно да одиме по патот на спасението. Затоа го славиме како учител и утврдување на Црквата.
Но, не само тоа, туку и ревносен заштитник на Вистината кој до крај опстои во својата одбрана на чистотата на верата.
Славејќи го денес ние славиме икона на служењето, вистински монах и архиереј, учител и гласник на Божествената благодат, избран сад Божји којшто во себе ја смести великата тајна на обожението, покажувајќи им ја на луѓето во своите зборови и дела.
Застанати со молитвен трепет пред овој чудесен проповедник на Таворската светлина и поборник за Вистината, присутните верни, ги слеаја своите скромни молитви, заедно со смирените монашки пофалби на светиот, барајќи од него да го измоли за нив дарот на несоздадената благодатна светлина на Светиот Дух и вистинска заедница со Бога. Зборувајќи за тоа каква треба да биде таа заедница, нашиот возљубен Старец и Игумен, Епископот г. Партениј, им ја образложи тајната на Црквата како тело Христово, во која секој од нас, колку и да е незначаен го има своето место во заедницата и во љубовта Христова:
Сечесни отци,
Сепреподобни и преподобни браќа монаси и сестри монахињи,
Почитувана Министерке за одбрана г-ца Славјанка Петровска,
Мили мои браќа и сестри,
Црквата Христова ја посветила Втората недела од светата и велика Четириесетница на големиот тајник на Божјата благодат, Свети Григориј Палама, Солунскиот чудотворец. Како што читаме во неговото прекрасно житие напишано од Константинополскиот Патријарх Филотеј, тој живеел во 14 век и зад себе оставил неприкосновен печат врз православната теологија, завешатал една особено суштествена богословска мисла, заокружувајќи го оформувањето на православната тријадолошка догма. Тој е, имено, беспрекорен зналец, вкусител и проповедник на Таворската несоздадена светлина, во којашто сме повикани да учествуваме сите ние, преку причестувањето со нестворените Божествени енергии. Клучната мисла, значи, на овој голем богослов и светител на Црквата е дека движењето на нашиот живот треба да биде управено кон обожението, т.е. кон учеството во Божественоста на Бога преку стекнувањето на тие обожителни енергии, за најпосле да ја достигнеме и вечната заедница на радоста во Божјото Царство.
Од Евангелието одредено да се чита во оваа недела, чувме за Христовото чудо над фатениот, кого неговите пријатели, силно верувајќи во Назареецот, го однеле при Него, и тоа на еден необичен начин. Имено, тие така цврсто верувале во Христа, во Неговата моќ да твори големи чуда, што кога се соочиле со огромна толпа народ поради која не можеле да го однесат својот парализиран пријател до Исцелителот, тие храбро се решиле да го откорнат покривот на куќата каде што престојувал Он и со јажиња да ја спуштат носилката на болниот пред Него. Господ Христос, пак, гледајќи ја нивната вера, истрајноста и пожртвуваноста, го исцели фатениот со зборовите: Чедо, ти се простуваат гревовите твои! Он го изврши ова исцеление според верата на неговите пријатели. Затоа Евангелистот нагласува: А Исус, кога ја виде нивната вера, му рече на фатениот (Марко 2,5). Вие кои го читате Евангелието знаете дека Христос како услов да направи некое чудо или исцеление, секогаш ја барал вера од луѓето. Во овој случај, пак, Он бил воодушевен не само од верата на пријателите на болниот, ами и од нивната пожртвуваност, од нивната дејствена љубов кон пријателите, па затоа веднаш го исцелува фатениот.
Со овој спасителен настан Христос ни покажува што е, всушност, Црквата. Ни ја претставува неа како една заедница со срдечна пожртвуваност помеѓу сите нејзини членови. Он се радува и се трогнува кога ние пожртвувано и трпеливо се носиме едни со други во своите искушенија. Ни ја остава пораката да се љубиме еден со друг, како што, впрочем, Он го возљуби светот, самопожртвувано распнувајќи се за секого од нас. Токму во таа светлина на Неговата љубов треба да гледаме на секој човек во светот и особено на секој Христијанин кој се причестува со телото и крвта Христови. Апостолот Павле, сакајќи ова уште посилно да го нагласи и да го објасни, вели дека сите ние Христијаните сме членови на едно исто тело, органи зависни еден од друг: Зашто, како што во едно тело имаме многу органи, но сите органи не дејствуваат на еднаков начин, така и ние мнозина сме едно тело во Христос, а секој поединечно сме органи еден на друг (Рим. 12,4-5). И на друго место: Бидејќи лебот е само еден, едно тело сме ние многуте, зашто сите сме причесници од еден леб (1. Кор. 10,7). Следствено, колку и да се чини дека некој орган е можеби најмал и најнезначителен, сепак, ако тој орган боледува, тогаш и целото тело ќе биде болно. Сите останати органи ќе страдаат заради едниот разболен орган. Во таа смисла, сите ние сме членови на духовната градба, Црквата Христова, и Бог од нас очекува да се грижиме еден за друг. Не смееме да дозволиме некој да страда осамен. Доколку некој страда, потребно е неговата болка да ја претвориме и во наша болка. Таков, мили мои, треба да биде вистинскиот Христијанин. Да ги земе врз себе страданијата на другиот, да се соживее со него, да го разбере, да го поземе со љубов во неговите искушенија. Така како што постапија пријателите на фатениот од денешното евангелско зачало.
Деновиве на оние кои доаѓаа кај мене на исповест, најнапред им говорев дека потребно е да бидеме, пред сè, луѓе. Зашто, да се биде Христијанин е толку возвишено нешто, така што најнапред неопходно е човек да стаса барем до човечноста како богодарувано својство. Гледаме, за жал, дека во наше време многумина од номиналните Христијаните тешко може да се наречат луѓе, а камоли Христијани. Се јадеме едни со други, се осудуваме, се клеветиме, си завидуваме, наместо да се покриваме, да си помагаме, да се надградуваме, да се носиме еден со друг кон спасението во Христа. Господ од ништо друго не се гнаси така како од осудувањето. Затоа и допушта кога некого ќе осудиме, да паднеме во исти, а и во поголеми гревови, за да нè научи да не судиме и да се смируваме. Она што Му е мило на Христа е да имаме сострадателност со секој страдалник, односно со секој човек, бидејќи нема човечко битие кое нема некакво страдање во себе. Кога се поставуваме со љубов кон нашите сострадалници, тогаш најголемиот Сострадалник со човештвото, гледајќи ја нашата подготвеност за помош и пожртвуваност, нè исцелува сите со Своите Божествени тајни, од кои најголема, круна на сите е Светата Евхаристија. На неа Синот Божји ни се дава лично Он и обожувајќи нè, нè прави Свои браќа и сестри, како што тоа мошне убаво го објасни денешниот наш славеник.
Да Го помолиме, мили мои, нашиот отец и учител по патот кон обожението, Светиот Григориј Палама, да измоли од Бога милост и просветление за нас, та да се појави меѓу сите Христијани желба за општење со нестворената Божја светлина, во убавината и радоста Божја! Амин!