Денес се радува и ликува Црквата Божја, славејќи го споменот на светите словенски рамноапостолни Браќа Кирил и Методиј, кои од љубов за Бога Воскреснатиот и во служба на верата ни православна, словенско писмо создадоа и на нашите слепи предци духовен вид им дадоа, предавајќи им го Евангелието за љубовта Божја, што и ден денес нашите души ги спасува и оживотворува. Нема, ниту некогаш ќе има поголем дар од тоа да им се отворат очите на слепите, да им се даде светлина на оние во мрак втонатите, да им се проповеда љубов на грубите и закоравените, да им се даде вечност на смртните. Но тоа е дарот на светото завештание со кое нè задолжија овие славни Просветители и Учители на словенскиот род. Оти да се просвети не значи само неукиот да се подучи, необразованиот да се образува, неписмениот да се описмени, туку пред сè и над сè, да се внесе светлина во целото човечко битие, така што сите негови сили, сета негова природа да се преобрази во тој прочистителен оган. Таа светлина, тој оган на очистувањето е словото што ни го предаде нашиот Господ Христос и во него е силата на христијанското просвештение: тоа прашува, но и дава одговори на сите прашања на умот во неговата егзистенцијална потрага по смислата. И ете во таа животна философија како пат кон Словото, лежи скапоцениот дар на христијанското наследство што ни го оставија Константин – Кирил Философ и неговиот брат Методиј, Светите Просветители Славјански.
Во тој дух и нашиот старец и игумен, Епископ г. Партениј, тој смирен подражател на апостолското дело на Светите Браќа во нашиов крај, на светата архиерејска Литургија искажа прекрасна благодарствена, поучна и отрезнувачка беседа во Бигорскиот скит посветен на светите Кирил и Методиј, над мијачкото село Битуше.