Свети Григориј Палама – столб на Црквата и украс на монасите

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за Втората недела од Великиот пост и празнувањето на Св. Григориј Палама, изговорено во манастирската трпезарија во Рајчица

Бодриот јазик твој јазик за учителство, одекнувајќи во ушите на срцата наши, душите на мрзливите ги крева и со твоите боговдахновени зборови, се наоѓа скала која од земјата кон небото вознесува. Затоа, Григорие, чудо на Тесалија, не престанувај да се молиш на Христа, оние што те почитуваат, да ги просветли со Божествената светлина.

(Слава на Стиховните стихири)

 

Врвејќи низ оваа втора недела од Великиот Пост, Црквата низ прекрасни стихови и параболи, полека нѐ воведува во мистичните длабочини на аскетската димензија на Постот, која во нас ја буди внатрешната благодатна светлина. Затоа, не случајно оваа недела го славиме токму проповедникот на таа несоздадена светлина и учителот на Православието, св. Григориј Палама, ублажувајќи ги неговите аскетски трудови во полза на Црквата, храброто исповедништво, сведочењето на верата и мудрата одбрана на светоста на аскетскиот живот во неговите бројни дела. Ликува светата Црква која минатата недела го славеше триумфот на Православието над сите ереси, а оваа, пак, недела ја слави победата на православното аскетско учење над сите лажни доктрини против него, правејќи апологија на монашкиот подвиг. Го славиме учењето на Црквата кое зборува, зрело, над сите теологии, над сите националности, над тесните административни рамки и од целото срце и душа. Овој глас им зборува на сите луѓе без разлика дали се православни или не, и нѐ просветлува, оживотворува и преобразува кога копнееме да постигнеме заедница со Христа.

Но, духот на ова наше време, со својата неподнослива леснотија на постоење, се спротивставува на ваквиот светотаински подвиг кој ја привлекува благодатта Божја да заблеска во срцето на човекот и од него прави едно површно, болникаво суштество, предадено на насладите и уплашено од помислата да си ѕирне во себеси и да се соочи со својата темна внатрешност. Поскоро сака да пребива во постојана бучава, секакви забави и разоноди, среде толпа луѓе, само да не остане сам со себе. А не знае дека таму, зад слоевите на нечистотијата, стои занемарена и скриена несоздадената божествена светлина, односно благодатта.

Токму затоа, денес повеќе од било кога ни е потребно православното аскетско учење, кое св. Григориј Палама многу умешно го става пред нашите очи. Без здравиот аскетизам, кој ја изнесува на површина таа благодатна светлина што Бог ја вложил во секој од нас, човекот засекогаш останува лишен од она вистинско богатство кое единствено може да го исполни и да му даде смисла на неговиот живот.

Верни на завештанието што нивниот молитвен застапник и патрон на нивните секојдневни подвизи им го остави, монашкото семејство заплови длабоко во таинствените води на воздржание и очистување од трагите на стариот човек, што го поставува пред нив ова благословено време на Постот. И веќе полека стасува до второто пристаниште каде во блескава слава ги очекува споменот на големиот тајноводец, св. Григориј Палама. Со посебна почит монашките хорови ги возгласуваа пофалните стихири, исполнувајќи го рајчичкиот параклис со торжествени звуци, кои го вознесуваа големото мноштво присутни верни во духовните пространства на Божјата благодат, така ревносно проповедана од Светиот. И заедно со умилните гласови кон овој проповедник на молитвата, се издигнуваа и скрушените молитви на присутните, така силно вдахновени од прекрасното слово на нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј, кој со умешни паралели ја долови символиката на неделното евангелие, во контекст на учењето за молитвата:

Упорната молитва го отвора небото 

Архимандрит Партениј

Ја заокруживме, мили мои, и втората седмица од Чесниот и Велик Пост, крунисана со неделата посветена на великиот отец на Црквата Христова, свети Григориј Палама, Солунскиот Чудотворец. Црковната химнографија го карактеризира овој голем пастир како „труба на богословието“, „огновдахновена уста на благодатта“, „непоклатен столб на Црквата“, а со право и „голем украс на монасите“. Исто така, би можеле да го наречеме уште и голем учител на молитвата. Не во смисла дека единствено тој се молел и знаел како да се моли, туку затоа што тој најдобро, систематски го одбранил православното учење за молитвата и за нејзината огромна сила. Со други зборови, светиот Григориј Палама вдахновено и мудро објаснил дека молитвата, придружувана, се разбира, од полнотата на христијанските добродетели, претставува средство со кое смртниот човек општи со бесмртниот Бог, преку пројавите на Неговите несоздадени енергии.

Во времето кога живеел и дејствувал овој богоносен отец, првата половина на XIV век, во Византија продрела ереста, проповедана од западните теолози Варлаам и Акиндин, според која човекот на никаков начин не може да општи и да се соединува со Бога, затоа што Тој е непричастен, недостапен, апсолутен. И навистина, ниедно создание, било на земјата или на небото, не може да ја испитува, ниту да се допре до Божјата суштина. Меѓутоа, преку несоздадените Божествени енергии, како што учи свети Григориј Палама, човекот не само што може да општи со Бога, туку и да се причестува со Него, а преку тоа причестие – и да се обожува. Како што дознаваме од неговото житие, овој наш свет отец извесен период се подвизувал и на Светата Гора Атонска, каде го стекнал искуството на молитвата и бил упатен во нејзините тајни од тамошните отци, кои што преку практикување и личен подвиг, добро ја познавале православната мистика и биле удостоени да ја гледаат нетварната светлина. Кога се исполнило времето, Бог го избрал токму Свети Григориј за да се објасни и одбрани ова православно искуство на молитвата и на обожението. Како што вели еден истражувач на неговите трудови: „аскетското предание и мистичното учење на православниот Исток во неговите дела најде не само полн и систематски израз, туку и теолошко-философско оправдување“. По многу перипетии и жестоки теолошки расправи, правилното учење за односот на човекот со Бога и следствено – за обожението, било најпосле одобрено и усвоено на голем црковен собор во Константинопол, а неговиот огнен проповедник и поборник бил торжествено прогласен за Светител на Црквата Христова. Така, свети Григориј Палама, преку своите дела, напишани не со играта на логиката, или со некакви философски силогизми, туку со зборовите на вековната пракса на Црквата и на неговото лично искуство, ја обзнани пред целиот свет мистичната теологија на православната Црква. И не само тоа, тој длабоко проникна и опитно ја протолкува силата на молитвата и на христијанските добродетели, односно како со нивно посредство, а преку Божествените енергии, човекот се причестува со Бога и достигнува степен на обожение.

Подготвувајќи се за оваа празнична недела, денес си размислував за евангелското зачало што ќе го прочитаме утре на Светата Литургија. Станува збор за чудото што Господ го направил во Капернаум, кога еден парализиран човек бил спуштен преку кровот на куќата каде што Он се наоѓал. Во куќата и надвор од неа имало премногу народ, кој сакал да ги слуша и да се насладува од Христовите зборови. Тогаш четворица мажи, роднини или пријатели на парализираниот, исполнети со силна вера и упорност, иако не можеле да влезат во куќата, сепак нашле начин да го донесат својот немоќен ближен пред Учителот, во Кого се надевале дека може да му помогне. Се искачиле на кровот од куќата – а како што е познато, куќите во тие предели имале рамни кровови – се потрудиле да го пробијат покривот и да го спуштат нивниот пријател пред Самиот Христос, Божествениот Лекар на душите и телата. Гледајќи ја нивната вера, но и трогнат од пожртвуваноста и љубовта на овие четворица, Христос веднаш го излекувал парализираниот: Синко, ти се простуваат гревовите твои! (Марко 2,5).

Овој евангелски настан ме потсетува токму на молитвата. Зашто не е можно човек вистински да се моли без да ги поседува основните христијански добродетели: верата, надежта и љубовта. Пријателите на фатениот човек имале очигледно силна вера и докажана љубов. Имале и надеж дека ако го спуштат парализираниот човек пред нозете Исусови, тој ќе оздравее. Размислете само колку голем бил нивниот надворешен, а пред сѐ внатрешен подвиг! Нивниот пример е нешто што и ние треба постојано да го следиме. Во молитвата да покажеме упорност, цврста вера, надеж дека Бог ќе нѐ услиша, а пред сѐ – љубов кон ближните. Тогаш молитвата навистина прави чудеса. Бог гледа кога искрено го љубиме својот ближен и се молиме прво за него, го посакуваме неговото добро, и нѐ пресретнува со Својата љубов. Така, нашите надеж и вера не остануваат празни. Важно е, особено за нас монасите, чијашто првенствена дејност е молитвата, да знаеме колку труд и пожртвуваност во љубовта се потребни за да се оствари вистинска молитва. Треба секогаш да се жртвуваме за другите: да се молам и да плачам, да го отворам небото со многу труд, да се пробивам низ толку народ, да го рушам кровот на куќата за да дојдам до Христа, онака како што тие пријатели се жртвуваа за фатениот и се качија на кровот од куќата, да го спуштат. Таква треба да биде секогаш молитвата и на монасите. Зашто молитвата не е некаква техника или вештина што се стекнува само со вежбање, туку треба да биде поткрепена и со главните христијански добродетели: верата надежта и љубовта. А за монахот сите овие се содржат во подвигот на послушанието – преку него тој непрестајно пролева духовна крв за овој свет, за прошка на своите гревови, но и на гревовите на сите луѓе, исполнувајќи ја така заповедта за пожртвувана љубов. Никој нека не се обезнадежува поради својата грешност, мислејќи дека Бог не го слуша. Не е така. Христос од нас бара вера и љубов. Тој нѐ прифаќа какви што сме и ни простува. Нѐ чека само да Го повикаме и ќе ни пристапи, ќе ни помогне. Со нашата волја, со нашиот мал труд, ние го отвораме небото и молитвите ни стасуваат до преблагиот Спасител без никаква пречка.

Вечерва еден брат, кој разговарал со еден наш пријател на историски теми, ме потсети на еден факт од времето на римската империја. Имено, според сведоштвата на римските летописци и на други историски извори, познато е дека во римското општество, кое се смета за најнапредно во античкиот свет, родителите, пред сѐ таткото, можеле да одлучат да ги остават своите новородени деца, најчесто женските, буквално да ги исфрлат на милост и немилост, без да одговараат за тоа. Всушност, тоа било нормална појава. Puer expositus, изложено дете. Имало дури и посебно место каде што ги оставале децата, а некои тоа го правеле и надвор од населено место, на сигурна смрт. Така било во Рим, во цивилизираното општество, каде што имало правен систем, норми, наука. А што се случувало кај дивите варвари? Подобро и да не говориме… И, како што ни пренесува историчарот Плиниј, за напуштените деца се бореле три групи: едни биле гладните кучиња, кои сакале да ги растргнат децата, други биле робовладетелите, кои подоцна ги искористувале за развратни задоволства, а третата група, вели, биле Христијаните, кои верувале дека човекот е создаден по образ Божји и коишто ги земале овие оставени дечиња, ги усвојувале како свои и се грижеле за нив со најголема љубов. Гледате ли што значи Христијанството? Љубов и пожртвуваност за другиот. Така Христијанството го преобрази светот. Ја спаси човечката цивилизација. Неодамна во Америка беше објавена книга со наслов: „Како Христијанството спаси цивилизација: …И треба да го направи тоа повторно“. Во оваа книга на еден концизен начин се опишуваат придобивките што Христијанството му ги донесе на светот во поглед на слободата, човековата вредност и достоинство. А кај нас, за жал, неодамна слушнавме како една Македонка, наследничка на цивилизациските придобивки на Христијанството, за време на дискусијата за предлог-законот за абортус, кажа дека Господ бил најголемиот непријател на жената. Замислете! Каков оксиморон! Да не беше Господ Исус Христос, жената ќе си останеше едно обесправено суштество, без човечко достоинство, како што била третирана во античкиот свет, па дури и кај старозаветниот Израил кој што ја имал вистинската вера во Единиот Бог. Евреинот кога се молел, Му благодарел на Господ, меѓу другото, и што не е создаден како жена. А Христос што направи? Го врати Божественото достоинство на секоја човечка личност, неговата првобитна и првосоздадена убавина. Како што богослови апостолот Павле: Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машки пол, ни женски; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса (Гал. 3,28). Во Него е вистинската слобода, полнотата на човечката личност, радоста и убавината.

Нека светиот отец наш Григориј Палама, Солунскиот Чудотворец, преславниот отец на Црквата, биде наш молитвен застапник, за сите да останеме верни на христијанскиот призив до крај, во молитва, надеж и љубов, та да се удостоиме со причестување со Божествените несоздадени енергии на вечниот Бог и така да напредуваме по патот кон обожението. Амин.