(Видео) Велик Понеделник

Движен од милосрдие, Христе, доброволно идеш да страдаш, Добротовору, Кој сакаш да нѐ избавиш нас од страстите и од адската осуда. Затоа ги воспеваме Твоите чесни страдања и сите го славиме, Спасителе, Твоето крајно снисходење.

(Седален на Велико повечерие)

 

Врвејќи ја смирено и последната скала на духовно очистување низ лествицата на Великиот Пост, се исправаме пред капијата на светите и спасителни страдања на нашиот Господ Христос. Благодатно беше и спасително за душата ова искачување, најпрвин се измивме низ бањата на покајниот плач за прегрешенијата, потоа се трудевме да се облечеме во облеката на добродетелите и да се украсиме со дела на љубовта, и еве нѐ најпосле на влезот од Страсната седмица. Сето време се собрало сега во тие неколку дена пред нас, кои во себе го кријат богатаството на најсудбоносните настани за човештвото. Црквата ни го покажува патот. Таму од другата страна нѐ очекува Младоженецот, подготвен да нѐ поведе кон Своите чесни страдања и откако ќе ни ги просветли очите на срцето, да нѐ воведе во светлината на Своето славно воскресение. Чудесен е нашиот Младоженец. За очите на светот Он е како бедник, обичен страдалник кој побудува сожалување, но за нас, верните, нема поубав, посветол, пољубовен лик од овој заради нас соголен и биен и распнат Богочовек, оти во Неговата болка ја гледаме љубовта Негова за нас, во Неговиот трнов венец, нашето ослободување, во Неговата пролеана крв – нашето спасение и нашата храна на бесмртноста.

Праведниот Јосиф

Толку силна и потресна за душата е средбата со нејзиниот Младоженец. Токму затоа браќата и сестрите на нашите монашки семејства, придружени и од мноштвото верни пристигнати од секаде за да ги поминат заедно со монасите овие единствени и неповторливи богослуженија, трепетно ги упатуваат погледите и срцата кон иконата со живописаниот Врзан Осуденик, Кој трпи за да ги одврзе нашите прегрешенија и раскине врските на страста што нѐ заробила. Стиховите на тропарот што во тие мигови ја исполнуваат тишината на храмот му зборуваат на секое срце присутно овде дека Ете, Младоженецот доаѓа на полноќ и блажен е слугата што ќе го најде буден… Носен на рацете од смирените јеромонаси во тивките ноќни часови, Он чиниш ни пристапува и нѐ повикува на заедница со Него, не само низ привремената емотивна трогнатост во овие кратки неколку дена, туку на вистински длабока и вечно жива врска што ќе трае целиот наш живот. Затоа да побрзаме со Него на заедничко распетие, со ревност и подготвеност, како оние кои се вљубени и кои во срцето и мислите постојано пребиваат со својот љубен, или барем како благодарни слуги што будно го очекуваат својот господар. Да Му ги отвориме вратите на срцата за Он да ни ги отвори вратите на Својата брачна одаја. Да си ја подготвиме облеката на душата, зашто таму ќе влезат само оние кои си ја избелиле облеката во крвта на Јагнето. Да ја симнеме Адамовата кожена облека на гревот и се облечеме во ризата на праведниот Јосиф, кој на Бога му остана верен до крај, украсен со својата чистота, смирение и девственост. А бидејќи Јосиф денес ни се претставува како праобраз Христов, ние што се нарекуваме со Христовото свето име, умирајќи за гревот и раѓајќи се за нов живот, да се облечеме во Христа и да се озариме од Неговата небесна слава. Оти како што вели светиот Јован Златоуст – Он ни е сѐ. „Јас сум татко, Јас сум брат, Јас сум младоженец, Јас сум ти живеалиште, и храна и облека, корен и основа: сѐ што некогаш си посакувал. Покрај мене не ти треба ништо. Ќе ти бидам слуга, зашто дојдов да послужам, а не да Ми служат; Јас сум и пријател и другар, и глава и брат и сестра и мајка; Јас сум ти сѐ само прилепи се до Мене. Јас бев сиромав за тебе, и бездомник за тебе, на крст за тебе, во гроб за тебе. Горе посредувам за тебе, и долу на земјата слегов како пратеник од Отецот, заради тебе. Ти си ми сѐ: и брат и сонаследник и пријател и член. Зар би посакал нешто повеќе од тоа?“

 Господи смирен и многу милостив, Кој и сега, одејќи на добороволни страдања, трпеливо го чекаш нашето обраќање и покајание, отвори им ги духовните очи на сите, за во ликот на смирениот и страдален Младоженец да те познаат Тебе, својот Творец, и барем сега во оваа света седмица да те следат до крај, низ Голготските страдања сѐ до блескавото и серадосно Твое Воскресение.