Скопје, 7 април 2023 (МИА) – Врската помеѓу феминизмот и религијата е повеќеслојна. Феминистичкиот активизам пристапува кон прашањата за родовата рамноправност и улогата на жената во општеството, задира во комплексни теми кои неретко ја вклучуваат и религијата со своите ставови.
Ефимија, која е монахиња во женскиот манастир познат како Рајчица, веќе 15 години ги разгледува и проучува овие прашања, од повеќе аспекти и тоа теолошки, социјален, социолошки и правен. Таа во разговор за МИА посочува дека Православната Црква никогаш не ја негирала рамноправноста помеѓу мажот и жената и дека го поддржува, поттикнува и охрабрува конструктивниот феминизам.
Сестра Ефимија појаснува дека тоа е така затоа што Црквата во жената гледа многу силен потенцијал, многу моќен и благороден фактор за предизвикување позитивни промени во општеството, во кое принципот за еднакви шанси и можности треба да важи за сите.
Во продолжение е целосното интервју во кое сестра Ефимија дава одговори на клучни прашања и појаснува како Црквата гледа на феминизмот, родовата рамноправност, на улогата на жената во општеството.
Нашиот разговор се одвива за празникот Благовештение, кој според христијанското предание е празник на жената и мајката, па оттука моето прво прашање би било зошто овој ден е значаен и како преку овој празник се почитува жената?
– Празникот на Благовештението ни зборува за настанот во кој Бог доаѓа меѓу луѓето, вселувајќи се во утробата на Богородица, за да го изврши делото на спасението. Он доаѓа во светот раѓајќи се од жена, со што покажува дека ја избира женската природа за да и’ даде многу значајно место и улога во општеството и нова, возвишена мисија. Но, каква мисија? Погледнете го само благиот мајчински лик на Богородица и веднаш ќе ви стане јасно – во неа е сместена сета духовна убавина, без која светот би бил навистина многу беден и суров. Таа убавина, таа мајчинска нежност и смирение, треба да се украс и на секоја жена.
Вие имате голем број на активности, меѓу кои и учеството на трибини со фокус на улогата и правата на жената. Од каде таа идеја и кој е резултатот?
– Уште од поодамна мојот најголем интерес започна да се врти околу актуелните општествени движења, во смисла на сè поголемиот предизвик на Црквата да даде конструктивен одговор на нив. Тоа, секако, ја вклучува и проблематиката поврзана со улогата на жената во општеството, нејзините права, воопшто феминизмот како движење. Последново, пак, има своја конкретна историја. Имено, уште во 2008 година, мојот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, ми ја изложи својата идеја за соработка со женските лоби групи во општеството, преку организирање на различни заеднички настани – трибини, дебати итн., на кои ќе се дискутира за социјално значајни теми. Една од нив беше и достоинството и улогата на жената во општеството, секако низ перспектива на Црквата. За мене тоа беше еден сериозен предизвик, но познавајќи го прогресивниот дух на мојот Старец, верував дека тој процес сигурно ќе доведе до позитивни социјални промени. Така и беше. Како резултат на оваа кохезија, која мора да продолжи и во современ контекст, започна сè почесто и поотворено да се дискутира за ставот на Православната Црква во поглед на рамноправноста помеѓу мажот и жената, за мајчинството и за можноста на жената да учествува во сите домени на општествениот живот.
Како христијанството гледа на феминизмот, односно дали Црквата го прифаќа?
-За да можеме да разбереме како Православната Црква гледа на феминизмот, ќе мора, иако во многу кратки црти, да допреме одредени историски околности кои му претходеле. Темата е толку деликатна и опсежна, што сметам дека изискува сериозен интердисциплинарен пристап, пошироки дебати, во кои меѓу експертите, треба да бидат вклучени и оние од верските заедници.
Најпрвин, не можеме, а да не истакнеме дека кај одредени народи и во некои временски епохи, жената живеела многу понижувачки живот и била сметана само како „предмет за задоволство и одржување на родот“, „имот на мажот“ и сл. На пример, Западот, од периодот на инквизицијата до Француската Револуција, бил доста ригиден кон жената и многу ја потиснувал нејзината општествена улога и мисија. Токму среде тој прогресивен свет, таа живеела паразитски живот и немала право на глас, работа и образование. Во такви сурови услови, сосема е природно да започне процесот на еманципирање, кој довел и до првите форми на феминистичкото движење, како своевидно движење за социјална еднаквост помеѓу мажите и жените, но и за право на глас и образование. Подоцна, споменативе позитивни форми еволуирале кон идеологии кои радикално се насочиле против традиционалните сфаќања за семејството и половите улоги. За жал, тие деструктивни идеи на многу мал број активистки од тоа време и денес наоѓаат примена среде некои феминистички групи ширум светот, кои верувам дека немаат ништо заедничко со конструктивниот феминизам што православната Црква де факто го поддржува.
Важно е да се нагласи дека во време на Византиската Империја имаме една друга слика. Тогаш Црквата во авторитетот на жената гледала личност која ја облагородува секоја сфера на општествениот живот. Веројатно малкумина знаат дека првите институционализирани форми на социјална заштита на кои Црквата и те како влијаела, се појавиле уште за време на цар Константин Велики (IV век). Христијаните, особено жените, земале активно учество во мапирањето и заштитата на маргиналните групи, преку обезбедување на различни видови на услуги и помош (помош во натура, но и образование и воспитание, работа и сл.), со цел да се спречи секаков вид злоупотреба на човечките ресурси, особено злоупотребата на децата и нивната продажбата како робови. Да, токму тоа им се случувало на децата! Замислете, во првите векови, во римското општество, каде што имало развиен правен систем и наука, таткото можел да одлучи да го исфрли, буквално во сигурна смрт своето новородено дете, најчесто женското, без да одговара за тоа. Puer expositus – изложено дете! Дури имало и посебно определено место надвор од градот каде што ги оставале децата. Историчарот Плиниј пренесува дека за напуштените деца се бореле три групи: едни биле гладните кучиња, други биле робовладетелите, кои подоцна ги искористувале за развратни задоволства, а третата група биле храбрите Христијанки, коишто ги ризикувале своите животи за да дојдат први до овие оставени дечиња, ги земале, ги усвојувале како свои и се грижеле за нив со најголема љубов.
Гледате ли како Христијанството го преобрази светот и ја спаси човечката цивилизација?! Преку подвигот и храброста на жената. Многу пати во обраќањата на мојот Старец, владиката Партениј, сум слушала за оваа голема ревност која ја поседува понежниот пол, за неверојатно силните особини со кои е украсена природата на жената. Еднаш во таа смисла, тој рече: „Први што стасале до Гробот во кој било положено телото Исусово и воедно се удостоиле да ја слушнат радосната вест за Воскресението, не биле Апостолите, туку жените мироносици. Што е тоа кое ги однело до Гробот Господов и тоа во време кога и самото спомнување на Неговото име претставувало опасност по животот? Почитта кон нивниот Учител, нивната нежност, нивната огромна љубов и сочувствителност, ги натерала, и покрај стражата, и покрај сите опасности, да отидат при запечатениот Гроб со желба да го помажат со миро Неговото тело“.
Иако гореспоменатите историски околности заслужуваат многу поголемо внимание, сепак, ми се чини дека се доволен показател за тоа каков бил и е односот на Православната Црква кон жената, односно кон феминистичкото движење. Црквата го поддржува и поттикнува конструктивниот феминизам, зашто таа во жената гледа многу силен потенцијал, многу моќен и благороден фактор за предизвикување позитивни промени во општеството, во кое благосостојбата и принципот за еднакви можности треба да важат за сите.
Кога се зборува за еднаквоста меѓу жената и мажот во јавноста се јавува едно дискутабилно прашање, кога е конкретно православната црква во прашање, а тоа е зошто жената не може да биде свештеник, односно поглавар на црква?
-Не знам зошто на прашањето за ракополагање на жените во свештеници или во поглавари на цркви се гледа како на прашање за рамноправност. Има безброј успешни христијанки во светот, кои воопшто не се чувствуваат како инфериорни само затоа што не можат да станат свештеници. Свештеничката служба не е професија за која на пазарот на труд треба да владее принципот на рамноправност помеѓу мажите и жените, бидејќи според нејзината природа таа е поврзана со духовното татковство, онака како што раѓањето деца е поврзано со мајчинството. Дополнително, мажот врши свештеничка служба на олтарот во храмот, а жената врши свештеничка служба на олтарот во семејството. Мајчинството не е ли свештено дело и мајката не е ли свештеник на создавањето? Да не заборавиме дека токму жена, Пресветата Богородица, го изврши најголемото свештенодејствие, раѓајќи Го Спасителот на светот.
Но, во контекст на Вашето прашање ќе Ви споделам еден интересен податок. Знаете ли дека во источниот дел на Црквата, барем до XI век, жените биле ракополагани во ѓакониси? Таа ѓаконска и харитативна служба денес сериозно се разгледува, во смисла на нејзино обновување и прилагодување на современите потреби. Тоа го сведочат резултатите од многу светски конференции кои се организирани од православната Црква. Затоа, при изнесувањето ставови за жената, треба да бидеме многу темелни и секогаш да ги земаме предвид истражувањата во сите полиња, особено во полето на толкувањето на Евангелието, во кое жената се појавува не како апостол, ами како апостол на апостолите.
Како православието ја дефинира идеалната улога на жената во општеството?
-Веќе споменав дека Православната Црква во жената отсекогаш гледала креатор на прогресивните идеи. Таа никогаш не ја негирала рамноправноста помеѓу мажот и жената, но секогаш ги истакнувала оние природни особености на нивните личности, со што се одредуваат нивните взаемни односи и нивната улога во семејството, односно во општеството. Сепак, сметам дека овие ставови на Православната Црква денес се малку познати, па затоа кога ќе се појават проблеми, се случува сите општествени актери, без оглед од која средина произлегуваат, да дадат свој личен став, кој најчесто не е длабоко преиспитан. Последниве случувања во нашата општествена средина го покажаа тоа. Видете ако сакаме да изградиме зрело и прогресивно општество, најпрвин ќе мора ние да созрееме и да ги отфрлиме предрасудите едни за други, но и да признаеме дека имаме недостиг на знаење. Црквата не сака да го наметнува својот став, ниту да ги предомислува оние што размислуваат поразлично од неа, освен ако тие самите не изразат желба. Меѓутоа, тоа не значи дека таа нема право да се изјасни за нешто. Па Црквата е составена од граѓаните на општеството. И зошто да не можеме без комплекси и фрустрации да водиме културен и зрел дијалог? Ова наше општество е како едно големо семејство и должност ни е перманентно да го унапредуваме. А како ќе го правиме тоа ако другиот не сака да сослуша и постојано го ограничува нашето неприкосновено демократско право да изнесеме став кој можеби е полезен за сите? Нужно е да се сослушаме и да покажеме разбирање, бидејќи како што еднаш рече Вселенскиот Патријарх Вартоломеј: „За да бидам свој, ми требаш ти. Ако не се погледнеме еден со друг во очи, не сме вистински човечни“. Треба уште многу да се направи во овој поглед. Во таа насока е и еден од моите понатамошни предизвици.
Според современите социјално-политички концепции, жената кога е економски независна и образована во голема мера може да се заштити од подредената улога која за жал, сè уште се провлекува во општеството. Што мисли Црквата за тоа?
– Во пресрет на современите предизвици кои ги засегаат жените, на глобално ниво постои стремеж кон надминување на дивергентноста и унифицирање на националните политики, преку усогласување на законите, особено социјално политичките концепции за рамноправност на пазарот на трудот. Тие глобални рефлексии, кои во последно време се видливи и во нашата земја, нужно го обликуваат демократскиот карактер на една држава, чија што задача е да овозможи еднакви шанси и пристап до работни места за мажите и жените, односно еднакви плати и бенефиции, заштита на мајчинството и сл.
Во таа смисла, Православната Црква ја поддржува секоја проактивна улога на жената во општеството и споменатиот принцип за еднакви можности помеѓу машкиот и женскиот пол. Црквата го смета за општествено корисно она што ја унапредува жената – образование, професионален ангажман и сл. Но, нема да се согласи со оние движења кои ја загрозуваат природата на жената и воспоставената рамнотежа меѓу половите. Ете на пример, за тие ш0то се трудат да одговорат на современите предизвици, глобалниот проблем со демографското стареење им е доволен показател за една нарушена хармонија. Тоа се реални штетни импликации кои се чувствуваат во целиот свет. Еден од факторите кој влијае на овој проблем е токму нераѓањето деца, кои доколку се родат и созреат, би можеле да го дадат својот придонес на пазарот на трудот. Е сега како Црквата гледа на овој проблем? Со голема загриженост во областа што е нејзино поле на интерес – духовноста. Но, не е загрижена само таа, туку и сите оние кои се соочуваат со сериозни главоболки при решавањето на овој огромен економски и социјален предизвик. Значи, ако жената целосно го изгуби мајчинскиот карактер на својата незаменлива природа, постои голема опасност таа да се претвори само во успешна жена, во самозатворена монада. Не велиме дека таа не треба професионално да се развива, туку дека не е добро на сметка на кариерата да ја жртвува својата најважна општествена улога со која продолжува да го менува светот. Црквата во жената, пред сè, гледа мајка, но дури и во случаи кога таа од одредени причини не може да го реализира тој призив, ја повикува смирено да ги сочува сострадалноста, нежноста, храброста, пожртвуваноста, љубовта – тие прекрасни особини со кои е украсена нејзината женствена природа. Значи, нека е и претседател на држава, но да не престане да ги негува квалитетите на жената и мајката.
Кои се вашите планови за во иднина, дали ќе продолжите да се занимавате со прашањата кои ја третираат улогата на жената и нејзините права?
-Во едно прекрасно современо книжевно дело од митрополит Николај Месогејски, кого особено многу го почитувам, прочитав: „Во свет кој е измамен од беседи за единството, каде има скандирање на демократијата и ветувања за човекови права, свет што го изгубил поимот слобода, таму каде што луѓето сè повеќе се затвораат зад ѕидовите на задушувачкиот индивидуализам и во општества затрупани во камерите на светскиот електронски затвор, најважниот елемент за сведочењето на Црквата е универзалниот карактер на беседата, откривањето пред ‘сите народи’ на нејзината бесконечна ширина, милост, слобода“.
Во таа смисла, моите планови и понатаму ќе бидат во функција на монашкиот живот, на духовното растење во бесконечната ширина, милост и слобода на монашката заедница од која доаѓам. Таа заедница е мојата сила, најважниот елемент на она што го сведочам. Сè што сум направила, правам или планирам да направам доаѓа преку благословот на оној кој таа заедница духовно ја раководи – мојот Старец. Доколку тој смета дека е потребно, тогаш и понатаму ќе се трудам да го давам својот скромен придонес, поддржувајќи ја секоја прогресивна идеја која овозможува духовен, културен, социјален и интелектуален развој. Длабоко сум уверена дека, воопшто, Црквата може да даде многу значаен придонес, преземајќи конкретни активности во поглед на современите културолошки и социјални движења со кои нашата младина доаѓа во допир. Тоа се темите на денешницата, тоа се преокупациите на нашите деца, тоа се оските околу кои тие се вртат. Ние мора да најдеме начин да ги привлечеме кон најпривлечната од сите оски – проповедта за љубовта која го спасува светот. На крај, Црквата не се само храмовите, туку она што ги исполнува тие храмови. Тоа сме сите ние што го сочинуваме тој најжив богочовечки организам.
Во Црквата, многуте различни членови ги пресретнуваат многуте различни потреби. Таму, во различноста, треба се пројави универзалниот карактер и ширината на словото напоено со бесконечна милост, духовна слобода и дејствена љубов.
Автор: Симона Србиноска
Фото: С. Рајхл, Н. Грнчаров, А. Пауновски