Долгоденствујте Првоапостоле на Православието!

Беседа на Неговото Блаженство Архиепископ Охридски г. г. Стефан
(На споменот на Св. Ап. Вартоломеј и Варнава, 10.06.2022 г., Сечесен Патријаршиски храм Свети Георгиј Победоносец, Фанар Константинопол)

Чествувајќи[1], и сношти и, еве, денес, во навечерието на големиот празник на Педесетницата, трогнати од Божјата промисла, можеме да заклучиме дека Бог толку премудро го уредува поредокот на нештата. Имено, овие празнични денови се благословени заради своето богословие, но тие оваа година се поврзани и со особена смисла.

Ете, го чествуваме Вашиот именден, Ваша Сесветост, во чест св. ап. Вартоломеј, чие име достојно го носите, но радувајќи се на спомен-денот на еден од дванаесеттемина апостоли, значи радувајќи се за тој Вартоломеј и за неговото апостолско дело, се радуваме и за овој Вартоломеј, за Вас, Сесвет и Сечесен владико, што претстоите пред нас, и за Вашето апостолско дело во современиот живот на Православната Црква, дело на сеоддадено служење на Црквата.

Назад во времето, како што пишува житиеписецот, св. ап. Вартоломеј му се јавил на Јосиф Химнографот, облечен во бела риза, и, осенувајќи го со Евангелието, го благословил со зборовите: „Од твојата уста да потечат води на небесна мудрост!“ А сега во времето, овој благослов на Вашиот небесен покровител, кажан во она време – е толку актуелен, очигледен, видлив и преточен и во Вашето дело за доброто на Константинополската, но и воопшто на Православната Црква, во овие триесет плодни години од Вашето патријархување на сесветиот и сечесен вселенски престол на колку славната – толку и маченичката Мајка Црква.

Се сеќаваме на едни Ваши зборови, а тие се во контекст на она што го говоревме претходно: „Новиот Завет“, рековте во таа прилика, „нè уверува дека кој не го сака ближниот, тој не може да го возљуби Бога“. Ова тогаш ни овозможи да го разбереме, а денес и да го почувствуваме во сила Вашето опстојување за учењето, за одговорностите и за наследениот поредок на Црквата. Всушност, Вашето толку храбро, а во исто време и толку љубовно: „Немам право да направам ниту чекор назад“, за нас, јерархијата и верниот народ на Охридската Архиепископија, извира и има смисла во она погоре кажаното за љубовта кон ближниот и за љубовта кон Бога.

Значи, како првојерарх на Охридскиот престол, од името на свештениот синод, на свештенојерархијата, на монаштвото и на верниот народ, како и од свое име, со преполно срце на уважување и почит, уште еднаш Ви благодарам за честа со која нè удостоивте и за срдечната љубов со која нè прегрнавте – соопштувајќи ни го благопријатниот Ваш суд за нашето апелациско прибегнување: востановувањето на литургиското општење со Вас и, преку Вас, со полнотата на  Православната Црква.

Сега е јасно колку Вашето добротворство за нашата Охридска Архиепископија, се покажа, всушност, како Ваш најнов принос пред Сељубивиот Бог – како долично дело за таткото на Православните. А ние, скромните Ваши чеда, можеме да Му заблагодариме на Бога, покрај за споменатата милост, ете – и за тоа што сме удостоени да бидеме современици на Вашата личност и на Вашите дела за доброто на Црквата и што ја имаме можноста да се радуваме и да се утешуваме од Вашиот подвиг на „добро стоење“, на автентично последување и себепрегорно, дури до мачеништво, исповедање на канонскиот и свештен поредок на Православната Црква.

На многаја лета – долгоденствујте  Првоапостоле на Православието! Благодатта Божја да Ве укрепува, па да го чувате светиот поредок на Православието, да нѐ милувате со Вашата татковска нежност и да го прегрнувате сиот свет со Вашата љубов!


[1] На св. ап-ли Вартоломеј и Варнава, 10. 06. 2022 г., храм „Свети Георгиј Победоносец“, Фанар, Константинопол.