Група млади жители на славното и херојско село Вранештица, Кичевско, дојдоа денес во Бигорската Обител, за лично да му честитаат на нашиот Старец, отец Партениј, за изборот за нов епископ Антаниски. Радоста што извираше од нивните насмеани лица го одразуваше нивното искрено задоволство од тоа што нивниот духовен татко наскоро ќе стапи во возвишениот архиерејски чин.
Вранештичани уште еднаш ја докажаа својата безрезервна љубов и верност православното предание, кон Бигорската Светиња и кон својот духовен раководител, отец Партениј, кој за нив и за севкупниот на живот на селото има посебно значење.
На средбата со Старецот, тие му прочитаа и писмо со честитки од името на сите жители на Вранештица:
Почитуван и возљубен отец Партениј!
Со голема радост и љубов Ви го пишуваме ова писмо во име на сите млади од село Вранештица и на сите наши мештани кои живеат во истото село.
Мило ни е што лично Ве познавме, почитуван отец Партениј, затоа што Вие ни помогнавте да разбереме многу, како за нашата преубава христијанска вера, така и општо, за животот, во ова турбулентно време и во овој многу трнлив живот за сите нас.
Секогаш, ама баш секогаш, почитуван отец Партениј, Вам и на Вашето монаштво, на сестринствата од Пречиста, Кнежино и Рајчица, сме стоеле и стоиме на располагање за било каква работа и помош и тоа со голема љубов и радост.
Мораме да напоменеме дека многу ни беше чест, почитуван отец Партениј, што го посетивте нашето село и чест ни беше да ја ислушаме Божествената Литургија, а се надеваме дека ќе нѐ удостоите и ќе го посетите нашето село и како достоен и многу почитуван Владика!
На крај, нема зборови со кои би можеле да ја искажеме Вашата добрина и љубов што ги чувствуваме! Да сте живи и здрави! На многаја лета, наш отец Партениј!
Со љубов од духовното ви стадо од село Вранештица!Од своја страна, пак, Старецот најтопло и сесрдечно им се заблагодари на жителите на Вранештица, ги благослови со татковска љубов и меѓу другото, им рече дека нивната радост, светлината во нивните очи и напредокот во духовноста, за него се најголемата награда.