Отец Партениј: Монашкиот живот за мене останува врховен животен призив

Специјално за Битолски весник: Киро Кипроски


Свештениот синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, на редовната седница што ја одржа на 20 мај, на денот на Светиот Апостол и Евангелист Јован Богослов, отец Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, беше едногласно изгласан од светите архиереи да го прими благословот на највозвишениот и свет, апостолски архиерејски чин.

Митрополитот на Дебарско-кичевската епархија на МПЦ-ОА, господин Тимотеј го предложи за викарен епископ на богочуваната Дебарско-кичевска епархија. Новата владичка титула на отец Партениј ќе му биде епископ антаниски и игумен на Свештената Бигорска обител. Насловот на епископската титула доаѓа од древниот град Антанија, чијашто местоположба била кај денешниот Чебренски манастир и кој во доцното римско доба бил епископско седиште.

Според информација што ја добивме од Бигорскиот манастир, Наречението на Старецот за епископ ќе се одржи во Претечевиот храм на Бигорската обител, на 11 јули, во навечерието на празникот Собор на Светите првоврховни апостоли Петар и Павле, а хиротонијата е предвидена за следниот ден, на апостолскиот празник, во древниот и прекрасен храм на Премудроста Божја, „Света Софија” во Охрид.

Игуменот отец Партениј на нашето прашање како се чувствува по изборот за епископ, ексклузивно за читателите на „Битолски весник” ни рече:

Го молам Бога да ми испраќа сили да останам она што најмногу сум го посакувал и коешто лично го избрав – монах. Монашкиот живот за мене останува врховен животен призив. Заедницата со моите браќа и сестри монаси и монахињи, како и со бројните духовни чеда е мојата суштинска љубов и определба. Му благодарам на мојот почитуван, надлежен владика, митрополитот г. Тимотеј, којшто ме предложи, и на останатите архиереи од Светиот синод на МПЦ-ОА, коишто ме избраа и удостоија на највисокиот свештен чин. Им благодарам, исто така, од сè срце и на сите коишто приватно и јавно ми честитаа за изборот и ги замолувам да се молат за мене, за да продолжам со љубов да и служам во доброто на Црквата Христова, на македонскиот народ и на сите граѓани без разлика на нивната верска, национална и социјална припадност.


Во чест на доделениот епископски чин на отец Партениј, монасите, монахињите и верниците му приредија величествен пречек. Од двете страни од влезот на манастирот патеката по која минуваше игуменот Партениј беше послана со цвеќиња, а од двете страни беше направен шпалир на монаси, монахињи и верници кои му искажаа голема љубов со топлина и секој поединечно му го честитаа епископскиот чин.

– Мили мои, во овој миг сум особено возбуден, не толку поради одлуката на Светиот Синод да бидам избран за архиереј, колку од вашата љубов. Нема ништо поголемо од безусловната љубов, којашто не бара корист, не бара правда. Љубов, којашто не е лицемерна, која не е човекоугодничка, туку е, едноставно, љубов заради љубов, добрина заради добрина. Токму на темелите на оваа љубов е изградено нашето братство, нашите сестринства, како и нашиот однос со сите духовни чеда и посетители во манастирите. Таа љубов ја сметам како најголемо богатство.
Монаси мои, монахињи мои, сило моја! Чеда мои духовни! Ве замолувам оваа љубов, со која до сега ги градевме нашите заедници, да се умножува меѓу вас, да трае и да се шири. Молете се Господ да нè чува од лицемерното човекоугодништво. Ве замолувам сите да се молите Бог да ни дава искрена љубов, која ја одмара душата на човекот и нè гради како богоподобни личности во Христа.

Честитки од монасите и монахињите на отец Партениј му ги пренесе најстариот со стаж монах во Бигорскиот манастир, јеромонахот Доситеј:

– Дозволете ми од името на братството и сестринството да ја изразам нашата сеопшта радост, од евангелиските зборови, од зборовите на благата вест за предлогот да бидете удостоен со возвишениот епископски чин, за кој сметам дека соодејствува на Вашиот духовен раст. Во овој миг, во моето сеќавање ми доаѓа моментот кога Вие мудро и просветилно благословивте на балдахинот пред манастирската капија, со позлатени букви да бидат врежани зборовите: „Благословен е оној кој доаѓа во името Господово.“ Впрочем, со овие зборови нашиот Спасител Христос бил пречекан во Ерусалим по воскресението Лазарево, на шест дни пред пасха.