Пет години – „Патот на Црешовото топче“

Свештена должност е за секоја православна душа да ја љуби својата татковина. Таа должност има посебна тежина и значење во очите на Бога, зашто во неа најсилно се пројавуваат најголемите христијански добродетели – самопожртвуваноста, служењето на Бога и ближните, отсекувањето од уживањата и удопствата на светот во име на возвишени идеали. Господ, Творецот на сите твари, на секој народ му подарил во наследство сопствена татковина. И нам ни подарил едно прекрасно и чудесно парче земја. Од векови во векови нашиот христољубив народ ја негувал љубовта кон тој голем Божји дар; од векови во векови тој ја леел крвта своја за слобода на богодаруваната му Татковина. Но во овој наш современ свет, свет во кој владее духот на рамнодушноста и рушењето на традиционалните морални вредности, идеалот за родољубие како да ја губи својата сила, како тој идеал да е исмеан и погазен. Меѓутоа, споменот за нашите пожртвувани предци, кои ја полагале душата своја за ближните свои, во согласност со Евангелската заповед, постојано ни сведочи дека љубовта кон Татковината е божествено и спасително дело.

За еден таков светол и славен спомен се присети денес Бигорскиот манастир. Еве, веќе петта година по ред во нашето вековно светилиште, достоинствено и со молитва започна т.н. Пат на Црешовото топче, која е една прекрасна манифестација за одбележување на Илинденските празнувања. Група млади родољубиви луѓе, организирани од здружението „Бигорски манастир – Патот на Црешовото топче“ од Гостивар, облечени во комитски носии, дојаваа синоќа во манастирот, каде некогаш од страна на монасите биле изработени неколку црешови топчиња за Илинденското востание. Утрово, после воскресното неделно литургиско собрание, комитите беа благословени од страна на нашиот старец, архимандрит Партениј, за нивниот пат кон Крушево, пат кој го означува стремежот на нашиот православен народ за слобода на својата Татковина. После молитвената доксологија, младите комити, во манастирскиот двор, пред Светото Писмо, кама и револвер, симболично ја положија заклетвата за верност кон македонското ослободително дело. На овој свечен чин претседателот на здружението „Бигорски манастир – Патот на Црешовото топче“, г. Манојил Јаковлески, се обрати до присутните со пригодно слово, во кое им го честита на учесниците во овој настан петгодишниот јубилеј и упати посебна благодарност кон нашиот старец и братството за неуморната родољубива дејност и несебичната поддршка за остварување на манифестацијата „Патот на Црешовото топче“.