Поклоничко патување во Рилскиот Манастир и во Софија

Во духот на Божикната радост поради доаѓањето и воплотувањето на Синот Божји на Земјата, кој е дух на љубовта, мирот и единството, викендов, по благословот на најпочитуваниот старец и игумен на Бигорската Свештена Обител, Епископот Антаниски г. Партениј, хорот по источно-црковно и традиционално пеење при храмот на Светите Петар и Павле во Кичево, ја посети Свештената Рилска Обител, посветена на великиот подвижник и чудотворец од IX-X век, Преподобниот Јован Рилски.

Групата беше топло примена и угостена од страна на јероѓаконот отец Нектариј, којшто воедно беше нејзин водич во запознавањето со содржините и духовното богатство на ова големо и значајно христијанско Светилиште. Имавме можност да го посетиме музејот на Рилската Света Обител, да пееме на Вечерната богослужба и да се поклониме на чудотворните мошти на големиот Христов угодник, Свети Јован Рилски Чудотворец. Следниот ден, зедовме молитвено учество и на светата Божествена Литургија, отслужена во параклисот на Манастирот, посветен на Рождеството Христово. Со Литургијата чиноначалствуваше  игуменот и старецот на Светата Рилска Обител, уважуваниот Епископ Адријанополски г. Евлогиј, во сослужение со свештенослужители од Манастирот, а во песнопението на Литургијата учествуваше и нашиот хор, предводен од хорархот протопсалт Димитар Угриноски.

На крајот од богослужението, рилскиот игумен и епископ, г. Евлогиј, се обрати кон гостите со топло пригодно слово, во кое нагласи дека секогаш треба да Му благодариме на Бога за љубовта и за сите дарови што Он ни ги дава, и дека за нивното братство претставува особена радост поклонението од ваков вид, на хор составен од толку млади богољубиви личности.

По напуштањето на Рилската Обител, од каде понесовме највозвишени чувства на радост, љубов и благодарност, хорот ја посети и престолнината на бугарската држава, градот Софија. Таму, во амфитеатарот на Софиската света Митрополија, бевме срдечно пречекани  и примени од страна на многу почитуваниот Епископ Белоградчишки г. Поликарп, викарен епископ на бугарскиот Патријарх. Неговото Преосвештенство со голема љубов ни посака топло добредојде на сите и го поздрави хорот од името на Неговата Светост, Патријархот г. Неофит. Дедо Поликарп ги благослови младите хористи и ги замоли да му ја пренесат неговата почит и благодарност на нивниот духовен татко, Епископот г. Партениј, како и на сите монаси и монахињи под негово духовно раководство. При заминување секој член од нашиот хор прими подарок од владиката Поликарп, како благослов од Патријархот Неофит.

Во Софија групата уште ја посети и митрополитската катедрала „Света Недела“, најдревниот храм во Софија „Свети Георгиј – Ротонда“, рускиот храм „Свети Николај“, каде што се поклонија на гробот на Светиот Серафим Соболев, како и велелепната патријаршиска катедрала посветена на „Свети Александар Невски“.

Од името на сите членови на хорот ја изразуваме нашата најдлабока благодарност, најнапред кон бигорскиот старец и игумен, Неговото Преосвештенство, г. Партениј, за дадениот благослов и поддршка за реализација на ова поклоничко патување, а потоа и кон нашите драги и гостољубиви домаќини: игуменот на Рилскиот Манастир, Неговото Преосвештенство г. Евлогиј, јероѓаконот Нектариј и Неговото Преосвештенство Епископот Белоградчишки г. Поликарп.


Пишува: Филип Тинтоски, дипломиран теолог и член на хорот