10-те најзначајни настани со кои ја испраќаме 2021-та година

1. Монашка посета при Вселенскиот Патријарх

03 декември/16 декември 2021 лето Господово Ова е денот што го сотвори Господ за да се зарадуваме и да се развеселиме во него. (Пс. 117,24). Средбата во Фанар беше вистински духовен празник, исполнет со радоста на Воскресението. Посетата на Вселенската Патријаршија ја исползувавме и за поклонение на големите светињи во Цариград. Си заминавме од Царицата на градовите исполнети со голема благодат и уверение во татковската закрила на Сесветиот Патријарх г. г. Вартоломеј. (Повеќе)


2. Настап на Бигорскиот хор во Атина

20 ноември/3 декември 2021 лето Господово На покана на Министерството за култура и спорт на Р. Грција и на Здружението на псалти од Атика „Свв. Роман Слаткопевец и Јован Дамаскин“, а со благослов на Архиепископот Атински и на цела Грција, г. Јероним, хорот на Братството на Свештената Бигорска Обител настапи на Првиот меѓународен фестивал на византиска музика во Атина. Ова е за прв пат хор од нашата Црква да настапува на настан од ваков вид во Грција, така што самото тоа претставува голем исчекор во зближувањето на двата православни братски народи. (Повеќе)


3. Вечерна во храмот Живоносен Источник во Атина

21 ноември/4 декември 2021 лето Господово Во рамките на Првиот меѓународен фестивал за византиско пеење во Атина, денес хорот на Свештената Бигорска Обител учествуваше на празничната и воскресенска Вечерна богослужба во прекрасниот храм на Мајката Божја, посветен на нејзиниот Живоносен Источник. Браќата пееја на црковнословенски јазик на левата храмова певница, антифоно со грчката десна певница, предводена од многу познатиот протопсалт и учител г. Спирос Павлакис. (Повеќе)


4. Големи достоинства за Бигорски на празникот Иванден

24 јуни/7 јули 2021 лето Господово Оваа година, на торжеството по повод неговото Рождество, нашиот славен патрон ја закити својата илјадагодишна Обител со уште две големи достоинства. Имено, на денешната Божествена Литургија, чиноначалствувана од нашиот надлежен Дебарско-кичевски Митрополит г. Тимотеј, во сослужение со Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, со нашиот игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, со игуменот на Беровскиот манастир г. Фотиј и со бројно духовенство од нашата, но и од други епархии, со почесно архимандритско достоинство беше удостоен манастирскиот економ и верниот соподвижник на нашиот старец уште од почетокот, јеромонахот Доситеј, а нашиот собрат Анатолиј, духовно роден и со голема љубов израснат од старецот, беше ракоположен во возвишениот свештенички чин, станувајќи јеромонах на нашата Света Обител. (Повеќе)


5. „По трагите на Светите Кирил и Методиј“

08 мај/21 мај 2021 лето Господово По повод претстојниот спомен на нашите Првоучители и Родоначалници, сесловенските Просветители, Светите солунски Браќа Кирил и Методиј, вчера во Скопје, во Културно-информативниот центар се одржа пригоден културно-научен настан со отворање на изложба и промоција на книга, насловен како „По трагите на Светите Кирил и Методиј“. Настанот беше организиран помогнат од македонската и словачката влада, претставена кај нас од Амбасадорот на Република Словачка, Н. Е. г. Хенрик Маркуш. На покана на главните организатори, словачкиот амбасадор г. Хенрик Маркуш и г. Стојан Лекоски, а со благослов на нашиот старец и игумен, Неговото Преосвештенство г. Партениј, на вчерашниот настан посебен украс му даде настапот на хорот на Бигорскиот Манастир, кој изведе неколку црковни песнопенија. (Повеќе)


6. Промоција на книгата „Иконата на Бистра: Закрилник на Православието“

30 август/12 септември 2021 лето Господово „Иконата на Бистра: Закрилник на Православието“ од авторот г. Киро Кипроски е во издание на Свештената Бигорска Обител на Чесниот Претеча, со јеромонах Кирил како уредник и јеромонах Анатолиј како технички уредник. Печатењето се изврши во „ГрафоПром“ – Битола, а финансиски покровители на изданието се г. Жарко Миленкоски и г. Александар Јовановски, на кои им ја искажуваме нашата голема благодарност. Книгата се издава во чест на илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот Манастир. (Повеќе)


7. Прославен големиот јубилеј 40 години архиерејска служба и 70 години од раѓањето на Mитрополитот Tимотеј

21 септември/4 октомври 2021 лето Господово 40 години архиерејска служба и 70 години од раѓањето на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј. Овој Јубилеј само официјално го потврди она што ние многу години наназад секојдневно го препознаваме и го посведочуваме во ликот на нашиот духовен водач Митрополитот Тимотеј, а тоа е неговото неуморно духовно и материјално надградување на нашата света Црква, епископската мудрост, несебичната пожртвуваност, љубов, трпение кон сите нас и, секако, тој жив апостолски залог. (Повеќе)


8. Пасхална радост на Струшката еордија

25 април/8 мај 2021 лето Господово Струшката еордија ги восхити побожните Стружани, кои оддавајќи им почит на големите светињи – моштите на Светиот Георгиј Победоносец, неговата чудотворна икона, како и Крнинскиот образ на Мајката Божја, стоеја на тротоарите и поклонувајќи им се со благоговејност, ги исполнуваа своите срца со обилен благослов. (Повеќе)


9. Одново заблеска и со благодат нè озари божествената Литургија на Голем Крчин

31 август/13 септември 2021 лето Господово Oнаму каде што земјата и небото се допираат, каде чекорејќи ги пречекуваш првите сончеви зраци што душата ти ја милуваат, каде тивкиот ветер чиниш ти шепоти таинствени нешта и ретките растенија во различни бои мислата ти ја разигруваат, каде сетилата ти ги храни утринската песна што птиците ја пеат и целото твое битие бива разбудено од говорот на тишината, каде умилната молитва тече и срцето ти го загрева, таму горе на македонскиот Тавор, на врвот Голем Крчин (2341 мнв), некогаш одамна нашите неуморни предци подигнале храм, посветувајќи го на Преображението Христово. (Повеќе)


10. Воскресение Христово – Света Пасха во Бигорски

19 април/2 мај 2021 лето Господово Секое човечко срце нека се радува и торжествува за големиот Ден на Христовата Пасха, за победата на животот над смртта! Адот е сотрен, смртта е победена, вечните врати се пробиени и ширум отворени! Колкава светлина и благодат ни блесна од Гробот на Христа, вечната светлина и веселие! Бигорската Обител облеана со воскресенската светлина и благодат, радосно го воспева Христовото сеславно и сесветло Воскресение, излевајќи ни нови животни сили. (Повеќе)