Денеска попладнето во посета на Свештената Бигорска Обител дојде Претседателот на Владата на Р. С. Македонија, г. Димитар Ковачевски, во придружба на министерот за транспорт и врски, г. Благој Бочварски, министерот за локална самоуправа, г. Горан Милевски и заменик-министерот за транспорт и врски г. Беким Реџепи и други претставници од управната и од локалната власт. Ценетите гости беа срдечно пречекани од старецот и игуменот на Манастирот, Епископ г. Партениј и Братството, според предвидениот ред за пречек на владини великодостојници. Гостите најнапред беа одведени во храмот на Свети Јован Крстител, каде што им беше прикажана содржината и историјата на храмот и на Манастирот, а во продолжение ја посетија Бигорската книгохранителница, каде што Старецот ги запозна со дел од книжниот фонд, вклучително и со неколку раритетни книги.
Најпосле, г. Ковачевски и неговата придружба беа одведени на манастирско послужение во големиот синодикон, каде што разговараа со Старецот за повеќе теми. Во оваа прилика нашиот Епископ и игумен им образложи повеќе за евангелската и социјална мисија на монашкото братство, како и за секојдневните активности на монасите. Премиерот и соговорниците ја истакнаа благотворната улога што ја врши Бигорскиот Манастир во дебарско-реканскиот крај, но и пошироко и го окарактеризираа како културен центар кој со својата хуманитарна мисија претставува врска што ги спојува сите во добро сожителство, без разлика на националната, верската и социјалната припадност.
Премиерот Димитар Ковачевски посочи дека со прифаќањето на Охридската Архиепископија во канонско и литургиско единство од страна на Вселенската Патријаршија на 9 мај годинава, и помирувањето со Црквата на Србија и искажаната добра волја од нејзина страна дека ќе ја препорача нашата Црква за автокефална – сега убавините и вдахновената духовна атмосфера на Бигорскиот Манастир стануваат достапни за верниците од сите сестрински православни цркви, за да го сведочат единството и црковно заедништво како една од најсуштинските вредности на православното Христијанство.