Учество на Бигорски во првата научна конференција за византологија и медиевистика

На 25 и 26 октомври оваа година, во Конгресниот центар на УКИМ, крај таинствените води на Белото Езеро во Охрид, се одржа првата национална конференција за византологија и медиевистика, со тема: „Самуиловата држава – 1.000 години потоа (1018-2018)“. Конференцијата беше организирана на високо ниво од Комитетот за византологија и медиевистика на Р. Македонија, кој од август 2016 година е рамноправен член на Меѓународна асоцијација за византиски студии (AIEB). Покровител на првата национална конференција беше Претседателот на Р. Македонија, г. Ѓорге Иванов, а на свеченото отворање, покрај многубројните гости, присуствуваа и: Н. В. Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, игуменот на Манастирот „Свети Наум Охридски“, Архимандрит г. Нектариј, нашиот старец и игумен, Архимандрит г. Партениј, игуменот на Слепченскиот манастир г. Серафим, како и други претставници на црковните, научните и општествените сфери. Поради неможноста да присуствуваат на свеченоста, свое поздравно послание испратија: проф. д-р Џон Халдон, Претседател на Меѓународната асоцијација за византиски студии, академик Јоханес Кодер, поранешен Претседател на оваа меѓународна Асоцијација, академик Васил Ѓузелев, Претседател на Асоцијацијата на византинистите и медиевистите во Бугарија, кој особено се заложил за прием на нашиот Комитет во AIEB и проф. д-р Лида Мирај, Претседателка на Албанскиот комитет по византологија. До присутните лично се обрати и проф. д-р Срѓан Пириватриќ, Претседател на Византолошкиот комитет во Србија, кој присуствуваше на сите научни сесии што траеја два дена.

Свеченото отворање со својот настап го збогати машкиот византиски хор од Битола „Свети Нектариј Битолски“, раководен од хорархот Игор Гулевски.

На дводневната конференција беа презентирани околу четириесетина научни реферати, вклучително и на ценетите гости и угледни византолози: проф. д-р Михаило Попович (Австрија), проф. д-р Константинос Јакумис (Албанија) и проф. д-р Рафаеле Д’ Амати (Италија).

На конференцијата беа споделени повеќе објективни научни истражувања и откритија од областа на нашата средновековна историја, теологија, историја на уметност, археологија, литература, источно црковно пеење… Со благослов на својот старец, Архимандрит Партениј, учество на конференцијата зедоа и нашите сообраќа, јеромонах Кирил и јероѓакон Анатолиј, во третата научна сесија, посветена на црковно-историски теми, а под претседателство на нашиот еминентен библист, протоѓакон проф. д-р Ратомир Грозданоски. Излагањето на отец Кирил беше посветено на личноста на првиот Охридски Архиепископ и ктитор на Бигорската Обител, Свети Јован Дебранин, а на отец Анатолиј – на Архиепископијата Јустинијана Прима и нејзината фиктивна поврзаност со Охридската Архиепископија. Двата научни реферати беа прифатени со голем интерес од научната јавност, дотолку повеќе што дадоа нови откритија и сознанија за односните теми. Овие трудови ќе бидат отпечатени во зборник што треба да произлезе по повод овој научен собир во Охрид.

На наша голема радост, во саботата во посета на нашата Обител дојдоа гостите од странство, придружувани од дел од раководството на Комитетот за византологија и медиевистика, вклучително и Претседателот, проф. д-р Тони Филипоски. Почитуваните гости имаа можност да се запознаат со содржините на манастирскиот комплекс, да се поклонат на светињите и да се запознаат со мисијата на Манастирот. Задоволството на гостите беше големо, затоа што, според нивните зборови, конференцијата за нив завршила со своевидно поклоничко патување.

На Националниот комитетот за византологија и медиевистика му посакуваме уште многу успешни конференции и придонеси во откривање на историската вистина.