Денес во утринските часови, после долго боледување, се упокои од целиот православен свет саканиот старец Ефрем, проигумен на светогорскиот манастир Филотеј, а подоцна основач на деветнаесет православни манастири во Аризона, САД. Старец Ефрем беше јеромонах цели 71 година и старец повеќе од 50 години. Тој беше ученик на Старец Јосиф Исихаст од Света Гора и живееше во монашко послушание кон него 12 години, се до упокојувањето на Старецот во 1959 година. Последните години престојуваше во манастирот „Св. Антониј“, во Аризона. Според монасите, тој бил потполно свесен и зел учество во Светите Тајни.
Големиот теолог митрополитот Јеротеј Влахос, сеќавајќи се на познанството со овој голем Старец, за него го има напишано следново: „Отец Ефрем, на кого многу добро се сеќавам од младоста своја, е вистински учител на духовниот живот и сигурен патеводител на христијанскиот пат кон преображение, бидејќи тој самиот ја почувствува и вкуси божественоста, и токму затоа неговите зборови се ,полни со благодат и вистина‘. На него се однесуваат зборовите на Св. Јован Синајски, авторот на „Лествицата“ : ,Вистински учител е оној кој ги примил духовните таблици на знаењето што Бог ги испишал со Својот прст, и кој нема потреба од други книги‘“.
Нека му е вечен спомен!