11166

Монашење во Кнежинскиот Манастир на Свети Георгиј Победоносец

Пред Твоето распнување на крст, Господи ги зеде Твоите ученици на гора висока и пред нив се преобрази, озарувајќи ги со светлината на Твојата сила, со Твојата власт и човекољубие, сакајќи да им ја покажеш светлината на Воскресението. За него удостој нѐ и нас Боже, како милостив и Човекољубец

Стихира на Господи повикав

Како што пее денес светата Црква, светлиот ден на Христовото Преображение е ден на просвештение и обожение на човечката природа. Во тој ден Богочовекот Христос со Својата семоќна спасителна сила ја преобрази поцрнетата од грев човечка природа и откако ја просветли ја обожи. На Својот Богочовечки пат во светот, некаде на половината помеѓу светото Крштение и Воскресение, Господ Исус Христос според спасителната Своја промисла, помина низ чудесно славно Преображение пред очите на зачудените апостоли  и со тоа на секоја душа му го покажа таинствениот пат на духовното восовршување и издигнување, што води до вратите на Царството. Тогаш Он на Тавор, блескајќи со сјајот на нетварната светлина на Своето преславно божество, претходно со телесна покривка сокриено од човечките очи, благодатно го просвети светот. Им ја покажа на апостолите убавината на Својата слава, за да знаат сите, а и сета вселена, чие подобие е човекот и кон Кого се приближува кога духовно се возвишува. Оти по мерата на нашето очистување од гревот и приближување кон Бога, ние стануваме благодатен сад во кој сѐ повеќе се одразува славата Божја. Такви се преподобните и светите, во кои, како во огледало, се одразува светлината Христова, блескајќи наоколу со сјајот на Преображението. Во нив ние го гледаме настапувањето на вечното Царство и воскресението на сите луѓе, кога праведните ќе блеснат како сонце во Царството на Отецот, како што ни посведочи и самата благоглаголива Уста Христова.

Обземени од копнеж за Бога и привлечени од Неговата љубов, браќата и сестрите на нашите свети обители се собраа во кнежинското светилиште на Победоносецот Георгиј за таму, откако претходно со пост и духовно очистување ги подготвија своите души, мисловно да се искачат на Таворската гора и заедно со апостолите да се просветат со сјајот на Божествената светлина. Светиот Победоносец, како добар домаќин, ги прими во својот дом и тука им ја понуди најраскошната духовна трпеза, хранејќи ги со благодатта која доаѓаше од умилно отпеаните преображенски стихири и напојувајќи ги со солзи на радост поради своето ново чедо, кое на таа вечерна богослужба го причисли кон монашкиот собор на нашата Света Црква. Навистина голема беше радоста на големото мноштво присутни верни што возобновената Кнежинска Обител веќе ја доби својата прва монахиња, после блаженото во Христа упокојување на сестра Доротеја. Стоејќи трепетно пред својот надлежен архиереј, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, и благодатно утврдена со молитвите на својот Старец, Архимандрит Партениј, христољубивата наша сестра Драгица смирено ги положи монашките завети и радосно го прими името на премудроста Божја, Софија, како и онаа света и славна маченичка Христова Софија со своите три ќерки: Вера, Надеж и Љубов. И додека нејзината уста ги изговараше древните зборови на монашкото заветување, со срцето и душата таа целосно се предаваше на Бога, посведочувајќи Му ја својата љубов и верност, запечатена со солзи на искрено умиление. Во таа молитвена атмосфера особено моќно зазвучи соборното „Господи помилуј“, со кое присутните монаси и верни бараа од Бога да ја прими во Својата љубов новата монашка рожба и да ја утврдува и просветлува во нејзиниот монашки подвиг, на патот на преображението на нејзината душа, сѐ додека не ја достигне мерата на полната возраст на Христовото совршенство (Ефес. 4,13).

Давајќи ѝ го својот пастирски благослов, Митрополитот Тимотеј се обрати кон новопотстрижената сестра Софија со вдахновени поуки, советувајќи ја да постави добар почеток на својот нов монашки живот преку секојдневно послушание и отсекување на својата волја, преку постојана молитва и трпение во искушенијата, особено преку подвигот на пожртвувана љубов кон Бога и ближните:

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Денеска, во очи на големиот Господов празник Преображение, во овој свет манастир, посветен на светиот великомаченик Георгиј, извршивме историски чин. Речиси три века, монашкиот живот, во ова наше светилиште, бил замрен. Како што секој дом го личи со домаќин, така, и манастирите се лични и вистински кога во нив има монашки лица.

Монахот е Христов војник. Војник кој е подготвен на послушание и на молитва. Преку молитвата се издигнуваме на духовен план, следејќи го повикот на нашиот Спасител Господ Исус Христос: „Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен“ (Мт. 5, 48). Кон тоа совршенство треба да се стреми секој христијанин. Особено, пак, монасите се повикани кон оваа цел. Тие се откажуваат од многу нешта коишто обичниот човек го окупираат и му попречуваат сецело да се посвети кон зададената цел. Но, таа цел не се постигнува лесно и едноставно. Не е доволно да се облече црна риза, туку, потребно е трпение, молитва и послушност. Сето тоа може да се постигне, кога монахот ќе ги презре овоземните потрепштини и ќе го насочи својот ум, волја и мисла кон исполнување на монашките завети.

Колку повеќе човекот се насочува кон молитва и кон подвизи, толку и непријателот повеќе го напаѓа со разни сплетки. Целта на нечестивиот е да го оттргне од поставената задача, односно цел. Молитвата е најсилното средство со кое може да се победи злото и да се измоли благодат Божја за да се победат сите искушенија кои животот неминовно ги носи. Преку молитвата да го победат злото, за прослава на името Божјо и за просперитет на нашата света Црква. За углед и достоинство на оваа наша светиња, а најважно, за спасение на душата на оној што се подвизува.

По молитвите на Св. Вмч. Георгиј, Бог нека ви даде сила, во вашиот монашки живот достоинствено и афирмативно да го носите ангелскиот лик, сега и во сета вечност. Амин!“

Неземниот сјај на Таворската светлина ја пронижуваше со своите зраци и празничната света Литургија што следното утро ја отслужи бигорскиот Старец, Архимандрит Партениј, со членови од своето братство и сестринство. Таа светлина ги преобразуваше душите на сите верни во преполнетиот кнежински храм, подготвувајќи ги за соединување со својот Творец и Господ преку примањето на светите Тајни, и преку благодатното осенување од Светиот Дух.

Господи премилостив, Кој денес се Преобрази на гората Таворска, изгори ги со Твојот невештествен оган гревовите и слабостите на душите наши, та да можеме секогаш, озарени со познанието на нетварната и секадеприсутна светлина, да ја созерцаваме Твојата Божествена слава, во која пребиваш заедно со Твојот Предвечен Отец и Животворниот Дух и секогаш и во сите векови. Амин!