Заврши седмиот и последен летен камп по Веронаука

Животот навистина може да биде поубав, порадосен, поспокоен, поведар  кога во наша близина се најмладите, кои со својата боголика, чиста и весела душа можат нашите мигови да ги исполнат со неизмерно богата духовна содржина. Нивната непосредна љубов, топлина, кроткост и незлобливост насекаде внесуваат сосема поинаква атмосфера – токму онаква во каква што секој од нас посакува да пребива: атмосфера на безгрижност, среде грижите од овој свет, парче од земниот рај во кое сите ние, заедно со децата, навистина можеме поодблизу и поедноставно да Го запознаеме Бога и барем во мала мера да ја почувствуваме атмосферата на небесниот Рај. Ете, богоглаголивите усти на децата сами зборуваат, нивните чисти срца пеат, нивните благословени раце пишуваат дека овде, во манастирите, привлечно им е сè: и богослужението, и Светите таинства, и разговорите, и учењето, и дворот, градината, кујната, прошетките, па дури и чистењето – за нив сè претставува небесно искуство.

Благодарение на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, и ние монасите, заедно со децата, во уште поголема мера ја чувствуваме небесната љубов и радост, зашто имаме можност секој ден духовно да се насладуваме од онаа волшебна искра во срцата на младите, кои се учат да растат во вистинска слобода, та гледајќи ги како силно се трудат да пораснат во здрави личности, веруваме и надеж негуваме, дека тие навистина се светла иднина на нашата Црква.

Еве денес, во ова 2017 лето Господово, заврши и последниот седми по ред камп по Веронаука, во кој гости ние беа младите Гостиварчани и Прилепчани, чиишто впечатоци ќе ги прочитате подолу во текстот. Во оваа прилика, сакаме уште еднаш топло да се заблагодариме на нашите постојани добротвори, кои навистина несебично помогнаа во спроведувањето на нашата мисија: г-ѓа Марија Саздева, Графикс центар Бато & Дивајн, Просветно дело, како и на наставниците и воспитувачи на децата: Ирена Икономовска, Јасмина Поповска, Мила Монева, Бошко Сарафилоски, Тања Тасева, Робертина Мечевска, отец Илија Поп Гонов, ѓакон Илија Деспотовски, Деан Божинов, Верка Јончевска, Снежана Петреска, Даниел Колески, Оливера Трајковска, Ружица Денковска, Моника Дервеновска, Горјан Василевски, Душица Серафимоска, Катерина Игнеска, Александра Кондиќ. Господ нека си спомне во Своето Царство за нивниот пожртвуван подвиг на љубовта и нека ги поткрепува и насочува, постојано да го избираат и прегрнуваат овој благословен пат. И само уште нешто: Љубовта се остварува во слободата. А човекот кој го засновал својот живот на вредностите на љубовта, видени низ призмата на неговиот однос со другите, му дава најдобра можност на детето да ја разбуди својата способност да љуби, да навлезе во прекрасниот свет на радоста, мирот, искреноста, незлобливоста, кротоста, кои сите заедно претставуваат плод на љубовта.

Сара Георгиевска, 14 години: „Уште од првиот миг кога пристигнав во овој прекрасен манастир, веднаш ја почувствував убавината на мирот што одамна ме напуштил. Како да се родив повторно. Божјата природа ме исполнуваше со радост, а што е најважно ме натера со солзи да се исповедам за гревовите свои. Тогаш како небото да се отвори, заедно со светлината кое го откри Божјото лице, за да ме награди со љубов, вера и надеж во подобро утре. Значи, навистина чудни се патиштата Божји. Навистина Он знае да го одбере вистинскиот миг за да се запознаеме со Него и Неговите добрини“.

Анастасија Ангелеска, 10 години: „Секој манастир и црква се убави на свој начин, но манастирот Рајчица е еден од најубавите. Сите овде се многу добри и дружељубиви, и децата и гостите, а да не зборувам за сестрите монахињи. Тие се толку ведри и насмеани што не можеш да бидеш тажен кога си со нив. И Литургијата иако е долга, сепак е многу убава. Монахињите пеат со ангелски гласови и сите заедно се молиме на Господ. Овој манастир навистина нема никогаш да го заборавам. Со сето свое срце Му се заблагодарувам на Господ и на отец Партениј што добив прилика да запознаам предобри луѓе што Го сакаат Бога повеќе од сè на светот. Јас ќе бидам искрена и ќе кажам дека тој што ќе одлучи да го посети овој манастир, нема да згреши. Си поминав преубаво и сигурна сум дека повторно ќе дојдам и ќе се радувам на сите овие свети Божји празнувања“.

Ана Николовска, 10 години: „Оваа недела престојував во божествениот рај во Рајчица. Божјата љубов ме исполнуваше со радост и смеа, со надеж и вера во подобро утре. Дружбата со другите деца претставуваше најголема радост. Се чувствував блиску до Бога. Научивме толку многу нешта кои не ги знаевме за верата, за тоа како да се молиме и да се доближуваме до Бога. Овде го научив Символот на верата, научив за надежта и љубовта и за големите Божји добрини. Секое утро размислував за ангелите. Ја сакам Рајчица, зашто е волшебно убава“.

Адријан Тренески, 12 години: „Се беше прекрасно! Другарувањето со Бога и монасите го исполнија моето срце. Сите настани во овој камп по Веронаука не се доволно да се опишат со епитетот „магично“. Многу ме исполни тоа што мојот најомилен спорт, фудбалот, го игравме блиску до манастирот, а главни помошници ни беа монасите. Исто така, ми се допаднаа Литургиите во кои и ние учествувавме. Имавме часови по црковно пеење со Димитар (теолог), кој воедно ни беше и другар и учител. Како и секој христијанин и ние постевме, се исповедавме и на крајот, со благослов на отец Партениј, се причестивме и Ги примивме Телото и Крвта Христови. Се молевме на Господ за наше спасение. Но, за жал, дојде време за да се вратиме дома, а за среќа знаеме дека и наредната година ќе си поминеме прекрасно!!!

Зоран Крстески, 10 години: Јас сум од Гостивар. Пред неколку дена се сместив во овој прекрасен манастир Св. Јован Бигорски. Тој е преубав и во него има многу монаси, а и собата каде што бев сместен беше прекрасна. Многу ми се допадна тоа што помагавме во бавчата, во кујната, чистењето на боранијата и тоа што нè научија да месиме леб. Имавме служби во 06:00 часот наутро и во 16:00 часот попладнето. Последните два дена, после вечерната служба и трпезата нè однесоа на ливадата во близина на реката Радика каде што игравме фудбал. Жал ми е што си одам, бидејќи  овде е преубаво.

Давор, Гостивар: „Небесна убавина, парче од рајот, од соништата. Мене тие зборови ме потсетуваат на прекрасниот манастир, Св. Јован Бигорски. Тоа чувство, таа раскошна убавина не се опишува со зборови. Само еден поглед кон манастирот и целото срце се исполнува со добрина и убавина. Исто така, отец Партениј и сите негови монаси се личности на кои целото срце им е исполнето со љубов и добрина, и тие правеа сè за нас да ни биде убаво, но и за сите други луѓе кои престојуваа во манастирот.