Велика Сабота

Се исплашија хоровите ангелски, гледајќи Го Оној Кој седи во прегратките на Отецот, како Бесмртниот се полага во гроб како мртов, како ангелските чинови Го окружуваат и со мртвите во адот Го слават, како Создател и Господ!

Од Утрената на Велика Сабота

Денес го чествуваме гробот на Владиката, што стана сместилиште на животот. Денес го чествуваме Царевиот гроб, што стана светлина за оние што лежат во гробовите. Денес ликуваме пред кивотот, што Го криеше тридневниот Мртовец во смртта. Денес торжествуваме при мирохранителницата на светот. Денес се веселиме пред могилата, приготвена за Христа. Денес Господ слезе меѓу мртвите слуги Свои, Животот е со смртните, невечерната Светлина ги озари заробените, Христос ги ослободи жителите на Адот!

Оваа порака за Животот, Кого ни гробот не може да Го задржи во своите студени прегратки, извираше како незапирливи зраци светлина и ја пробиваше тагата на оплакувањето Христово, па веќе с? повеќе беше присутна радоста што се читаше од лицата на големото мнозинство верници, кои со една душа и еден глас ги пееја овие исконски стихови. Тука, пред озарените погледи, лежеше телото Христово, среде сиот тој раскош од цвеќе, и на блескавата светлина од многубројните запалени свеќи, ликот Христов зрачеше со посебна убавина, чиниш спие. А околу Него, во трепетен молк стоеја ангели, облечени во бела облека, со крстови и рипиди во рацете. Глетка толку величествена и неземна! И кога јеромонасите со побожност и стравопочит ја подигнаа златовезената Плаштаница со Христовото тело и во свечена литија ја понесоа надвор од храмот, во тишината на ноќта, по нив тргна големото мноштво народ, слевајќи се во една пламена река, која полека го обвитка храмот со својата светлосна прегратка. Пред нас како да се одвиваше една векови стара претстава – илјадници луѓе вака, носејќи свеќи во рацете, низ историјата Го следеле Оној Кој Самиот е Светлина и Создател на светлината. И сега нашиот манастир стана сведок на таа огнена жед за Бога, жед одново да се доживее Воскресението Христово. Да се воскликне од дното на душата, од она скриено катче, каде што извира нашата вера во Воскреснатиот Спасител, дека Он навистина воскресна.