Велик Петок

Секој дел од Твоето тело, заради нас претрпе бесчестие: Главата – трње; лицето – плукање; образите – шлаканици; устата – оцет растворен со жолчка;
ушите – злочестиви хулења; плеќите – биења; и рацете – трска. Сето тело на крст распнато: рацете и нозете – клинци, а ребрата – копје. Спасителе, Кој пострада за
нас, и од страстите не ослободи, Кој од човекољубие при нас слезе и нас Сесилен, не вознесе, помилуј не

Од хвалитните на Утрената од Велик Петок

Кој нема да се уплаши да проговори и со збор да се допре до тоа страшно сказание за Страдањата Господови? Кој може да ги измери и со слово да ги пренесе Христовите болки во овој страшен и таинствен Петок? Денес на Голготскиот крстообразен жртвеник се принесува Жртва за спасение на целиот свет. Денес се издигнува Крстот Христов и смртта е победена! Денес се приковани пречистите раце Христови и се пробиени вратите на адот. Денес поток од крв и вода се излеа од прободеното ребро Исусово и оросениот Адам повторно расцвета. Денес нашиот возљубен Спасител со Своите најсвети страдања секој час од денот го освети: рано изутрина пред Пилат беше доведен, оттаму од јудејското безумие на исмевање, плукање, шлаканици, трнов венец и бесчестие до шестиот час беше предаден; после три часа претрпи измачувања и на Крстот беше прикован, жолчка и оцет вкуси и копје во пречистите Свои ребра и најпосле со живоносната смрт страданието Свое го доврши; потоа, пред дванаесеттиот час од Дрвото беше спуштен, и од Јосиф Ариматеецот во нов гроб положен.

А кога јасното Сонце од небесната височина сето тоа го виде, зраците на својата светлина ги сокри и не трпејќи страдањето на својот Творец да го гледа, во скрб и темнина се облече. Месечината, пак, за да не биде сведок на таквите дела, стана црвена како крв. Земјата од страв се тресеше, сѐ се растрепери, камењата се распаѓаа, а Црквата, како Невеста Христова, откривајќи ја својата тага, завесата својата на два дела ја раскина.

И тој страшен и неискажлив чин на Христовото страдање на Крстот, тоа за душата болно и непоимливо собитие, одново нѐ пренесе на Голгота, во свештен трепет пред распнатиот Христос, кога нашиот старец Партениј, со растреперени раце и неопислива болка во очите го подигна крстот, и наведнат под неговата тежина, мирно чекореше кон храмот, додека ноќната тишина ја раскинуваше тажниот звук на камбаната. Очите со солзи се наполнија, усните затреперија, гласот исчезна, помислите замолкнаа… Остана само оној исконски глас кој се откина од срцето на старецот и ја објави тајната на овој ден: „Денес виси на дрво! Денес виси на дрво, Оној Кој земјата ја обеси на водите; со венец од трња е крунисан Царот на ангелите“. Застанати пред крстот во храмот, ние навистина ја живеевме Голгота. Пред нас, во сиот свој ужас, стоеше вината и нашата осуда. Колку пати и ние самите сме го распнувале вака! Солзите се премалку да ја изразат болката на тој миг. И тогаш, додека во срдечно покајание, бараме прошка за своите гревови, пред крстот блеснува нова глетка, и веќе солзите се мешаат со радост. Нашите возљубени браќа Јован, Миланчо и Методиј, во длабок поклон пред светиот крст од Самиот Христос, преку татковските раце на нашиот старец, примаат црно расо, а искушеникот Димче – монашка скуфија! Колку навистина е силна таа поврзаност на монахот со крстот Христов! Облекувајќи ја црната риза, тој ги прима врз себе Христовите страдања и крстот, но се облекува и во духовна радост, која вечно зрачи од Христовото воскресение, радост која овој свет не ја знае, ниту, пак, може некогаш да ја дознае.

Слава Ти, Христе, што со Својата доброволна смрт на Крстот ни ја покажа најголемата љубов, слава Ти, што секое Твое слово со дело го запечати! Слава Ти, што толку силно нѐ возљуби, па и на Своите животворни страдања да бидеме сведоци нѐ удостои! По Своето огромно човекољубие и милост дај ни и на славното Твое Воскресение соучесници да станеме. Амин!