Велик Четврток

Сине Божји, прими ме денес за учесник на Твојата тајна вечера, зашто нема да ја откријам тајната на Твоите непријатели, ниту ќе Ти дадам целив како Јуда, туку како разбојникот Те исповедам: Спомни си за мене, Господи, во Царството Твое.

О, најсвет и Велик Четврток, најголем меѓу сите четвртоци! Кој може со зборови достојно да ги искаже страшните и невидени собитија што ти си ги видел!? Може ли некој да го опише твоето сведоштво!? Зашто во тебе се изврши таа најсвета и божествена Вечера, која Синот и Словото Божјо ја даде за наше спасение; ти ги слушна тие најслатки и блажени зборови: „Земете, јадете, ова е Моето тело“ и „Пијте од неа сите, зашто ова е Мојата крв на Новиот Завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите“ (Мт. 26, 26-28). Ти се удостои да бидеш сведок на глетка од која ангелите се зачудија, херувимите се повлекоа со страв, серафимите ги покрија очите свои, глетка кога Творецот на небото и земјата, Кој со еден збор сѐ од небитие во битие приведе и Кој од небесните воинства постојано е славен, откако се препаша со крпа, кротко се наведна да им ги измие нозете на Своите ученици, покажувајќи ни дека навистина најголем е оној што најмногу се смирува и на своите ближни најмногу им служи! Но ти, најсвет и Велик Четврток, доживеа да го видиш и на најстрашниот и лицемерен Јудин целив, ти виде како Безгрешниот во рацете на грешници се предава, и тоа од еден од Своите најблиски ученици!

Да се поклониме, христољубиви браќа и сестри, и да ги наведнеме своите глави пред овој свет и Велик Четврток; да Му се поклониме со најголема љубов на нашиот Спасител, Кој денес нѐ учи на божествено смирение, и да се радуваме што Он го предава Своето Тело и Крв за спасение на мнозина. Радувајте се уште повеќе вие, коишто се удостоивте да ги примите светите Христови Тајни денес, кога самото тоа најголемо Таинство е востановено. На денешен ден Господ ги причестил светите апостоли и им заповедал да го воведат во светата Црква тоа причестување, во Негов спомен. Да се радуваме сите ние што се удостоивме за тој голем Божји дар! Но да се радуваме со страв Божји и во најголемо покајание. Да плачеме пред Господа, заедно со онаа блажена жена грешница, која со миро Го помазала Безгрешниот, да благодариме за сите добрини што сме ги примиле од Бога; со солзи да ги целиваме нозете Христови и постојано во мислите да ги прегрнуваме, барајќи прошка за сите гревови што сме ги направиле; да се скрушуваме за сѐ поради кое Бог бил долготрпелив кон нас и да Го молиме да нѐ избави од уделот на Јуда предавникот. Зашто поради нас денес Синот Божји приготвува Вечера во горната одаја; поради нас го покажува Своето бескрајно смирение, миејќи ги нозете на учениците; поради нас пролева крвава пот во Гетсиманија и трпи предавнички целив, шлаканици по образите, плуканици во лицето, трнов венец на главата…

А колку само јасно ги оживеаја во нас овие чудесни и страшни собитија боговдахновените песнопенија на дешената богослужба! Со сите тие слова Бигорската обител како да се слеа во еден поток на покајнички води. И додека нашиот старец, отец Партениј, со најголемо умиление и топли покајни солзи ги читаше евангелските зборови, неговото татковски срце кротко и со најнежна љубов нѐ повикуваше:

 
„Дојдете, возљубени, дојдете раби Христови; да ги скрушиме своите срца и да плачеме пред Господа во покајание. Дојдете да си спомнеме за најстрашните и неискажливи настани во овие насвети и најзначајни за нашето спасение денови и во срдечно смирение да пролееме искрени солзи. Дојдете да си спомнеме за оние неописливи блага што благиот Христос ги придоби за нас со Своите доброволни страдања; дојдете да паднеме пред Бога со скрушеност и простота на своите срца, зашто Он е благ и милосрден и ги спасува сите што се каат. И да Го молиме да нѐ удостои со душевна чистота да се поклониме на Неговото преславно Воскресение. Амин!“