Извадок од интервјуто на Нектарија Каранѕи

Извадок од интервјуто на Нектарија Каранѕи за Грчкото национално радио во врска со концертот во Скопје

Прашање: Пред извесно време учествувавте на концерт во Скопје, за кој слушнавме дека имал голем успех. Како ве дочекаа во соседната земја, имајќи ги во предвид познатите политички разлики?

Нектарија Каранѕи – Византиска и традиционална пејачка од Грција

Моето патување и престојот во Скопје во април 2013 ми овозможи да доживеам едно навистина неповторливо искуство. Прво да напомнам дека на тоа тло постои живо јадро на Православието, благодарение на делата и љубовта на еден многу способен духовен отец, Старецот Партениј од манастирот Бигорски. Бев поканета од старецот и манастирот да учествувам, заедно со многу други ценети уметници и со националната филхармонија, на концертот кој се одржа во Универзалната концертна сала на градот Скопје, а беше посветен на Страдањата Христови. Учествував едноставно не како претставник само на Грција, туку попрецизно, како претставник на православна Грција, бидејќи сите ние православните, без разлика каде и да сме на земјата, прво сме православни, а потоа и носители на својот национален идентитет. Пречекот што ми беше приреден, беше толку трогателен и прво такво искуство за мене. Кога излегов на сцената и го видов присутниот народ, во едно големо мнозинство од преку 2500 луѓе, како стојат исправени, почувствував дека овие луѓе искрено н? почитуваат и би сакале повторно да се обединат во братска љубов со нас, далеку од секакво политичко влијание и државна интрига. Го пеев оплакувањето на Богородица од Велики Петок и гледав како моите православни браќа во публиката плачеа. Не гледав непријатели, ниту дипломати! Организирајќи го овој концерт, старецот Партениј успеа да покаже дека ние, православните, каде и да се наоѓаме на земјата, треба да бидеме и да дејствуваме како браќа.

Прашање: Немавте ли некоја резервираност, заминувајќи на вашето патување?

Секако дека имав. Пред да појдам и конечно да одлучам да речам „да“, многу размислував за тоа дали воопшто би требало да се осмелам. Мојот контакт со православните монахињи со кои разговарав во врска со концертот, но и со самиот Старец, будеше во мене чувство дека треба и вреди да им верувам, но не можев да претпоставам како моето учество ќе биде дочекано од останатите луѓе, поточно од самата публика на концертот, а и тоа како во Грција ќе биде протолкувано моето присуство таму. Кога јавно објавив за овој концерт, уште пред да заминам, примив дури и многу писма од луѓе кои ме советуваа воопшто да не земам учество, наведувајќи ми најразлични причини. Одлучив сепак да појдам, бидејќи сметав дека треба да размислувам како православна. Сфатив дека за овие луѓе од манастирот, кои ја имаат поддршката дури и од значајни современи личности од Грчката православна црква, како што се митрополитот Антим Солунски и игуменот Елисеј од Света Гора, најмалку што можам да направам е да учествувам, да придонесам колку што можам во утврдувањето на нивното дело, бидејќи тие се единствената лулка на Православието во државата на Скопје, која е соочена со многу проблеми, како надворешни така и внатрешни…

Прашање: Се обративте ли јавно на публиката пред која пеевте? Им кажавте ли нешто?

Да, им кажав дека ми е чест и голема радост што се наоѓам во нивната земја и им заблагодарив за срдечниот пречек, за љубовта која ја почувствував уште од првиот момент кога се најдов таму. Исто така, напомнав дека нашите народи имаат многу повеќе сличности одколку разлики и дека под истиот Бог сите сме браќа. Значи најмалку што можеме да направиме, пред Неговата љубов и дарежливост кон нас, е да му ја принесеме нашата заедница и братство.

(Снимено интервју на Нектарија Каранѕи за државното радио на Грција – ЕРА)