Првиот Акатист

Време на Великиот Пост. Време чудесно, од Бога дарувано, време на молитва и покајание. Потонати во смислата на великопосните богослуженија, се чувствуваме како патници кои по тесен, трнлив и напорен пат треба да стигнат до посакуваниот крај. Но не губиме надеж, зашто како непоколеблива Помошничка, како најсигурна Патеводителка Ја имаме Мајката на Светлината, Пресветата Владичица наша Богородица. Акатистот во Нејзина чест е нашиот најсладок спокој, место за почивка и обновување на духовните сили. Тоа радосно богослужение влева спокојство и утеха во душата на секој намерник што си отпочинува во тој прекрасен предел на Великиот Пост, налик на ништо друго од овој минлив свет. И навистина, дури и кога би се собрал целиот овој свет, нудејќи ги сите свои блага и убавини, пак не би можел да ни даде макар и едно најмало парче од утехата што ни ја дава бесмртната Царица наша, првата ќерка на Царот Небесен. Ете, сите имиња на многубројните свети икони, на коишто е изобразен Нејзиниот пречист и пребожествен, толку спасоносен и радостотворен лик, значат радост и утеха.

Денес Црквата Христова, со должна благодарност и благоговение, молитвено стои и се поклонува на една од тие свети Богородични икони, икона преку која на Мајката Божја веќе четиринаесет векови верните побожно Ѝ пеат: „Радувај се, Невесто Неневестна!“ А колку само моќно и вистинито звучи тоа „радувај се!“ испеано како слаткогласна похвала од нашиот најмил старец и игумен, о. Партениј, кој и самиот, како чедо на Пречистата Богомајка, израсна под Нејзиниот мајчински покров на Атонската Света Гора. Како сега и нашите души го слушаат тој исконски поздрав, со кој некогаш архангелот Гавриил Ѝ ја објавил на Дева Марија предвечната тајна за воплотувањето на Синот Божји! Таа акатистна молитвена благодат ги разгорува срцата наши, чувствуваме како градите ни се шират, во нив нема повеќе прегради, тегоби и притесненија; светлина се шири од ликот на славната Мајка, и разгонува секаков овоземен мрак. Самата Нејзина појава, самата светлина и радост на Нејзиното благодатно присуство ги разрешува сите наши недоумици, сите страдања, сите жалости и како прав ги распрснува сите наши непријатели. Токму затоа празник, па и повеќе од празник е за Бигорската обител, кога треба да слави некој спомен за Небесната Царица. Зашто сите тие празнувања за Неа, сите молитви што Ѝ ги упатуваме, целата љубов со која Ја љубиме, се одраз на Нејзината мајчинска грижа и благослов, Нејзината непоколеблива утеха и заштита. Раката Нејзина нѐ води, ризата Нејзина нѐ покрива, очите Нејзини нѐ гледаат, љубовта Нејзина нѐ грее, примерот Нејзин нѐ храбри. И како после сета таа надразумна љубов Нејзина кон нас, грешните, да не Ѝ пееме со најголема радост и благодарност:

„Радувај се, низ Тебе радоста заблеска;
Радувај се, низ Тебе клетвата исчезна.
Радувај се, на паднатиот Адам исправување;
Радувај се, на Ева од солзите исправување.
Радувај се, височино, и за помислите човечки недостижна;
Радувај се, длабочино, ни за очите ангелски несогледива.
Радувај се, зашто си царски престол;
Радувај се, зашто го носиш носителот на сѐ.
Радувај се, ѕвездо, Која Сонцето Го објавува;
Радувај се, утробо на Божественото воплотување.
Радувај се, преку Тебе тварта се обновува,
Радувај се, преку Тебе на Творецот Му се поклонуваме.
Радувај се, Невесто Неневестна!“