Победа на Вистината

Годишно должно благодарење Му принесуваме на Бога, во денот кога повторно ја добиваме Божјата Црква со потврдување на догмите на Православието и со пропаста на злобното злословие. Следејќи ги пророчките изреки, одејќи по апостолските поуки и последувајќи ги евангелските кажувања, да го прославиме денот на обновението

Од Синодиконот во Неделата на Православието

Ниту едно друго нешто не дава такво спокојство, таква радост, храброст и ревност, како што тоа го прави победата. Победата на Вистината над лагата, на чистотата над валканоста, убавината над грдотијата, возвишеноста над ништожноста. Денес славиме токму таква победа; го славиме денот на Победата на Православието над лагата, над нечистите ереси, над грдите и ништожни „мудрувања“ на кнезот на овој свет. Но не славиме некаква злорадосна победа, победа на едни луѓе над други, туку ликуваме затоа што Бог од век во век пронаоѓал души што Му биле толку длабоко предадени и верни, толку способни да бидат заедничари со Него, да Го познаваат, што преку нив, и нам, духовно неуките и помрачени по ум и срце, ни ја открива вистината за Себе. Затоа денес се радуваме што нашиот Господ, толку милостив, толку полн со љубов и снисходење, почнал од столетие во столетие да му се открива на секој човек кој своето срце го отворил за Него и го очистил своето срце и својот живот, за да стане достоен за Христовата љубов, Неговата смрт на Крстот, за Неговото славно Воскресение. Ова е навистина прекрасен ден, во кој говориме и благодариме поради победата на Бога над лагата што како магла беше паднала по целата земја преку човечката невистина и гревовност.

И што друго би можело да биде денешната толку благодатана света Лутургија, отслужена од нашиот водач кон Победата Христова, највозљубениот ни архимандрит Партениј, ако не едно такво силно ликување и благодарење кон Бога за сите добрини што ни ги дал! А ете, Божјата промисла оваа година ја удвои нашата радост: победничкото торжество од Неделата на Православието се совпадна со благодатта од празникот на нашиот најмил небесен закрилник, св. Јован Претеча и Крстител, во чест на пронаоѓањето на неговата сечесна глава. Славеше Бигорската обител за својот патрон, облечена во празнично достоинство, славеше и за сеправославната Победа, со раскошна молитвена литија со чесни крстови и свети икони. Кога, пак, старецот со посебна љубов и свештен страв го прочита Синодиконот од Неделата на Православието, како пред нашите очи духовно да поминаа сите оние кои така длабоко сраснале во тајната Божја, кои така подвижнички се отвориле кон Бога, што сега преку нив Он може и нас да нѐ направи заедничари со Вистината. Нашите срца благодарно им се поклонија на сите тие светители, подвижници, исповедници, маченици, кои Го познале Бога и го споделиле со нас знаењето за Него.

„Оваа е верата на Апостолите. Оваа е верата на Отците. Оваа е верата на православните. Оваа вера вселената ја утврди. И сега ние братски и пријателски ги величаме хероите на верата, во слава и чесна побожност, за која тие се бореа и говориме: Вечен им спомен!“

(Од Синодиконот)