Радувај се, свети Николае, Мирликиска пофалбо

„Радувај се, главо свештена, чист доме на добродетели, правило на божественото свештенство, пастиру велики, светилнику најсветол, кој го носиш името на победата и на тие што се молат си милостив исполнител, кој внимателно гледаш на барањата на немоќните. Подготвен избавителу, спасоносен пазителу на сите оние што со вера го слават твојот свет спомен! Моли Го Христа, преблажени, на светот да му испрати милост голема“

Од стиховните стихири

Додека верните со љубов и смирение пловат по водите на овој триблажен Рождественски пост, сето нивно внатрешно духовно битие стреми кон серадосниот ден на Рождеството Христово, денот кога ѕвездата Витлеемска повторно ќе го објави доаѓањето на Бога на земјата.На оваа духовна пловидба, кога, како што се чини, и самите земни денови ја губат сончевата светлина, и сивилото на зимскиот студ ја покрива целата природа, како светилници што ни го покажуваат патот, се јавуваат светлите празници – спомените на светите Божји угодници. А среде овие духовни светилници особено силно сјае споменот на светиот отец наш Николај Чудотворец Мирликиски, големиот помошник на родот Христијански.

И пак ќе повториме: големиот помошник на родот христијански. Зошто св. Николај, овој голем пријател Христов бил наречен токму така од страна на земната Црква? Затоа што и повикот на неговата служба, и суштината на неговото битие, и целиот неговиот живот воопшто, бил само едно нешто: израз на божествениот ерос кон Христа преку пожртвуваното служење и најчистата љубов кон луѓето, како икони Христови. „Хранител на вдовиците, татко на сираците, помошник на оние што се во маки, утеха на расплаканите, пастир и патеводител на сите заблудени…“ „Пресвети Николае, побрзај да нè избавиш од сегашнава неволја, и спаси го стадото свое, со твоите молитви“. Не случајно црковниот поет, вдахновен од Светиот Дух, св. Николај го ублажува со епитетот „пресвет“. Тоа е големо чествување предодредено за нашата Владичица и небесна Царица Богородица, и малкумина се оние, кои освен Неа, Црквата така ги нарекува. Но „Светилникот најсветол“, „пресветиот Николај“, од времето на својот живот на земјата, па сè до денес, тој епитет потполно го заслужи, со своите непрестајни чудеса и милости го потврди и во свеста на верните засекогаш останува врежан како нивен голем застапник.

Озарени од светлината на овој светилник Христов, братството на нашата свештена обител, собрано околу неговите свети мошти, со најтопла љубов и благодарност го прослави неговиот спомен. Посебно исполнето со благодат беше молитвеното собрание во неговиот параклис, каде што пред моштите, со умиление беа прочитани химните од неговиот акатист.

Сепак, главното празнување на големиот Чудотворец во нашата Дебарско-кичевска епархија беше во храмот на св. Николај Геракомија во Охрид. Таму нашиот почитуван владика, митрополитот Тимотеј, во сослужение со нашиот старец, архимандрит Партениј и со дел од епархиското свештенство, утрово отслужи света Божествена Литургија, молитвено одбележувајќи ја својата куќна слава.

На крајот од светата богослужба, нашиот архипастир не изостави уште еднаш да го поткрепи верното стадо со една пригодна беседа, посветена на големиот подвиг на св. Николај:

Во името на Отецот, Синот и Св. Дух. Амин!

Драги браќа и сестри,

Човекот, од Бога е создаден, за вечно да живее. Истиот бил поставен како круна на сите созданија, да живее и да се насладува во рајот. Таму имал можност директно да општи со Бога. Но, имал и една задача, да не јаде од забранетиот плод. Побуден од нечистивиот, се измамил дека доколку јаде од забранетиот плод, нема да загине, туку, напротив, ќе биде како бог. Таа гордост го доведува во пад, да вкуси од забранетиот плод, да ја наруши Божјата заповед, а преку тоа, да го изгуби рајот. Како плод на гревот настапила смртта. Така, прародителите протерани од рајот, живеат и го заработуваат својот леб со пот и труд. Но, гревот што го сториле нашите прародители, сè повеќе ќе се умножува кај намножениот човечки род. Кога ќе се исполни времето, Бог ќе го испрати Својот Единороден Син Господ Исус Христос, за да го спаси човечкиот род од погибел. За таа цел Господ Христос ќе ја основа новозаветната Црква. Ќе ѝ остави свети тајни, преку кои Он делува и ја дава Својата благодат, односно сила. Благодат која им помага на луѓето да го победат гревот и да ги спасат своите души.

Денешниот светител, светиот Никола Мирликијскиот Чудотворец, нè поучува со својот живот на кротост, воздржливост и на правило на верата. Нè поучува на добродетели кои се спротивни на гордоста, која, пак, била погубна за нашите прародители. Во Св. писмо се вели дека гордоста е мајка на сите зла. Додека, пак, смирението, покорноста и послушноста, се благодети и Божји дарови. Благодети кои ја победуваат гордоста и сите останати зла и пакости, кои го оддалечуваат човекот од Бога. го водат кон застранувања, и како крајна цел го имаат погубувањето на човековата душа.

Св. Никола живеел праведен, побожен и благочестив живот правејќи мноштво добри дела. Затоа, пак, Бог го обдарил и благоизволил, преку него да ја манифестира Својата сила, односно благодатта – енергијата, која им помага на луѓето што со вера и молитва Му се обраќаат. Од житието на св. Никола, знаеме дека овој Божји угодник немал некое високо образование, немал некои ораторски дарби, ни други способности коишто одредени луѓе ги поседуваат. Но, затоа, пак, наспроти овие високи квалитети, тој поседувал смиреност, кротост, набожност и покорност на Бога. А овие, пак, особини, го правеле да биде благороден, душевен и благодетен. Затоа, уште за време на својот земен живот, правел многу добри дела на сите луѓе коишто се наоѓале во мака, во страдање или биле на пат да ги загубат своите души. Ако ги спомнуваме сите, ќе биде многу, но, да спомнеме само два примери. Го спасува бродски капетан којшто се давел. Ги спасува трите ќерки на еден сиромав, негов сограѓанин, кој бил подготвен да ги наведе на блуд, за да може да обезбеди гола егзистенција. Но, св. Никола, не правел безброј добри дела и не им помагал на луѓето само додека бил во овој свет, туку, тој продолжува да престои пред Бога за луѓето уште повеќе откако е преселен во Небесната црква. И денеска, над неговите мошти се случуваат многубројни исцеленија од разни болести. Им помага на разни луѓе, независно од нацијата, верата и од расата. Неговите св. мошти денеска се наоѓаат во Јужна Италија, во градот Бари, во црква посветена во негова чест. Овој свет храм постојано е посетуван, како од православните, исто така и од католиците и од останатите луѓе, коишто имаат потреба да бараат помош и милост од Господа преку св. Никола.

Од сето досега кажано, може да се заклучи дека св. Никола многу добро ги разбрал зборовите на Господа Христа, дека сè што поседуваме во овој свет и живот е ништожно во споредба со бесмртната човекова душа. Ние знаеме како Господ Исус Христос му вели на еден богат човек, кој занесен од богатството и удобноста си велел: „Душо, имаш многу добра, приготвени за многу години; јади, пиј и весели се! Но Бог му рече: Безумнику, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја; тоа што си го приготвил, кому ќе му остане?“ (Лука 12, 19 – 20). Преку овие зборови Господ Христос нè поучува сите, дека треба да се грижиме, да се трудиме за спасение на нашата душа, бидејќи таа е вечна и сè останато треба да се подреди на неа, за спечалување на вечен и блажен живот.

И ние денеска, кои сме собрани во овој свет храм, посветен на овој Божји угодник, да се поучиме од примерот на св. Никола. Па неговиот подвиг нека ни послужи за пример, за углед, за инспирација, како и ние да се однесуваме и да постапуваме во нашиот живот и да не отстапуваме од верата, надежта и љубовта, како кон Бога, така и кон нашите ближни. Да се потрудиме и ние да правиме добри дела, за да можеме да очекуваме од Бога, кога ќе излеземе пред Неговото лице, да ни рече: „Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот“ (Мат. 25, 34).

Да се обратиме со искрена молитва кон св. Никола тој да биде наш молитвеник, да ја зацврстиме нашата вера во Бога, да одиме по вистинскиот пат, да правиме добри дела и да спечалиме вечен и блажен живот за нашите души, сега и во сета вечност. Амин.