Литија на единството, мирот и љубовта во Струга

Светлото празненство и ликување во Рајчица од изминативе два дена, во чест на светиот и славен Великомаченик Георгиј Победоносец, денес во полнота се премести во нашата прекрасна Струга. И не само што се премести, туку уште и како со царски венец се круниса со торжествената традиционална струшка Еордија. Најпрво, на празничната ктиторска вечерна богослужба, со која началствуваше нашиот надлежен Митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, во сослужение со Митрополитот Повардарски, г. Агатангел и бројното свештенство од нашата епархија, недогледниот верен народ, собран во соборниот храм на св. Георгиј и надвор околу него, молитвено го прослави светиот Великомаченик и Победоносец, но си спомна и за блажените ктитори, преродбеници на Струга и помагачи на православните светињи, принесувајќи усрдни молитви за покој на нивните души. После оваа силна соборна молитва, нашите почитувани архипастири, заедно со свештениците, ѓаконите и сиот верен народ, насобран од сите краишта на нашата Татковина, наредени во една раскошна празнична поворка со светите мошти и чудотворната икона, и проследени со прекрасните мелодии на победничките тропари во изведба на Градскиот оркестар на Скопје, се упатија низ главните улици на Струга, излевајќи го насекаде благословот на светиот Победоносец. Како незапирливи водоскоци на благодат на чело на свечената литија, светите мошти на Великомаченикот Георгиј, носени оваа година од г. Владимир Кутановски, г. Антон Миса, г. Доне Прентоски и г. Трпе Дејкоски, сјаеја со небесна убавина, небаре најблагоухан цвет среде цветниот балдахин, и со своето неискажливо благоухание го осенуваа воздухот и го привлекуваа Божјото благоволение врз струшките жители. И бидејќи со своите бројни чудеса се покажал како голем закрилник на децата, подобно беше светиот Победоносец да биде најтопло и најсрдечно поздравен токму од најмалите, најмладите членови на КУД „Илинден“ – Струга, кои облечени во народни носии, со радосни восклици и развеани знаменца, заедно со другите дечиња, ги пречекуваа неговите свети мошти, опсипувајќи ги со облаци од цвеќе. И беше толку восхитувачко за душата да се гледа таа долга река од народ, кои со озарени лица и со свештена почит кон Победоносецот Георгиј радосно се движеа низ струшките улици, привлекувајќи ги погледите на мнозинството народ кои сето ова го набљудуваа отстрана и поттикнувајќи ги и тие самите да се придружат на оваа молитвена поворка. Секоја година, оваа веќе шеста по ред откако се возобнови древната струшка Еордија, на иницијатива на нашиот Старец, Архимандрит Партениј и свештеникот Васко Голабовски од Струга, а со благослов на достојнопочитуваниот надлежен архиереј, митрополит Тимотеј, реката народ е сè подолга и подолга, сè повеќе верници доаѓаат од секаде од Македонија за да земат учество во Струшкото торжество. Доаѓаат и си заминуваат вчудоневидени, побогати за едно несекојдневно духовно искуство, понесувајќи го со себе благословот и небесното застапништво на преславниот Великомаченик и Победоносец Георгиј.

Секогаш имаме потреба од твоите свети молитви и смело застапништво, славен наш Победоносецу Георгие, но сега нашите срца со особена усрдност ти се обраќаат тебе, просејќи да ја закрилиш нашата православна Татковина и со своето копје да ги развееш облаците на непријателството што се надвиснале над неа. Прими го нашето смирено молење, простри го својот благослов на целата наша земја, и испроси од Бога благодатна заштита, отклонувајќи ја опасноста од внатрешни раздори и поделби, и извојувајќи победа над мрачните искушенија, зашто ти имаш голема смелост пред Бога милостивиот.